СОВЕТОТ НА ССМ НАЈАВУВА ЈАВЕН ПРОТЕСТ КОН КРАЈОТ НА НОЕМВРИ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

30.09.2009

Владата тврди дека вработени се 618.189 граѓани, што е само еден од многуте лажни податоци со кои ја замајува јавноста. Во реалноста економијата оди надолу, сиромаштијата се зголемува, младите бегаат во странство...

 

Советот на Сојузот на синдикатите на Македонија на денешната седница најави организирање јавен протест, кој би се одржал кон крајот на месец ноември. Причина е што Владата не прави ништо за да подобри лошата економска и социјална состојба во државата, заклучија членовите на Советот.

Пласирањето лажни податоци станаа вообичаено однесување на Владата, што од своја страна претставува потценување на интелигенцијата на народот. Имено, во поновата историја, пред транзицијата, Македонија има постигнато максимум вработеност од 545.000 лица. Таа бројка никогаш не е достигната, но Агенцијата за вработување изнесува дека денес се вработени 618.189 граѓани.

Ова се очигледно штимувани податоци, со кои се настојува да се создаде лажна идилична слика за некаква благосостојба во земјава. Според ПИОМ, пак, вработени има 475.000, додека Министерството за финансии има податоци за околу 400.000 вработени.

Реалноста е сосем поинаква од сликата што сака да се создаде. Економијата оди надолу, сиромаштијата се зголемува, додека младите, не гледајќи друг излез, спасот го бараат во западните земји, рече денес на седницата претседателот на ССМ Ванчо Муратовски.

Суровата реалност и ги подотвори замижаните очи на политичко  економската елита – факт е дека Македонија е во рецесија. Во првите два квартала од 2009 година едноподруго е остварено опаѓање на економијата за 0,9 и за два отсто. Пад се очекува и во третиот квартал. Фрлени се во вода прогнозите дека малата македонска економија ќе биде поштедена од светската финансиска криза, истакна Муратовски.

Исто така се манипулира и со бројот на невработени. Со бришење од евиденција се создава лажна слика за намалување на невработеноста. Воведена е нова постапка лицето да се брише од евиденција на невработените ако задоцни само еден час да се пријави. На тој начин бројот на невработените е намален за 73.000, додека фактички состојбата е непроменета, или дури и влошена. Само во првите шест месеци бројот на работници во индустријата е намален за 6,3 отсто.

Владата не се занимава со економска политика, туку има други приоритети. Нема дадено никакви ефекти ни една мерка за зачувување на индустријата и вкупната економија, образложи Драге Јованоски, раководител на Секторот за правна заштита. Само “Шведмилк“ за една година создаде загуба од 35 милиони евра, што е досегашен апсолутен рекорд на загуба на било кое македонско претпријатие. Што се однесува до синдикалното движење, прва грижа и е со сила да ги натера луѓето да преминат во нејзиниот владин синдикат.

Негативни се состојбите на сите области кои во посебна анализа ги обработија службите на ССМ, како бруто домашниот производ, стоковната размена, индустриското производство, цените, трошоците на живот, бројот на вработени, состојбите со платите.

Во втората половина од 2008 година ССМ предупредуваше дека земјава ќе биде погодена од светската криза. ССМ даде поддршка на трите пакети антикризни мерки на Владата, иако забележа дека се доцни со реакцијата. По донесувањето на антикризните мерки Синдикатот предложи проширување на мерките. Генерална оценка на ССМ е дека мерките воопшто не се остварија. Покрај тоа што кредитната поддршка е промашена, не се прифатени предлозите на ССМ грејс периодот за кредитирање да се зголеми од 12 на 18 месеци, да се пласираат 200 наместо 120 милиони евра од Европската инвестициона банка и друго.

Од страна на ССМ посебно е значајно што антикризните мерки воопшто немаат социјална компонента. Од Владата се бараше да апелира до претпријатијата да не прогласуваат технолошки вишоци, да не ја користат кризата како изговор за отпуштања, да ги задржат платите на исто ниво, да се продолжи времето за примање надоместок во случај ан невработеност. Владата не обезбеди субвенции за зачувување на работните места. Не го исполни ni ветувањето дека ќе донира по 30 евра за секој работник како помош од кризата. Единствено позитивно е ангажирањето на 5.000 невработени за извршување јавни работи.

Покрај Информацијата за економската состојба на денешната седница Советот расправаше за предлозите на ССМ околу менувањето на Законот за работни односи, за правната заштита во периодот јануари - јуни 2009 година и за Информацијата за психичкиот притисок на работното место, односно мобингот.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc