МОБИНГОТ СЕ УШТЕ ЧЕКА ПОСЕБЕН ЗАКОН

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

11.09.2009

Сојузот на синдикатите смета дека треба да се донесе посебен закон за мобинг, појавата која добива масовни размери во Македонија. Заради ситни политички поени прописите се сведоа на неколку реченици во Законот за работни односи...

 

Сојузот на синдикатите смета дека во Македонија се созреани условите за донесување посебен закон за мобинг. Пред одморите ССМ најави дека ќе понуди комплетен предлог на закон, но одеднаш се вмешаа политички субјекти. Пратеничката Лилјана Поповска, од некоја причина, се наметна за “главна“ во проектот и идејата ја сведе дополнување на Законот за работни односи со неколку члена. Содржината на дополнувањето, сега во втора фаза на читање на собраниските комисии, отприлика може да се сведе на тоа дека “забранет е секаков вид психичко вознемирување на работното место “. Следува тенка дефиниција на мобингот, нешто за судските трошоци и тоа е воглавно се. Така посебниот закон за мобинг треба да чека, но ССМ и понатаму ќе настојува оваа појава да добие солиден простор во легислативата.

Меѓутоа, психичките малтретирања, понижувања и притисоци на работните места, стануваат се помасовна појава во работните средини во Македонија. Во ССМ секојдневно се бележат јавувања, поплаки, барања за помош. Евидентно е дека Македонија го следи светскиот феномен на хоризонтално и вертикално проширување на мобингот. Првичен доказ е анкетата на ССМ, според која од 510 испитаници 41 отсто се изјасниле дека се жртви на мобинг, 30 отсто дека трпат притисоци поради политичка определеност и 40 отсто дека имаат сериозни здравствени проблеми поради притисоците на работното место. Излезе на видело и една македонска специфика – мобингот е позастапен во државната администрација и во јавните служби, отколку во приватниот сектор.

Оттаму ССМ е со став дека во Република Македонија треба да се донесе посебен пропис, во кој ќе биде опфатена целата материја. Помеѓу останатото, се повеќе земји донесуваат посебни прописи, кои по правило се доста обемни и ги опфаќаат сите аспекти – дефинирањето, документирањето на случаите, заштитата, одштетата, решавање преку поредување.

Како се одвиваа работите во Собранието и неговите тела? На дебатите и работилниците на кампањата што ја води ССМ стана јасно дека идејата за посебен закон ја поддржуваат сите субјекти – членството, невладините организации, дел од политичките партии, медиумите. Дури и политичките партии кои сметаат дека “се уште е рано“. Пратеничката Поповска, иако самата водеше кампања со наслов “Ни треба закон за мобинг“, во Собранието покрена иницијатива за дополнување на Законот за работни односи. Во јули и август се расправаше во три комисии на Собранието: законодавната, за еднакви можности на мажите и жените и за труд и социјална политика. Комисиите сепак ја прифатија иницијативата за дополнување на ЗРО.

Во расправата на собраниските комисии учествуваа претставници на ССМ, кои укажаа дека со дополнувањето на законот состојбата ќе се усложни и дека мобингот е сложена материја за да се сведе на неколку члена, и тоа во закон кој ионака е преоптоварен. Тие предложија иницијативата на пратеничката Поповска да се повлече и побараа да се поведе јавна расправа, со учество на повеќе субјекти од земјата. Посебна забелешка на Синдикатот е што не расправаше Економско – социјалниот совет.

ССМ смета дека не е доволно само да се дефинира појавата на мобинг и да се каже дека е забранета. Треба да се уредат прашањата за:

  • мерките што работодавачот треба да ги воведе за да го спречи мобингот,
  • заштитата на вработените, постапката на судска заштита,
  • заштита на жртвата на мобинг ако се поведе судска постапка,
  • идентификување на моберот,
  • образование и оспособување на вработените за да можат да го препознаат мобингот,
  • улогата на синдикатот и претставникот за безбедност и здравје,
  • казните за сторителите на мобинг и ред други прашања.

Откако преовлада мислењето за дополнување на Законот за работни односи синдикалците од ССМ побараа проширување на предложените членови, со дефиниција на сторителот, против кого се води постапка и кој ќе сноси одговорност. Прифатен е предлогот на ССМ да се додаде нов член за заштита на жртвите на мобинг.

Во меѓувреме покрај зголемениот број обраќања до ССМ за помош од психички притисок се забележува една нова појава. Иако луѓето по правило се плашат за работното место сепак се повеќе ги има оние кои сакаат да поведат судски постапки, па и својот случај да го изнесат во јавноста.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc