ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ОТВОРА ТЕМАТА ДИСКРИМИНАЦИЈА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

15.09.2009

Прилагодувањето кон европското законодавство вклучува ефикасен систем против сите видови дискриминација – полова, старосна, верска и други. Според стандардите на Унијата водечка улога треба да имаат синдикатите и граѓанскиот сектор...

 

Синдикатите и невладините организации се најповикани институции за уредување на ефикасен систем против дискриминацијата. Нивната соработка е можна и пожелна, затоа што синдикатите се дел од процесот на трудовите односи, додека невладините организации имаат поширока хуманистичка агенда.

Ова е еден од заклучоците на денешната јавна дебата “Улогата на граѓанските организации и синдикатите во борбата против дискриминацијата во Република Македонија – сегашни практики, дијалог и предизвици“, што денес се одржа во хотелот “Континентал“ во Скопје.

Република Македонија треба да го прилагоди своето со европското законодавство и оттаму мора да се почне со уредување на оваа област, рече Наташа Постоловска, извршна директорка на Сојузот “Македонија без дискриминација“. Препораките на преставниците на ЕУ во прв ред се однесуваат на блиската соработка на граѓанските организации и синдикатите.

Се наоѓаме на почеток на процес  кој сигурно понатаму ќе се развива, изјави магистер Лазар Јовевски, асистент по трудово право, социјално право и меѓународно трудово право на Правниот факултет “Јустинијан Први“. Се отвораат многу прашања, но во прв ред е свеста на луѓето, во смисол дали можат да ја препознаат дискриминацијата, понекогаш и дали се свесни дека врз нив се врши некој вид дискриминација. Во Македонија дискриминацијата постои и најпогодени се четири групи: бремените жени и доилките, младите работници, хендикепираните лица и најстарите работници.

Проблем е информираноста и свеста, изјави Анѓелко Анѓелковски, претседател на Синдикатот за кожа, текстил и чевли. Постојат бројни случаи, но овде или се премолчуваат или не се пријавуваат. Затоа е потребен посебен и прецизен закон.

Следните прашања кои произлегоа од дебатата се: како да се препознае дискриминацијата, како да се подигне свеста на погодените лица, дали е потребен посебен закон против дискриминација. Јовевски истакна дека не може со неколку члена во Законот за работни односи да се уреди една посебна материја, туку дека е потребен посебен пропис. Важни се и колективните договори, кои треба да ги опфатат и да ги уредат сите видови дискриминација и оттаму произлегува една од важните улоги на синдикатите.

Законот за работни односи е пренатрупан и со дискриминацијата може да се случи истото со мобингот, да се сведе на неколку члена што нема да значат ништо, предупреди Инда Савиќ од Сојузот на синдикатите на Македонија. Тоа значи дека дискриминацијата треба да добие посебен, прецизен пропис во легислативата. Денешниот собир е само прелиминарен, но веќе може да се препознаат идните правци на дејствување.

Инаку, од сите поканети синдикати на дебатата присуствуваа само ССМ и синдикатот на лица со хендикеп “Еднаквост“, додека од страна на граѓанскиот сектор присуствуваа неколку организации, меѓу кои “Полио плус“ Универзитетот “Трето доба“ и други.

Претставникот на синдикатот “Еднаквост“, Љубомир Груевски, посведочи дека во Македонија постои дискриминација на инвалидизирани лица. Овој синдикат е основан неодамна, во 2008 година, но располага со податоци за случаи на дискриминација од страна на менаџери врз оваа категорија вработени.

На дебатата исто така се дискутираше околу прашањето дали мобингот е еден вид дискриминација. Инда Савиќ смета дека во поширок смисол мобингот може да се смета за извор на дискриминирачки односи, затоа што во основа психичкиот притисок е вид на дискриминација. Јовевски наоѓа потесна врска меѓу двете состојби. Медицината научно докажа стресот на работното место е предизвикувач низа сериозни заболувања, меѓу кои на прво место е излив на мозокот. Бројноста на болестите од стресот е поголема од заболувањата од загаденост и радијација заедно, информираше Јовевски.

Присутните се согласија дека денешната јавна дебата е само почеток на еден еден обемен и долготраен процес кој се отвора во Македонија. Слично како мобингот, појавата што сосем непозната до пред само неколку години, но која денес стана една од централните теми во работните средини и пошироко во секојдневниот живот.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc