АГОНИЈАТА НА ШЕЌЕРАНЦИ ПРОДОЛЖУВА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

25.09.2009

Апелациониот суд во Битола донесе мериторна пресуда со која го забрани штрајкот на вработените во Шеќераната “4 ноември“. Бугарските сопственици прават што сакаат, државата не мрднува со прст...

 

Штрајкот се прогласува за нелегитимен, гласи содржината на мериторната пресуда на Апелациониот суд во Битола. Со тоа речиси е запечатена судбината на повеќе од стотина вработени во Фабриката за шеќер “4 Ноември“, кои со прекини штрајкуваат од минатата година.

Досега се поделени 24 откази, над 50 лица се испратени на принуден одмор, а само на 30 сопственикот им дозволил да се вратат на работа. По се изгледа дека не им се пишува добро на сите 120 учесници на штрајкот, информираат од АГРО Синдикатот.

Љубомир Митев, правник во АГРО Синдикатот, ни објаснува дека штрајкот е забранет од чисто формални причини, а не поради основаноста на барањата. Со оваа пресуда дефинитивно се става крај на правото на штрајк како уставно право, што претставува преседан. Досега не се случило со судска пресуда да се забрани правото на штрајк.

Барањата на штрајкувачите се зголемување на ниските плати, донесување на колективен договор на ниво на претпријатието и внесување на хранарината и патарината во основната плата.

Меѓутоа, најтешко од се им паѓа тортурата и секојдневните малтретирања на кои се изложени. Се случило работник да биде казнет затоа што јадел геврек, и тоа пред да влезе во фабричкиот круг, друг затоа што отишол во ВЦ, трет е казнет без да знае зошто.

Во АГРО Синдикатот ни пренесуваат дека досега се обратиле до неколку министерства и дека барале средба и со премиерот. Сите се согласија дека на овие луѓе треба да им се помогне, но досега од ниедна институција не е превземена ни една реакција. Директорот Георги Стоев, пак, упорно одбива да разговара со Синдикатот. Тој не е член на Организацијата на работодавачи и не сака да потпише колективен договор.

Меѓу штрајкувачите може да се слушне мислење дека сопственикот на Шеќераната има слобода да прави што сака поради блискост со власта и помошта за време на изборите. Шеќеранци сметаат дека државата, ако сака, може да интервенира, затоа што ПИОМ е сопственик на 46 отсто од капиталот. Не е се чисто во доаѓањето на бугарскиот “Литекс“, велат работниците. Државата еден долг кон стоковите резерви го претвори во сопственост и почна да врши притисок врз вработените да ги продадат нивните акции.

Откази имаат добиено и синдикалните повереници и активисти, иако тие, според Законот за работни односи (член 200) имаат имунитет.

Проблемите почнаа пред шест години, кога Шеќераната ја откупи бугарската компанија “Литекс“. Од некогашните 320 работници останаа нешто над 200, кои работат во скоро невозможни услови на секојдневни психолошки притисоци.

Штетите од превземањето на фабриката од страна на бугарската компанија не се ограничени само на вработените. Со децении Шеќераната беше матица на битолското стопанство, од која произлегоа други производни капацитети, меѓу кои Пиварницата и фабриката за алкохол. За одгледување шеќерна репа исушени се стотици хектари мочурливи површини во Пелагонија. Од одгледување на оваа земјоделска култура живееја од 15.000 до 20.000 семејства во Македонија, и тоа не само во битолскиот регион, туку во скопскиот, тетовскиот и други. Со доаѓањето на бугарската компанија запре и откупот на репа, која е заменета со увозни суровини, а производството на репа практично не постои.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc