ЗЕМЈИТЕ ОД РЕГИОНОТ ЈА НАМАЛУВААТ АДМИНИСТРАЦИЈАТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

13.10.2009

Во Србија идната година државната администрација треба да се намали за најмалку 10 отсто, Бугарија ја намалува администрацијата за 13.000 лица, во Романија до 2.015 година треба да се отпуштат 326.000 чиновници…

 

Во неколку земји од регионот се носат планови за намалување на државната администрација. Моментно најактуелна е ситуацијата во Србија, каде е во тек донесување закон за максимален број вработени во републичката администрација. Се најавува намалување на бројот на државната администрација за најмалку 10 отсто, што е околу 14.000 постојано вработени и неколку илјади ангажирани по други основи, и тоа само за 2.010 година. Синдикатите енергично реагираат, најпрво затоа што не се консултирани околу плановите за намалување на јавниот сектор.

Слични постапки превзема и Бугарија, чија влада планира да ја намали државната администрација за 15 отсто. Од вкупно 87.000 државни службеници треба да бидат отпуштени 13.050. Министрите и шефовите на државните агенции се должни до први ноември да достават планови за намалување на бројот на вработените. Во Романија, пак, до 2.015 година без работа треба да останат 326.000 лица во јавната администрација. Синдикатите сметаат дека постапките се прифатени поради парите од Меѓународниот монетарен фонд.

Посебно жестоки се реакциите во Србија, каде синдикатите реагираат поради тоа што не се вклучени во расправа за плановите на владата. Претседателот на Сојузот на самостојните синдикати на Србија Љубисав Орбовиќ за медиумите изјави дека “ова е див пат, без договор и консензус. Прописите не предвидуваат отпремнини и воведуваат оценувања кои не се добар модел“. Бранислав Чанак од синдикатот “Независност“ изјави: “Ако министрите ги оценуваат вработените, кој ќе ги оценува министрите? Одговорот е – партиите. Значи, министрите ќе мораат да ги спасуваат партиските луѓе и да ги отпуштаат професионалците. Ова е закон кој можеби ќе го задоволи ММФ, но сигурно нема да создаде ефикасна управа“.

Во моментов во Србија не се знае на основа на кои стандарди и по кои прописи ќе се намалува државната администрација. Меѓутоа, весникот “Правда“ калулира со уште позастрашувачки бројки – ќе се отпуштат 100.000 лица. Јавната администрација треба да се намали за 50.000, додека по десет отсто од вработените треба да се намалат пет системи: војската, полицијата, здравството, просветата и правосудството. Тоа се уште 50.000 луѓе.

Синдикатите го отфрлаат планот на Владата и најавуваат жестоки и масовни протести.

Во Хрватска засега нема најави за било какво намалување на администрацијата, и покрај неповолниот однос на вработени во јавниот и приватниот сектор. Имено, Хрватска е една од поразвиените земји во која државните и јавните служби вработуваат 260.000 лица, додека во преработувачката индустрија има 250.000 вработени.  Министерот за море, транспорт и инфраструктура Божидар Калмета изјави дека намалување на државната администрација во Хрватска нема да има во догледно време. Но и во хрватската јавност се споменува дека влезот во ЕУ, НАТО и договорите со ММФ сигурно ќе се плати со намалување на јавниот сектор.

Односот на вработените во јавниот и приватниот сектор во Македонија, кој отприлика изнесува еден спрема пет, не е толку неповолен. Засега нема најава за намалување на бројноста во јавните служби, но вестите од соседството сепак се вознемирувачки, посебно поради евроатлантските аспирации на земјата, кои по правило вклучуваат намалување на државниот апарат и на јавниот сектор. Синдикатот секако е априори против било какво намалување на бројот на вработени, но смета дека негативна тенденција со години наназад се партиските вработувања. Со смените на власта партиите гледаат да вработат што повеќе свои луѓе, што еден ден може да предизвика сериозни социјални проблеми.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc