АНТИКРИЗНИТЕ МЕРКИ ВО ЕВРОПА НАСОЧЕНИ КОН ЗАШТИТА НА ГРАЃАНИТЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

10.11.2009

Програмите за ублажување на кризата во европските земји најпрво се насочени кон помош на погодените работници. ССМ од крајот на минатата година предлага ист приод  - социјалната компонента да биде приоритет на антикризните мерки. Што превземаат европските земји на овој план?...

 

Антикризните мерки треба да бидат насочени кон социјалата, односно најбитна е нивната социјална компонента. Тоа е ставот на Сојузот на синдикатите на Македонија по повод одразот на светската финансиска криза. Ова барање постојано се поставува од крајот на минатата година, кога стана јасно дека светската криза сериозно ќе ја погоди и македонската економија.

Во основа се предлага концептот што е прифатен во земјите на Европската унија. Постојат десетици различни пристапи кон кризата, но заедничка особина е токму социјалната компонета, која се спроведува низ десетици нови модели на заштита и ублажување на финансиската состојба на населението.

За разлика до европските земји, на овдешното политичко раководство повеќе му лежат статистички операции, отколку што размислува за вистински мерки за заштита на населението. Односно, побитна е популистичката пропаганда и создавањето привид дека нешто се прави, отколку здрава програма која треба да даде ефекти. Според податоците на ССМ од јуни 2008 до јули 2009 година се изгубени околу 20.000 работни места. Најголем дел од нив се во индустријата (13.000), во градежништвото (5.000) и во други области. Но затоа Владата пласира сосем поинакви податоци, дека невработеноста се намалува. Статистички можеби, но реално сигурно не. Имено, од јуни 2008 до јули 2009 година од евиденцијата на Агенцијата за вработување се избришани 53.000 лица, по разни основи. Некои затоа што задоцниле да се пријават во точно одредениот ден. Така се стигна до бројката од 350.000 невработени, иако реалната бројка е поголема од 400.000 невработени.

Отприлика таква е природата на “борбата против невработеноста“ и “антирецесиските мерки“ во Македонија. Споредбата со европските земји не е можна, но вреди да се види како се води вистинска антикризна политика. Имено, европските земји формираа нови советодавни тела на национално ниво, воведоа обемни антикризни пакети со поддршка на претпријатијата, го засилуваат социјалниот дијалог и обрнуваат големо внимание на колективните договори.

Воглавно мерките за заштита на погодените работници можат да се поделат во три целини:

  1. Мерки за задржување на вработеноста
  2. Мерки за поттикнување на вработеноста
  3. Финансиска помош за невработените и лицата надвор од пазарот на трудот.

 

1. МЕРКИ ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ВРАБОТЕНОСТА

Скратено работно време и привремена невработеност. Некои земји членки на Унијата, посебно постарите, отпорано имаат системи на згрижување кај скратеното работно време или привремената невработеност. Поради кризата повеќе земји ги проширија овие мерки, и тоа по правило на трипартитни иницијативи. Тоа се Австрија, Белгија, Данска, Франција, Германија, Италија, Литванија, Луксембург, Холандија, Норвешка и Шведска. Новите членки немале такви системи, но некои од нив, како Бугарија, Унгарија, Романија и Словенија, усвоија пакети со ограничено временско траење.

При воведувањето на овие мерки во принцип вклучени се социјалните партнери. Услов за добивање надомест при скратеното работно време е постигната спогодба меѓу работодавачите, синдикатите за скратеното работно време или привремената невработеност.

Најчесто надоместот ги покрива сите сектори, со исклучок на некои земји, кои помошта ја имаат сведено само на индустриските работници, како Бугарија. Во Австрија компензацијата за скратеното работно време изнесува 55 отсто од просечната плата, плус придонес за здравствено и пензиско осигурување. Во Белгија лицето добива 75 отсто од просечната плата, додека максимумот е 2.206 евра. Бугарскиот максимум изнесува 613 евра. Во Германија владата плаќа 67 отсто разлика до полната плата и половина од придонесите. Во Италија се добива 80 отсто од последната плата. Во Словенија привремено невработените имаат право на 80 отсто од својата последна просечна плата за последните три месеци, од кои 50 отсто плаќа државата, а 35 отсто работодавачот.

Во некои држави добивањето државен надомест е условено со стручно усовршување додека работникот не е ангажиран. Во други, како Австрија и Словенија, забрането е отпуштање ако работникот бил ангажиран на скратено работно време.

Програми за оспособување. Неколку држави посебно ги поттикнуваат оспособувањето, образованието и преквалификацијата на работниците за време на привремената невработеност, односно за време на скратено работно време. Така во Велика Британија владата има програма за советување на работодавачите за унапредување на вештините на работниците. Во Франција на иницијатива на синдикатите е воспоставен Социјален инвестициски фонд за оспособување на привремено невработените. Слични мерки постојат во Германија, Италија и Ирска, а на таа се расправа во Естонија, Финска и Шведска.

Намалување на придонеси и даноци. При настојувањето претпријатијата да ги задржат работниците во време на криза, некои земји ги намалуваат придонесите. Во некои намалени се сите придонеси, во други само придонесите за здравство и за пензиско осигурување. Понатаму, претпријатијата можат да бидат изземени од некои даноци или такси, или да побараат одложување на плаќањето. Намалувањето на данокот на платите на работниците е трета платформа – Во Летонија данокот на плата е намален од 25 на 23 отсто, во Полска од 19 на 18 отсто итн.

 

2. МЕРКИ ЗА ПОТТИКНУВАЊЕ НА ВРАБОТЕНОСТА

Повеќето држави ги реформираа јавните служби за вработување, со цел да одговорат на новонастанатата ситуација. Службите ги поврзуваат огласите и прикладните кандидати, даваат совети и потполнуваат пријави (Шведска, Велика Британија, Ирска). Во други случаи вниманието е насочено кон одредени категории, како младите до 25 години, работниците во фармацевтската индустрија (Италија), или дополнителни мерки за работниците имигранти (Ирска).

Некои држави го поттикнуваат вработувањето со намалување на трошоците, како ослободување од даноци и придонеси. Во Франција претпријатијата со помалку од 10 вработени се ослободени од плаќање придонеси за платите на новите примени за 2009 година. Германија го намали придонесот за здравство за нововработените, Португалија ги ослободува малите претпријатија 24 месеци од плаќање придонеси ако вработат долготрајно невработени лица.

Во некои земји се нуди финансиска помош за компаниите, во облик на дел од платите на нововработените (Бугарија, Унгарија, Велика Британија, Грција).

Големи програми се покренати за оспособувањето на невработените, преку организирање курсеви, преквалификација (Франција, Холандија), совладување на зелени технологија во градежништвото (Ирска), финансирање на курсеви за преквалификација (Австрија).

Поттикнување на самовработувањето е воведено во повеќе земји. Овие мерки најчесто се финансирани од Европскиот социјален фонд. Во Франција невработениот може веднаш да ја подигне половина од вкупниот надоместок за невработени ако почне сопствен бизнис, а другата половина ако бизнисот тргне. Чешка, Словачка и Шведска ги намалија социјалните придонеси за самовработените за 2009 и 2010 година, додека различни поттикнувачки мерки за формирање нови претпријатија воведоа Австрија, Литванија, Португалија, Велика Британија, Естонија и Полска.

 

3. ФИНАНСИСКА ПОМОШ ЗА НЕВРАБОТЕНИТЕ

Поради кризата повеќе европски земји ги проширија критериумите за надоместот што го примаат невработените, и тоа износот и траењето.  Ублажени критериуми за стекнување право на надомест воведоа Франција, Финска и Шведска. Покрај оваа мерка Италија експериментално воведе надомест и за приправниците. Чешка го зголеми надоместот на 130 отсто за почетните месеци и го намали на 70 отсто за подоцнежните, со цел да го поттикне барањето на нова работа. Естонија го зголеми надоместот од 50 отсто на 70 отсто од последната плата. Синдикатите во Грција, Романија и Словенија бараат зголемување на износите и траењето на надоместот за невработените. Полска и Романија го продолжија времетраењето на примањето на надоместот.

Други земји разгледуваат нови можности за ублажување на кризата, како предвремено пензионирање. Во некои земји постарата популација не е погодена со кризата (Кипар, Данска, Полска) и таму не се расправа за промена на условите за пензионирање. Но тоа не е случај во Унгарија, Летонија, Луксембург и Романија, каде забележале дека кризата има силни негативни последици на постарите работници. Посебна програма за предвремено пензионирање за вработените во банкарскиот сектор воведе Италија.

Постојат многу различни мерки за еднократна помош на невработените. Германија воведе еднократна помош од 100 евра на сите приматели на детски додаток, Полска и Португалија еднократна помош на домаќинствата кои имаат проблем со отплатување на кредити, Франција за 100 отсто ги зголеми средствата за бескаматните станбени кредити, Бугарија еднократна помош за греење.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc