МЛАДИТЕ ВО ЕВРОПА НАЈРАЗОЧАРАНИОТ ДЕЛ ОД ПОПУЛАЦИЈАТА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

16.09.2009

Вклучувањето на младите во општеството не е само овдешна особеност, иако Македонија е европски рекордер по невработеноста. Истиот проблем постои и во Унијата, каде младите генерации се лесни жртви на работодавачите...

 

Постои депресија, летаргија, малодушност кај младите генерации. Во целата земја се чувствува силна анемичност, која е најизразена токму кај оној дел од населението кое треба да го најде своето место под сонцето. Едноставно нема идеологија во која младите можат да се препознаат себеси. Некогашната идеологија замина во заборав пред дваесет години и на нејзино место не дојде замена, така што денес младите се дезориентирани, без перспективи и со несигурна иднина. Нивното вклучување во општествените текови е навистина сериозна задача за сите нас.

Ова е мислењето на Ванчо Муратовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, што го изнесе на денешната панел дискусија “Општествено вклучување и сиромаштија“, што се одржа во Домот на Армијата во Скопје.

Панел дискусијата е дел од двегодишната кампања “Отворен дијалог за општествена вклученост на младите луѓе преку вработување и правата на работниците во Република Македонија“. Кампањата е заеднички проект на Балканската фондација за деца и млади, Економскиот факултет при Универзитетот во Љубљана и Сојузот на синдикатите на Македонија.

Што треба да се прави младите генерации да добијат повеќе шанси да се вклучат во општите текови на заедницата? Прашањето не е само особеност за Македонија, затоа што во цела Европа, па и во земјите членки, младите се жртви на социјалната исклученост и сиромаштијата. Невработеноста на лицата од 15 до 24 години во Унијата е 14 отсто, додека во Македонија е 57,4 отсто, информираше доктор Маја Геровска Митев од Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет.

Во основа на проблемот се злоупотребите на позицијата на младите од страна на работодавачите. Немајќи излез тие прифаќаат ангажмани под нивната стручност, коментираше Горан Лукиќ од Сојузот на слободните синдикати на Словенија. Во Шпанија постои нов збор за оваа категорија лица, “мерлиористас“. Тоа се луѓе кои течно зборуваат неколку јазици и по правило се  со високо образование, но кои работаат на определено време и за помалку пари. Едноставно работодавачите ја користат високата невработеност (стапката на невработеност кај младите Шпанци е 33 отсто) да добијат работници кои ќе ги плаќаат помалку. Во Италија, пак, еквивалент е зборот “кококо“.

Кај другите земји од некогашната југословенска федерација преовладува мислењето дека Словенија нема економски и социјални проблеми. Напротив, јас велам дека има, и тоа сериозни проблеми. Мобингот врз младите во Словенија е од зачудувачки размери. Тие се ангажираат на определено време, за помала плата и постојано се под притисок:  молчи, или нема да ти го продолжиме договорот. Така ја опиша позицијата на младите во Словенија Горан Лукиќ.

Рецесијата го зголеми бројот на невработените млади во Унијата. За само една година бројката од четири милиони нарасна на пет милиони.

Присутните на панел дискусијата, повеќето студенти на општествени науки, се интересираа за улогата на синдикатите во акциите од овој тип.

Се отвораат малку нови работни места и воопшто приликите во Македонија се такви што младите луѓе сметаат дека најбрзо ќе добијат место со партиска книшка. Но тоа е само привремено решение, затоа што кога една власт заминува новата прави чистка за да отвори место за свои членови. За заштита останува единствено Синдикатот, кој по дефиниција е неполитична организација, надвор од партиските пресметки, објасни претседателот Муратовски.

На забелешката од студентите дека не знаат во кој синдикат да се активираат Муратовски објасни дека сами ќе се уверат кој е вистинскиот синдикат. За други се покажа дека се обични приврзоци на власта, кои ќе паднат во заборав со смената на нивните покровители. Но не е политиката единствена област со која ќе се судрат младите. Утре ќе се соочат со сурови менаџери кои ќе ги искористуваат и нормално е дека младите ќе бараат заштита.

Голема улога играат предрасудите кон синдикатот, дополни Лукиќ. Се мисли дека тоа се средновечни луѓе кои седат во канцеларии. Затоа синдикатите треба да се отворат кон младите. Позитивен пример се шведските синдикати, кои имаат посебни ограноци за контакти со студентите, со специјалност советување при наоѓањето работа.

Улогата на синдикатите во социјалната вклученост се состои во четири мерки: советодавна улога, обука со доквалификација и преквалификација, помош при вработување и социјално вклучување.

Европската Унија започна да се занимава со општествената вклученост на младите од деведесеттите години. Почнати се неколку проекти, како Белата книга, Пакт за младите и други. Така и кампањата во Македонија  е дел од активностите на Меѓународната фондација за млади, чија мрежа е распространета во 60 земји.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc