СОВЕТОТ НА ССМ ЗА МОБИНГОТ И ЗА НАДОМЕСТОЦИТЕ

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

30.06.2009

Мобингот е се помасовен во Македонија и потребна е стратегија за сузбивање на оваа појава. ССМ и ОРМ со различен пристап за превозот и исхраната...

 

 

Психичките притисоци, малтретирањето на работниците, сериозните заболувања и другите карактеристики на мобингот стануваат секојдневие во работните средини во Македонија. Прашањето е отворено и потреба е да се утврди стратегија за сузбивање на оваа појава.

Ова е еден од заклучоците на денешната седница на Советот на сојузот на синдикатите. ССМ инаку активно е ангажиран веќе подолго време околу мобингот. Во соработка со Фондацијата “Фридрих Еберт“ се одржани советувања и предавања, додека минатата година е основано “Македонско мобинг здружение“, со поддршка ан ССМ. Претседател на здружението е Гордица Бошковска, правен застапник на ССМ во Регионалниот совет во Куманово.

Се уште не постојат систематски истражувања, но синдикалците сведочат дека мобингот е позастапен во државната администрација отколку во приватните компании. Тоа е специфичност за македонската култура, додека во светот поизложени на притисоци се вработените во приватниот сектор.

Овде се уште психичките притисоци се третираат во прашањата врзани со безбедност и здравје при работа. Следна фаза треба заштитата од мобингот да се издвои како посебно право од работниот однос, како што е во скандинавските земји, Франција и Англија.

На седницата на Советот исто така се расправаше за усогласувањето и продолжувањето на Општиот колективен договор за стопанство на Република Македонија. Во месец мај разговараа работните групи на ССМ и на Организацијата на работодавачи (ОРМ). Целта е да се сочува рокот за продолжување на важноста на колективниот договор и оттаму Синдикатот побрза да направи предлог на Спогодбата за продолжување на важноста на Општиот колективен договор, во која одредбите ќе се усогласат со изменетиот Закон за работни односи и со Законот за придонеси за задолжително социјално осигурување.

ССМ констатира дека не е уредено прашањето за вклучувањето на надоместоците за превоз и исхрана во бруто платата, во случаите кога работодавачите ќе престанат да ги организираат исхраната и превозот. Од понатамошната комуникација од страна на ОРМ  беше соопштен ставот дека во измените и дополнувањата на Општиот колективен договор за стопанство треба да се внесат законските решенија и колективниот договор да биде продолжен на тој начин.

ССМ од своја страна смета дека во Општиот колективен договор треба да се додадат нови ставови. Прво, работодавачите да бидат обврзани да организираат превоз и исхрана. Второ, трошоците за исхрана да изнесуваат 20 отсто од просечната нето плата по работник исплатена во претходната година, додека трошоците за превоз во висина на реалните трошоци во јавниот сообраќај. Трето, доколку работодавачот престане да ја организира исхраната и превозот тој да биде должен надоместоците да го додадат на нето платата во првата наредна исплата на бруто платата.

Инаку ССМ и ОРМ, иако претставуваат две социјални страни, досега успеваа да најдат заеднички јазик и релативно брзо ги усогласуваа нивните ставови.

Најновите измени на Законот за работни односи исто така беа тема на денешната седница. Раководителот на Секторот за правна заштита Драге Јованоски информираше за несогласувањата на ССМ околу најновите измени, посебно за ноќниот труд, годишните одмори, прекувремената работа и за другите измени. Деновиве ССМ ќе ја информира јавноста за ставовите околу измените во Законот за работни односи.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc