ЕКОНОМСКАТА КРИЗА СОЗДАВА ГЛОБАЛНА СОЦИЈАЛНА РЕЦЕСИЈА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

26.10.2009

Светската криза не ги погаѓа само жените, младите, невработените и другите ранливи категории – 45 отсто вработени живеат во услови на сиромаштија. Политичките и безбедносните последици се застрашувачки. Трипартитниот дијалог, со синдикатите и работодавачите, треба да има централна улога во одговорот на кризата, советува МОТ...

 

Глобалната економска криза ќе доведе до драматично зголемување на бројот на невработени, на бројот на вработени кои живеат во услови на сиромаштија, како и оние кои се вбројуваат во ранливи категории вработени, изнесува Меѓународната организација на трудот (МОТ) во својот годишен извештај “Глобални трендови во вработеноста“ (Global Employment Trends - GET).

Извештајот предвидува  пораст на невработеноста за 18 до 30 милиони во светски рамки, со можност, ако ситуацијата продолжи да се влошува, бројката да достигне 50 милиони.

Според истиот извештај околу 200 милиони работници, претежно во земјите во развој, можат да се најдат во услови на крајна сиромаштија.

“Пораката на МОТ е реалистична, а не панична. Соочени сме со глобална криза на работните места. Многу влади се свесни за состојбата и превземаат мерки, но за да се избегне светска социјална криза потребна е одлучна и координирана акција. Напредокот во сузбивањето на сиромаштијата е неуедначен, а средните класи ширум светот се се послаби. Политичките и безбедносните последици се застрашувачки. Кризата дополнително го нагласува значењето што МОТ го придава на концептот на достоинствена работа. Многу елементи на концептот можеме да го пронајдеме и во моментните мерки за поттикнување на новите работни места, јакнење и проширување на социјалната заштита и давање на поголемо значење на социјалниот дијалог“, изјави Хуан Сомавиа, генерален директор на МОТ.

КЛУЧНИ ПРОЕКЦИИ ОД ИЗВЕШТАЈОТ НА МОТ

Според проценките на ММФ од декември 2008 година глобалната невработеност ќе порасне на 6,1 отсто во 2009 година, во споредба со 5,7 отсто во 2007 година, што ќе резултира со 18 милиони нови невработени.

Ако економските услови се влошат повеќе отколку што е предвидено во 2008 година, а таков развој на настаните е можен, глобалната невработеност може да порасне на 6,5 отсто, што би одговарало на зголемување на невработеноста за нови 30 милиони.

Според моментно најлошото сценарио глобалната невработеност може да достигне стапка од 7,1 отсто и да создаде нови 50 милиони невработени.

Бројот на вработени кои живеат во услови на крајна сиромаштија, а тоа се оние кои заработуваат помалку од два УС долари дневно по член на семејство, може да достигне 1,4 милијарди лица, односно на 45 отсто од сите вработени во светот.

Во 2009 година учеството на вработените кои припаѓаат на ранливите категории може да порасне на вкупно 53 отсто од вработената популација.

ОСТАНАТИ НАОДИ

Извештајот на МОТ наведува дека во 2008 година најголема стапка на невработеност имале Северна Африка и Блискиот исток, со 10,3 односно 9,4 отсто. Следат средна и југоисточна Европа (државите надвор од ЕУ), односно Заедницата на независни држави со 8,8 отсто, субсахарска Африка со 7,9 и Латинска Америка со стапка од 7,3 отсто.

Источна Азија има најниска невработеност од 3,8 отсто, после се јужна Азија со 5,4 и југоисточна Азија со Пацифик со 5,7 отсто во 2008 година. На три азиски региони: јужна, југоисточна со Пацифик и источна Азија, отпаѓаат 57 отсто новоотворени работни места во 2008 година.

Негативни се трендовите во индустриски развиените земји и во ЕУ за нето бројот на новоотворени работни места. Во овие региони се изгубени се 900.000 работни места.

Најголемо зголемување на стапката на невработеност е забележана во индустриски развиените земји (5,7 отсто) и ЕУ (6,4 отсто).

МЕРКИ ПРЕДЛОЖЕНИ ОД МОТ

Светската криза ја зголеми грижата за социјалните последици кои МОТ ги истакнуваше. Нагласувајќи ја потребата за превземање заштитни мерки кај загрозените категории граѓани на пазарот на трудот, како што се младите и жените, извештајот забележува дека во светот и понатаму постои работен потенцијал кој е неискористен. Економскиот раст би можел да биде значително поголем и развојот побрз, кога со помош на продуктивни инвестиции и активни политики на пазарот на трудот луѓето би добиле прилика да работат на достоинствени работни места.

“Концептот на достоинствена работа е прикладен како политичка рамка за соочување со кризата. Трипартитиниот социјален дијалог, со работодавачите и синдикатите, треба да игра централна улога во одговорот на кризата“, укажува Сомавиа.

Пописот на политички мерки кои ги препорача МОТ досега го применија повеќе влади. Тие мерки вклучуваат:

  • проширување на надокнадите и системите на социјална сигурност за време на невработеност, преквалификација на одвишните работници и заштита на пензиите од губитоците на финансиските пазари,
  • јавни инвестиции во инфраструктурата и становањето, локална инфраструктура и “зелени работи’, вклучувајќи користење на вонредни јавни работи,
  • поддршка на малите и средните претпријатија,
  • социјален дијалог на ниво на компаниите, на секторите и на национално ниво.

Доколку поголем број земји, користејќи ги сопствените акумулирани резерви, итните заеми од ММФ и посилни механизми на поддршка, истовремено би почнале да спроведуваат политики ускладени со концептот за достоинствен труд на МОТ, тогаш последиците од рецесијата врз компаниите, работниците  и нивните семејства би можеле да бидат ублажени.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc