СТРУМИЧАНИ ЗАПРЕПАСТЕНИ ОД ЧИСТКИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

4.09.2009

Во Струмица со отпуштените наставници масовно се солидаризираат нивните колеги вработени на неопределено време, како и голем број граѓани. Во село Моноспитово родителите се заканија дека ќе ги префрлат децата да учат во друга општина...

 

 

Под итно да престанат чистките во образовниот систем, политиката да се тргне од училиштата и до крајот на месецот на сите наставници ангажирани на определено време да им бидат продолжени договорите, без разлика дали добиле откази или не. Ова се барањата кои на вчерашната прес конференција во Струмица ги искажаа Милан Живковиќ, портпарол на Сојузот на синдикатите на Македонија и Кољо Најденов, секретар на Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО).

Струмичани не заостануваат во жестокоста на осудите на скандалозните чистки во образовниот систем. На прес конференцијата тие изразија запрепастеност од она што се случува во образовниот систем. Имено, во општина Босилово се избркани 17 лица, во општина Василево 13, во Иловица 16 наставници.

Посебно обележје на револтот на струмичани е случајот во селото Моноспитово, општина Босилово. Родителите на учениците се закануваат дека ќе ги префрлат нивните деца на настава во соседно Муртино, поради тоа што наставничката која им предавала на децата е избркана од работа.

Колегијална солидарност со жртвите на чистките покажаа незасегнатите наставници, вработени на неопределено време. Голем број од нив присуствуваа на прес конференцијата, иако повеќето се членови на СОНК. Сите наставници, како и граѓаните, јавно го повикаа претседателот на СОНК Дојчин Цветановски да даде објаснување каква спогодба потпишал со Министерството за образование и што содржи таа.

Претседателот на СОНК Цветановски десет дена се крие од јавноста, избегнувајќи да одговори каква е неговата улога во големото зло што ги снајде 6.000 наставници во земјата, рече портпаролот на ССМ Милан Живковиќ. Револтот е огромен и оттаму е разбирлива одлуката на струмичките наставници масовно да истапат од СОНК и да станат членови на МЕСО, изјави секретарот Кољо Најденов.

 

Поврзана вест:

ВО МИЛАДИНОВЦИ ДИРЕКТОРКАТА НАПАДНАЛА НАСТАВНИЧКА

Во основното училиште “Браќа Миладиновци“ во село Миладиновци, скопско, наставничката Галина Стевановска е физички повредена од страна на директорката на училиштето Невена Бошковска.

Без никаква причина директорката ми го одзеде класното раководство и го даде на лице кое не е вработено во училиштето, туку предава хонорарно. На моето барање да ми образложи зошто го прави тоа директорката силно ја турна вратата кон мене и со тоа физички ме повреди – кажува Стефановска, покажувајќи ги повредите на левата рака.

Повикана е полиција, кога дошла на лице место, додека за повредите Стевановска има извадено лекарска потврда. Инаку таа е наставник со 20 годишен стаж.

Нападите на директорите на училиштата стануваат секојдневие. Покрај познатиот настан во село Чегране, каде директорот пукал со пиштол во сопругот на избркана наставничка, секојдневно во канцеларијата на МЕСО стигнуваат сведоштва за насилничко однесување на директори на училиштата од целата земја.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc