АКО САКА, ВЛАДАТА ЗА ДВА ДЕНА МОЖЕ ДА ГО РЕШИ ПРОБЛЕМОТ НА ОТПУШТЕНИТЕ НАСТАВНИЦИ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

4.09.2009

ССМ и Мултиетничкиот синдикат за образование бараат од Владата под итно да ги сопре чистките во образованието. Дојчин Цветановски после две недели конечно го пронашле – и тоа во Варшава, Полска...

 

 

Сојузот на синдикатите на Македонија и Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО) бараат од Владата и од министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика да го сопрат непродолжувањето на договорите на наставниците на определено време. Односно, да се престане со чистките во образованието, кои досега оставија над илјада лица без егзистенција.

Ова е дел од денешната изјава за медиумите на Милан Живковиќ, портпарол на ССМ и на Драге Јованоски, раководител на Секторот за правна заштита на ССМ. Сојузот на синдикатите и Мултиетничкиот синдикат сметаат дека Владата почна да сфаќа дека проблемот ескалира и дека најумно е да се стави мораториум на настаните што последните дваесет дена го потресуваат образовниот систем, како и целата македонска јавност.

На новинарите, кои беа повикани пред Собранието на Република Македонија, им беше поделен писмениот одговор на претседателот на Владата Никола Груевски до МЕСО. Во писмото премиерот известува дека “канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија, постапувајќи согласно своите надлежности, претставката со ваш бр. 0306 од 20.08.2009 година ја проследи до Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, со укажување писмено да бидете известени за постапувањето по претставката“.

Одговорот го сметаме како знак на промена на односот на Владата кон настаните во образованието и очекуваме двете министерства наскоро да ги повикаат ССМ и МЕСО на преговори, оцени Јованоски.

Се прашуваме каде е СОНК, односно неговиот претседател Дојчин Цветановски, изјави портпаролот на ССМ Милан Живковиќ. Цветановски го нема последните дваесет дена и колку што слушнавме го нашле, преку телефон, на некакво советување во Варшава. Можеби за него економската криза во Полска е поважна од судбината на наставниците во Македонија.

На прашањето на новинарите на колку лица не им е продолжен работниот однос Живковиќ одговори дека вработени на определено време се околу 6.000 наставници, додека договорите не им се продолжени на повеќе од една илјада. Меѓутоа, тој број секојдневно расте. ССМ и МЕСО секојдневно ги посетуваат училишните институции низ земјата. Вчера во Струмица регистриравме 35 до 40 непродолжувања на договорите, додека слични постапки продолжуваат и во други региони, информираше Живковиќ.

Според Законот за работни односи после пет години работа на определено време лицето автоматски се префрла на неопределено време. ССМ цело време предупредуваше на штетноста од продолжувањето на рокот со менувањето на законот. Поранешното решение беше две години, се продолжи на четири и сега на пет години, потсети Јованоски.

Никој не знае каква спогодба потпишале СОНК и Министерството за образование. Никој ниту ја видел, ниту знае што содржи таа спогодба, потсети Живковиќ. Инаку другите барања на МЕСО, освен сопирањето на чистките, се редефинирање на колективниот договор за дејностите во образованието и зголемување на трошоците за исхрана и превоз  за 1.210 денари.

Новинарите се интересираа за најавеното одржување на Извршниот одбор на СОНК во недела, на 6 септември, истиот ден кога ССМ очекува разговори со министерствата, при што евентуално ќе дојде во временско преклопување на министерствата. Од ССМ изјавија дека состанокот на СОНК е од интерен карактер и дека нема пречки да се одржат очекуваните средби.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc