НА НАРОДОТ НЕ МУ СЕ ПОТРЕБНИ РЕКЛАМИ, ТУКУ КОНКРЕТНА ПОМОШ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

1.10.2009

Антикризните мерки не дадоа резултати. Потребен е итен социјален договор, со цел да им се помогне на луѓето да ја пребродат кризата, гласи пораката од Сојузот на синдикатите до Владата...

 

Во Република Македонија е потребен договор меѓу Синдикатот и Владата. Целта на договорот е да се најдат остварливи модели со кој ќе им се помогне на луѓето да ја пребродат кризата. Очекуваме до средината на месец октомври да се оствари средба, од која во крајна линија ќе зависи дали ќе се организира протест кон крајот на ноември.

Ова на денешната конференција за печат го изнесе Милан Живковиќ, портпарол на Сојузот на синдикатите на Македонија. Пренесувајќи ги заклучоците од вчерашната 18. седница на највисокиот орган, Советот на ССМ, Живковиќ ги запозна новинарите со ставовите на Синдикатот за последиците што граѓаните ги трпат од економската рецесија. Ние имаме морална обврска кон нашите членови, и кон сите граѓани на Република Македонија, заеднички да пронајдеме начин да ги ублажиме последиците од економската криза.

Средбата и разговорите не значат автоматски постигнување договор. Не е време за претстави пред јавноста, туку за вистински, конкретни мерки, нагласи Живковиќ. На Владата треба да и биде јасно дека целта на Синдикатот не е само да критикува, туку да соработува, во интерес на народот.

Од крајот на минатата година ССМ предупредуваше дека светската криза ќе се одрази во Македонија. Ги поддржа трите антикризни пакети на Владата, иако тие беа задоцнети и не дадоа резултати. Го поздравуваме ребалансот на буџетот, со кој расходите се намалуваат за 80 милиони евра, но сметаме дека има простор за натамошно намалување на трошоците. Пред се за хонорарите за надворешните лица, за набавките на мебел, службените возила и дневниците.

На народот не му се потребни реклами, туку поддршка на работните места. Податоците што ги пласира Владата за бројот на невработени не ја отсликува вистинската состојба. Невработеноста не се намалува со бришење на луѓето од евиденцијата на Агенцијата за вработување. Од јуни 2008 до јули 2009 година се избришани 53.000 лица, по разни основи. Така се стигна до бројка од 350.000 невработени, иако реалната бројка, според нашите податоци, е над 400.000 лица.

За една година изгубени се околу 20.000 работни места. Најмногу во индустријата, 13.000, потоа 4.000 во градежништвото и во другите гранки, изнесе Живковиќ. Ние исто така го повторуваме нашиот став дека треба да постојат повеќе услови за пензионирање.

Скоро ништо не се реализира од антикризните мерки на Владата. Во стопанството не е влезен ниту еден денар од најавените средства од Европската инвестициона банка. Треба да се зголеми обемот на кредитната поддршка, да се обезбедат бенефиции за банкарските услуги на граѓаните, да се даде дополнителен грејс период и да се намалат каматите.

Во антикризните мерки воопшто ја нема социјалната компонента. Ние апелиравме и сега го бараме истото - да не се прогласуваат технолошки вишоци при првата појава на проблеми, да не се злоупотребува кризата за замена на постарите кадри со помлади, кои ќе бидат помалку платени, да се задржи нивото на платите и да се обезбедат средства за субвенционирање на плаќањето електрична енергија, извести Живковиќ.

 

Во прилог на денешната прес конференција пренесуваме некои од заклучоците од вчерашната седница на Советот на ССМ:

  • да се забрза и да се поедностави постапката за реализација на предвидената кредитна поддршка на малите и средните претпријатија од Европската инвестициона банка;
  • да се зголеми обемот на кредитната поддршка со ефтини кредити и да се прошири на големите претпријатија, бидејќи тие обезбедуваат работа за голем дел од малите и средни претпријатија;
  • да се изврши репрограмирање на достасаните обврски на претпријатијата и да се обезбедат пониски камати за инвестициските кредити;
  • да се воведат бенефиции за долговите на граѓаните, како дополнителен грејс период, намалување на каматите и слично;
  • да се обезбедат субвенции на претпријатијата за зачувување на работните места и да се исплатат ветените средства од 30 евра за секој работник во текстилната индустрија;
  • Владата да донесе програма за еднократна помош на работниците кои останале без работа како последица од економската криза, или немаат земено плата повеќе месеци;
  • мерките за социјално загрозените семејства (СОС продавниците и субвенционирање на електричната енергија со 2.000 денари) да се прошират на семејствата со минимални примања.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc