УТРЕ ПРОТЕСТ НА ССМ ПРЕД СОБРАНИЕТО

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

14.10.2009

Органите и телата на Сојузот на синдикатите на Македонија утре во 12 часот ќе одржат протест пред Собранието на РМ. Причина се најавените измени на Законот за работни односи, со кои продолжува намалувањето на работничките права и слободи...

 

Утре, на 14 октомври, во 12 часот, телата и органите на Сојузот на синдикатите на Македонија ќе одржат протест пред Собранието на Република Македонија, ги извести медиумите на денешната конференција за печат портпаролот на ССМ Милан Живковиќ. Причина се најавените измени и дополнувања на Законот за работни односи, со што понатаму се намалуваат работничките права и слободи.

Во моментот кога сите треба да се радуваме на позитивните сигнали од Брисел ние во Македонија се соочуваме со суровата реалност наречена отсуство на социјален дијалог, рече Живковиќ. Деновиве е најавено ново намалување на стекнатите права на работниците, што за ССМ е апсолутно неприфатливо. Го слушаме неприфатливиот аргумент дека на тој начин се отвора нова бизнис клима и влез на странски инвестиции. Меѓутоа, една од негативните последици на кршењето на правата на македонскиот работник е претворањето на Република Македонија во апсолутистичка држава. Меѓу останатото, измените во законот се во спротивност на Уставот на РМ и на конвенциите на Меѓународната организација на трудот.

Протестот нема да биде масовен поради временската ограниченост, која не дозволи поширока организација, објасни портпаролот. На протестот ќе излезат членовите на советот на ССМ, Претседателството на Советот на ССМ, Надзорниот одбор, Статутарната комисија и органите и телата на гранските синдикати. Овие органи и тела пред протестот ќе одржат вонредна седница.

Од ССМ до претседателот на Собранието Трајко Вељаноски е испратено писмо со барање да се одложи расправата во Собранието за Законот за работни односи, но не очекуваме позитивен одговор, објасни Живковиќ. ССМ во повеќе наврати поднесе предлози и мислења за Законот за работни односи, но е незадоволен од непостоењето на социјален дијалог во земјава.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc