СЕ ПОДГОТВУВА УШТЕ ПОСТРАШЕН ХОРОР ВО ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

22.10.2009

Собранието деновиве расправа за менување на законите за основно и средно образование, со што власта ќе добие одврзани раце за целосна партизација во образованието. После 1.000 отпуштени наставници пред учебната година неизвесна е судбината на 6.500 наставници на определено време, предупредуваат од Мултиетничкиот синдикат за образование...

 

Деновиве со Собранието се расправа за промени во законите за основно и за средно образование. Со овие измени се отвора простор за целосна партизација на образовниот систем – односно, власта добива можност да вработува свои луѓе. Проблемот е што е неизвесна судбината на околу 6.500 наставници кои работат на определено време.

Ова предупредување денес на конференција за печат е изнесено во Сојузот на синдикатите на Македонија. Милан Живковиќ, портпарол на ССМ, запраша дали Владата мисли на семејствата на луѓето што ќе останат без работа. Имаме примери на професорки кои се во седми и осми месец на бременост и кои не знаат дали утре ќе бидат на платен список во училиштата.

Сузана Стефановиќ, претседател на Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО), ги запозна новинарите со измените што се подготвуваат. Во Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование стои “на јавен оглас за засновање на работен однос за наставник, стручен соработник, односно воспитувач може да се пријави лице без положен стручен испит и да заснова работен однос на определено време до крајот на учебната година“. По овој став треба да се додаде нов кој гласи: “Без положен стручен испит не може да се заснова работен однос на неопределено време“. Членови со иста содржина се предвидуваат и во Законот за средно образование.

Што тоа практично значи? Дека Министерството за образование, Владата и други структури можат да вработуваат свои луѓе кои немаат положено стручен испит. Се создава правна рамка преку која на легален и законит начин ќе се врши целосна партизација на образованието, нагласи Стефановиќ.

Најголем проблем е тоа што ќе бидат доведени во прашање работните места на околу 6.500 наставници вработени на определено време. Не е случаен периодот во кој треба да се донесат овие измени. Кон крајот на месец ноември завршуваат договорите потпишани на три месеци. После тоа треба да се објават огласи за потполнување на работните места на определено време.

Што ќе се случи после тоа? Стефановиќ тврди дека ќе се отпуштаат работници со неколку години искуство и ќе се примаат нови без никакво работно искуство – како што беше минатиот месец.

Да потсетиме дека пред почетокот на учебната година не им беа продолжени договорите на преку 1.000 наставници. Меѓу нив се најдоа наставници кои работат на определено време по неколку години, па и подолго од пет години и на кои, според Законот за работни односи, автоматски работното место треба да им биде трансформирано на неопределено време. После неколку изјави во јавноста во установите не се случи ништо – ниеден од овие наставници не го реши проблемот со својот статус. Имаме информации дека само во два случаи, во Тетово и Штип, наставници добиле решенија. На сите други само им се ветува, објасни Стефановиќ.

На прашањето на новинарите за следните чекори доколку  апелот на МЕСО до пратениците не вроди со плод портпаролот Живковиќ објасни дека ССМ се спрема за јавен протест против менувањето на Законот за работни односи. МЕСО е синдикат здружен во ССМ и на протестот ќе се изнесат и барањата на образовниот синдикат, односно на наставниците на кои им се подготвуваат откази.

ССМ на 20 август ги предупреди граѓаните, СОНК и Министерството за образование за потенцијалните проблеми со кои ќе се соочат вработените на определено време. Министерството и СОНК изјавија дека трансформацијата ќе се заврши до крајот на август, но се покажа дека тоа беа празни зборови и ветувања.

Посебна е улогата на СОНК, напомена Живковиќ. Овие луѓе беа напуштени од синдикатот во кој до скоро членуваа и со кој пред една година протестираа, токму со цел да не се случуваат вакви појави

Ние укажуваме дека работниците во Македонија се искористуваат за нечии задни цели. ССМ секогаш ќе излегува пред медиумите и ќе ги брани правата на тие работници. Апелираме до Владата да престане ССМ да го меша со партиите. По сите меѓународни дефиниции за улогата на синдикатот ССМ секогаш ќе биде опозиција на власта. Реалноста покажува дека само уште ССМ се бори за објективна заштита на работниот народ во Македонија. Ако Владата седнеше да разговара со ССМ немаше да има потреба од лепење етикети, нагласи портпаролот Живковиќ.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc