НАЦИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА СЕРТИФИКАЦИЈА НА ШУМИТЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

6.10.2009

Синдикатот на работниците од шумарството, дрвна индустрија и енергетика и Светската синдикална федерација за градежништво, дрвна индустрија и шумарство денес организираат национална конференција за сертификација на шумите во Македонија...

 

Денес во Охрид се одржува национална конференција за сертификација на шумите во Република Македонија. Организатори се Синдикатот на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика и BWI, Светската синдикална федерација за градежништво, дрвна индустрија и шумарство.

На Конференцијата ќе учествуваат претставници на синдикатите од Шведска, Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, потоа претставници на Владата на Република Македонија, Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, Министерството за финансии, Министерството за животна средина и на Јавното претпријатие “Македонски шуми“.

Во основа се работи корисниците на шумите, правни или физички лица, да добијат FSC сертификат. Сертификатот значи потврда за потеклото, квалитетот и другите стандарди на производот. Тоа е неопходен услов за работење и извоз на производи во Европската Унија. По дефиниција FSC акредитираниот сертификат значи дека со шумата се стопанисува по строги социолошки, економски, еколошки, социјални, културни и духовни стандарди. Сертификатот е неопходен за работење и извоз во земјите на Европската Унија.

FSC (Forest Stewardship Council) е независна, невладина, непрофитна организација, основана со цел промоција на одговорно управување со светските шуми.  Принципите и критериумите се основа за сите FSC стандарди (FSC Principes and Criteria) за стопанисување со шумите.

Усвојувањето на FSC серификацијата е сложен и долготраен процес, кој бара доста труд и време. Во сите земји кои воведуваат сертификација на шумите една од главните улоги во усвојувањето на стандардите игра синдикатот за шумарство. Така и  во Македонија во процесот за сертификација водечка организаторска функција има Синдикатот за шумарство, дрвна индустрија и енергетика, покрај Јавното претпријатие “Македонски шуми“ и другите институции. Инаку активностите за сертификација на македонските шуми се започнати пред околу пет години.

Зголемената општествена свест за уништувањето и деградацијата на шумите доведе до појавата потрошувачите да сакаат да бидат сигурни дека со купувањето на дрвото и на другите производи од дрво нема да придонесат за уништување, туку за зачувување на шумското богатство. Поради потребата на овие барања се појавија меѓународни организации кои изградија стандарди за стекнување право на заштитена маркица. Изградени се процедури за испитување дали корисникот на шумите (правно или физичко лице) ги почитува меѓународно признатите стандарди за сертификација.

FSC стандардот е заснован на начелата и критериумите за урамнотежена грижа за економските, социјалните и културните компоненти за стопанисување на шумите. Сертификатот може да го издаде само некоја организација овластена од FSC централата. Организацијата извршува инспекција на корисникот, врши увид во документацијата и го утврдува состојбата на теренот. FSC сертификатот се издава на пет години, со тоа што секоја година се врши мониторинг посета.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc