ПРОФЕСИЈАТА ДРЖАВЕН СЛУЖБЕНИК СТАНУВА РИЗИЧНА ЗА ЗДРАВЈЕТО

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

9.09.2009

Притисоците со политичка заднина кулминираат последните две години во државната администрација. Многумина го губат здравјето, некои и животот - во 2007 година починале 64 лица додека барале помош, минатата година 45. Во Синдикатот УПОЗ сметаат дека причина се неиздржливите притисоци, кои во најголем дел се политички мотивирани...

 

Порано најризични професии беа градежништвото и рударството, додека  последните години им се придружува државната администрација и јавните служби. Психичките притисоци се карактеристични за сите досегашни влади, но кулминација добија последните две години, изјави на денешната конференција за печат Пецо Грујовски, генерален секретар на Синдикатот на управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).

Притисоците, во најголем дел се политички мотивирани, директно се одразуваат врз здравјето на вработените, а често добиваат фатален исход. Имено, во 2007 година починале 64 лица додека барале помош од Синдикалниот фонд на УПОЗ, во 2008 година 45, додека истата појава продолжува и во тековната година. Боледувањата се зголемуваат и според бројот и според времетраењето – минатата година се зголемени за 50 отсто, со тоа што добар дел од нив траат и по шест месеци. Најизложени се вработените кои за раководителите се политички неподобни, истакна Грујовски.

Посебен показател е тоа што боледувањата, како и обраќањата за помош,  се зголемуваат после изборите, без оглед дали се локални или парламентарни. Во 2007 година бројот на обраќања до УПОЗ изнесуваше 1.488, додека минатата година 935, додека за првото полугодие на 2009 година помош побарале 970 членови на УПОЗ. Но треба да се знае дека тоа се интервенции само за членовите на УПОЗ, што значи дека теророт во администрацијата е многу пораширена појава, потенцираше Грујовски.

Очигледно е дека во државаната администрација се влошува состојбата со нарушување на правата од работниот однос. Според евиденцијата на УПОЗ во 2007 година имало 562 повреди на работните права, во 2008 бројката е намалена на 256 случаи. Во 2007 година имало 69 откази од лични причини и 88 од деловни причини, додека минатата година 103 откази од лични и 30 од деловни причини. Меѓутоа, не може да се заклучи дека состојбата се подобрува, од едноставна причина што луѓето се плашат да реагираат, рече Грујовски.

Пример е Царинската управа, која се претвори во еден вид модерен Алкатраз. Поради заплашувањата, казните, отпуштањата, притисоците да се откажат од членување во Синдикатот, луѓето не се осмелуваат да излезат со изјави. Без оглед на се ние знаеме за теророт што владее во Царинската управа и затоа УПОЗ размислува да поведе кривична пријава против директорот Ванчо Каргов, најави Грујовски.

За малтретирањата, психичкиот терор, политичките притисоци УПОЗ ја извести Меѓународната организација на синдикатите од јавните служби Public Service International (PSI). Од таму стигна одговор дека ќе се интервенира кај македонската Владата.

Грујовски информираше и за функционирањето на Синдикалниот фонд на УПОЗ. Покрај вообичаените бескаматни позајмици  за лекување во странство, смрт во семејството, штрајк и други потреби помошта е проширена на неповратни средства за неколку вида потреби, како боледување или тешка финансиска состојба. Досега од Синдикалниот фонд на УПОЗ се доделени околу 250.000 евра неповратна помош на членовите. Од 2006 година се воведени бескаматни позајмици за лекување, погоденост од елементарни непогоди, школување, венчавки и за други потреби.

Тоа се пари од членовите за членовите, односно дел од членарината оди во Фондот кои одобрува позајмица или помош за членовите кои имаат потреба, појасни Грујовски. УПОЗ размислува за отворање на штедилница, со што секој член еднаш годишно би добивал бескаматна позајмица. Инаку токму од Солидарниот фонд беа исплатени сумите кои тогашниот министер не им ги исплати на административците во 2001 година, кога штрајкуваа 80 дена.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc