Лична карта на ССМ
Сојузот на синдикатите на Македонија е организација во која доброволно и врз демократска основа се здружуваат синдикатите заради застапување на економските и социјалните интереси на членството.
ССМ е самостојна организација, независна од власта, работодавачите, политичките партии и други организации и институции.
Основните цели на ССМ се: заштита на правата на работниците, социјална правда, материјална сигурност, здравствена заштита, пензиско и инвалидско осигурување, правна заштита, солидна станбена политика, преквалификација и доусовршување на работниците.
Методите за остварување на целите се: засилување на социјалниот дијалог и социјалното партнерство, учество во одлучувањето во институциите на системот, колективното договарање, заштитата на работниците, меѓународната соработка, образованието на членството и објективното информирање на јавноста. Приоритетен начин за остварување на целите се преговорите и договорите со социјалните партнери. Доколку преговорите не дадат резултат се организираат индустриски акции, меѓу кои се штрајковите.
ССМ се залага за почитување на човековите права и слободи, за правна држава, демократија и слободен пазар. ССМ бара сите работници да бидат уредно пријавени, да примаат редовна и достоинствена плата. Прекувремениот и ноќниот труд треба да бидат платени посебно, правото на годишен одмор не треба да се намалува, треба да се плаќаат сите придонеси - накусо, да не се злоупотребува ниедно право од работниот однос.
ССМ организира најголем број работници во Република Македонија и е репрезентативна синдикална организација.
Синдикатите здружени во ССМ се членки на повеќе меѓународни синдикални федерации.
Во однос на синдикалниот плурализам ставот на ССМ гласи: отворени сме за соработка со сите други синдикални организации во Република Македонија.
Бидејќи во вечниот судир меѓу трудот и капиталот работниците се секогаш послабата страна, работничката моќ се состои само во силна синдикална организација, во силно меѓународно синдикално движење и во бројноста на членството. ССМ смета дека мора да се води постојана борба против кршењето на основните права на работниците, односно да се застане во одбрана на основното човеково достоинство.
СМ се залага за примена на меѓународните стандарди, конвенции и препораки. Синдикалните права и слободи се содржани во Универзалната декларација за правата на човекот на Обединетите нации (од 1948 година), во Европската социјална повелба на Советот на Европа (од 1961 година) и во повеќе конвенции на Меѓународната организација на трудот. Република Македонија ги има ратификувано конвенциите 87 и 98 на Меѓународната организација на трудот и истите се имплементирани во Уставот на РМ. Меѓу другите одредби, во конвенциите на МОТ стои:
- Работниците, без било каква разлика, имаат право да основаат и да се зачленат во синдикат по сопствен избор;
- Синдикалните организации имаат право да донесат свои статути и програми, да изберат свои претставници, како и непречено организирање и дејствување, без било какво мешање од страна на работодавачите или власта;
- Синдикатот не може никој да го распушти или да го суспендира;
- Синдикатот има право на основање свои пошироки асоцијации, да се здружува во федерации, конфедерации, кои, пак, имаат право на зачленување во меѓународни синдикални организации;
- Работниците кои се зачленети во синдикат уживаат соодветна заштита од антисиндикална дискриминација, а синдикатот е заштитен од мешање на работодавачите во неговата активност;
- Синдикатот има право да ги извршува синдикалните активности за време на работа и на работното место;
- Синдикатот има право на колективно преговарање за регулирање на условите за вработување, работа, како и на другите права од работниот однос;
- Работниците и синдикатите имаат право на штрајк и на превземање на сите форми на синдикални акции.