ДЕНЕС Е СВЕТСКИОТ ДЕН НА ПРИСТОЈНАТА РАБОТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

7.10.2009

Сојузот на синдикатите на Македонија го одбележа Светскиот ден на пристојната работа. Според Меѓународната организација на трудот  пристојната работа е клучен фактор за искоренување на сиромаштијата...

 

Денес во Сојузот на синдикатите на Македонија е одбележан 7 октомври, Светскиот ден на пристојната работа, за што се одржа конференција за печат. На средбата со новинарите портпаролот на ССМ Милан Живковиќ ги објасни основните приоритети и цели на Програмата за пристојна работа на Меѓународната организација на трудот.

Пристојната работа е главната цел на меѓународните политики и стратегии за развој и за намалување на сиромаштијата. Односно, пристојната работа става приоритети во социјалната, економската и политичката агенда на земјите.

Во таа насока одредени се повеќе приоритети. На прво место е фер глобализацијата, која ќе овозможи сите да имаат корист од новиот светски економски систем. Треба да се знае дека не е доволно само да се донесат инвестиции во земјата, туку дека тие треба да создадат можности за пристојна работа.

Намалувањето на сиромаштијата е вториот приоритет, рече Живковиќ. Во многу семејства во Македонија вработен е само еден член од семејството, додека 53.000 семејства се принудени да бараат социјална помош. Замислете како би изгледало ако тој број се зголеми само за половина процент.

Треба да биде загарантирана сигурноста на работните места. Социјалната вклученост е следен приоритет. Не треба да се сконцентрираме само на општо примените видови на дискриминација, туку да се искорени најчестиот вид дискриминација во Македонија, а тоа е дискриминацијата по основ на политичката определеност, рече Живковиќ.

За достоинствен живот битно е да се одреди минимална плата. Дали вработените кои примаат од шест до осум илјади денари можат да кажат дека работата им е извор на благосостојба на семејството?

Мора да се води сметка за различноста, која исто така е приоритет. Имено, населението во секоја земја има различни потреби, навики и култура.

Главната цел на достоинствената работа е да се добие позитивна промена во животите на луѓето на национално и на локално ниво. Меѓународната организација на трудот започна со имплементирање на “Програмата за пристојна работа“, која ќе ги согледува и ќе ги анализира тековните состојби од аспект на пристојната работа.

Во одбележувањето на денот се вклучени Сојузот на синдикатите на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати и Унијата на независни и автономни синдикати. За жал, КСС и УНАСМ не одговорија на нашата желба овој ден да се одбележи заеднички, извести Живковиќ. Во секој случај, ќе се формира трипартитна комисија која ќе ја спроведува програмата и ќе предлага активности.

Програмата за пристојна работа има четири стратегиски цели, од кои првата е создавање на работни места. Економијата треба да дава можности за инвестирање, претприемништво, развивање на вештини, создавање работни места и одржлива егзистенција.

Втората цел е гарантирање на работните права. Треба да се признаат и да се почитуваат правата на работниците. На сите работници, особено обесправените и сиромашните, им треба претставување, учество и добри закони кои се за, а не против нивните интереси.

Третата стратегиска цел е проширување на социјалната заштита. Потребно е да се промовираат вклученоста и продуктивноста, со гаранција дека мажите и жените имаат еднакви работни услови. Работните услови треба да бидат безбедни, да дозволуваат адекватно слободно време и одмор, да ги земат во предвид семејните и социјалните вредности и да овозможат адекватна компензација во случај на загуба или намалени примања.

Промовирањето на дијалог и решавање на конфликти се четвртата стратегиска цел. Луѓето во сиромаштија ја разбираат потребата од преговори и знаат дека дијалогот е вистинскиот начин за мирно решавање на проблемите. Социјалниот дијалог треба да вклучува силни и независни организации на работници и работодавачи и претставува најважен фактор за зголемување на продуктивноста и за намалување на споровите на работното место.

Во продолжение го пренесуваме документот на Меѓународната организација на трудот посветен на пристојната работа.

ФАКТИ ЗА ПРИСТОЈНАТА РАБОТА

“Примарната цел на Меѓународната организација на трудот е да ги промовира можностите на жените и мажите да добијат пристојна и продуктивна работа во услови на слобода, правичност, сигурност и човечко достоинство“. Ова е уводниот цитат на Хуан Сомавиа, генерален директор на МОТ.

Концептот за пристојна работа беше формулиран од страна на основачите на МОТ, меѓу кои имаше влади и организации на работници и работодавачи. Целта е да се одредат најважните цели на организацијата и да се модернизира пристапот на МОТ во 21. век.

Концептот е базиран на сфаќањето дека работата е извор на лично достоинство, семејна сигурност, мир во заедницата, демократија која исполнува и економски раст кој ги зголемува можностите за продуктивни работни места и развој на претпријатијата.

За релативно кусо време концептот доведе до меѓународен консензус меѓу владите, работодавачите, синдикатите и организациите на цивилното општество дека продуктивното вработување и пристојната работа се клучните елементи за фер глобализација и намалување на сиромаштијата.

На светскиот самит на Обединетите нации во 2005 година 150 глобални лидери се согласија да ги назначат целосната и продуктивната вработеност и пристојната работа како главни цели на релевантните национални и меѓународни политики. Исто така нагласена беше централната улога на пристојната работа во стратегиите за развој и намалувањето на сиромаштијата.

Во 2006 година во високиот сегмент на Економскиот и социјалниот совет на ОН (ЕКОСОК) министрите потврдија дека “можностите за мажите и жените да имаат продуктивна работа во услови на слобода, правичност, сигурност и достоинство се суштински во искоренувањето на гладот и сиромаштијата, подобрувањето на општата економска и социјална благосостојба, постигнувањето на постојан економски раст, витален развиток на сите нации и целосно вклучителна и праведна глобализација“. Тие од телата на ОН и од финансиските институции побараа да ги поддржат напорите за остварување на целите на целосната и продуктивна вработеност и пристојна работа во сите нивни политики, програми и активности. Тие исто така ги поттикнаа релевантните агенции да земат активно учество во развитокот на алатките за промоција на пристојната работа, која е промовирана од страна на МОТ кон Главниот извршен одбор за координација на системот на ОН.

Пристојната работа одразува голем број на приоритети на социјалната, економската и политичката агенда на земјите и на меѓународниот систем, и тоа преку:

  • Фер глобализација. Сегашниот модел не создава доволно работни места за местата каде луѓето живеат. Глобалниот раст мора да биде преобликуван за да се добијат поголеми можности за пристојна работа, посебно за младите жени и мажи.
  • Намалување на сиромаштијата. Зголемувањето на вработеноста и намалувањето на сиромаштијата се нераскинливо порзани. Пристојната работа е најдобриот излез од сиромаштијата. Во Уставот на МОТ стои – “сиромаштијата било каде претставува закана за просперитетот насекаде“.
  • Сигурност. Заедница која работи е заедница која живее во мир. Ова е правило на локално, национално, регионално и глобално ниво.
  • Социјална вклученост. Постигнување еднаквост на можности и надминување на дискриминација на секој вид вработување се клучни за целосна реализација на човековите способности.
  • Достоинство. Работата не е производ. Луѓето за кои работата е извор на достоинство и благосостојба на семејството имаат права кои мора да бидат почитувани. Тие не се само дел од цената на производот.
  • Различност. Политиките мора да бидат направени според потребите на земјата.

Какви се последиците од недостатокот на пристојна работа?

Светот денес се соочува со дефицит на пристојна работа. Под ова се подразбира невработеност и недоволна ангажираност, слаб квалитет и непродуктивни работни места, несигурна работа и несигурна плата, непочитување на правата и родова дискриминација. Многу од работниците мигранти се подложни на експлоатација, тие немаат право на глас и немаат адекватна заштита од загуба на примањата во случај на болест, неможност или старост.

  • Некои од показателите за дефицитот на пристојна работа се: половина од вработените во светот не се во можност да добијат повеќе од два долари дневно, што е граница на сиромаштијата;
  • Поголемиот дел од светот има значаен родов јаз, како во квантитетот, така и во квалитетот на вработеноста. Жените почесто работат во неформалната економија, со мала или без никаква социјална заштита и висок степен на несигурност;
  • Повеќе од 85 милиони млади од 15 до 24 години возраст во светот се невработени. Тоа е половина од вкупната светска невработеност, иако оваа старосна група претставува само 25 отсто од вкупното работоспособно население;
  • Работната миграција е во пораст. Во светот има над 86 милиони работници мигранти, од кои 34 милиони се во земјите во развој;
  • Глобалниот економски раст се помалку успева во создавањето нови и подобри работни места, кои би довеле до намалување на сиромаштијата.

Една од главните девизи на МОТ е пристојната работа да стане глобална цел и национална реалност. Главната цел на пристојната работа е да се оствари позитивна промена во животите на луѓето на национално и на локално ниво. МОТ дава поддршка преку интегрирани програми за пристојна работа на земјите, направени во кординација со основачите на МОТ. Тие ги дефинираат приоритетите и целите на развиток во национални рамки и се стремат да ги надминат недостатоците на пристојната работа преку ефикасни програми кои ги опфаќаат сите стратегиски цели.

МОТ работи со други партнери, во и надвор од рамките на ОН, за да обезбеди продлабочена експертиза и клучни инструменти за политиките во создавањето и имплементацијата на овие програми. МОТ исто така дава поддршка за градење на институции потребни за нивно спроведување. Балансот на програмите се разликува од земја до земја, зависно од нивните потреби, ресурси и приоритети.

Напредокот исто така бара акција и на глобално ниво. Програмата на пристојната работа нуди основа за поцврста и постабилна рамка за глобален развој. МОТ работи на развивањето на пристап на економска и социјална политика, кои ќе бидат базирани на пристојната работа, во партнерството со главните институции и учесници од мултилатералниот систем и глобалната економија.

Остварувањето на Програмата за пристојна работа се постигнува со имплементација на четирите стратегиски цели, со родова еднаквост како сеприсутна цел. Тоа се:

  • Создавање на работни места – економија која дава можности за инвестирање, претприемништво, развивање на вештини, создавање работни места и одржлива егзистенција;
  • Гарантирање на работните права – признавање и почитување на правата на работниците. На сите работници, особено на обесправените и сиромашните, им се потребни претставување, учество и добри закони кои работат за, а не против нивните интереси;
  • Проширување на социјалната заштита – да се промовираат вклученоста и продуктивноста, со гаранција дека мажите и жените имаат работни услови што се безбедни, дозволуваат адекватно слободно време и одмор, ги земаат во предвид семејните и социјалните вредности, овозможуваат адекватна компензација во случај на загуба или намалени примања и дозволуваат адекватна здравствена заштита;
  • Промовирање на дијалог и решавање на конфликти – луѓето во сиромаштија ја разбираат потребата од преговори и знаат дека дијалогот е вистинскиот начин за мирно решавање на проблемите. Социјалниот дијалог, кој вклучува силни и независни организации на работници и работодавачи, е најважен за зголемување на продуктивноста, за намалување на споровите на работното место, и тоа преку градење кохезивни заедници.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc