ШПЕКУЛАЦИИТЕ ВО “УСЈЕ“ СТАНУВААТ ВИСТИНА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

3.06.2009

Намерата на “Титан“, грчкиот сопственик на Цементарницата “Усје“, е да се ослободи од 180 лица, околу една третина од бројот на вработени. Синдикатот потсетува на кршењето на спогодбата склучена пред 11 години...

 

 

Зголемување на профитот и намалување на бројот на вработени за 180, или околу една третина од вкупно вработените, е целта на Бордот на директори на грчката компанија “Титан“.

Ова објаснување го даде Зоран Петровски, претседател на синдикалната организација во скопската цементарница, на денешната конференција за печат. Имено, во “Усје“ од ноември минатата година траат превирања и незадоволство кај вработените од однесувањето и намерите на грчките сопственици.

“Усје“ е профитабилно претпријатие, кое постојано котира меѓу првите пет најпрофитабилни во Македонија. Затоа е недозволиво сопствениците да се однесуваат така спрема вработените. Синдикатот ќе ги поддржува нивните барања до крај, најави Павел Трендафилов, претседател на Синдикатот за градежништво, проектирање и индустрија (СГИП).

Синдикалците најмногу реагираат на кршењето на спогодбата од 1998 година, кога “Титан“ ги откупи акциите од вработените. Тогаш беше склучена спогодба со која новиот сопственик гарантира дека сите вработени ќе останат на работа до пензионирање. Последните месеци бордот на директори ја крши спогодбата која ја потпиша, објасни Петровски.

Како што објасни првиот синдикалец во претпријатието, во октомври минатата година технолошкиот директор почнал да шири информации за технолошки вишок. Создадена е тензија и вознемиреност, посебно после гаснењето на третата печка. Меѓутоа, неа ја опслужуваат нешто повеќе од десеттина лица, додека бордот на директори во Атина донел одлука за прогласување технолошки вишок на 180 лица. Така шпекулациите станаа вистина, објасни Петровски.

Синдикалната организација реагираше и на 19 март е одржан предупредувачки штрајк, после што следуваат преговори со Управниот одбор. Досега се одржани шест преговори, но не се стигна до договор. Имено, Управниот одбор останува на намерата да го намали бројот на вработени. Нуди отпремнини, кои ќе ги плати на рати до 2011 година, што е услов што ретко кој ќе се одлучи да го прифати.

Ставот на синдикатот е да се оди на поединечни тужби преку адвокат. Главна поента е кршењето на спогодбата од 1998 година, кога грчките сопственици ветија, и ставија потпис, дека сите вработени добиваат гаранција за нивното место во претпријатието. Доколку некој се согласи на условите што ги нудат сопствениците, тоа е негово право, но ја губи организираната правна заштита. Од страна на синдикатот е реагирано и до трудовата инспекција.

Во кругот на цементарницата се складирани 300.000 тони цемент, 2008 година е создадена добивка од шест милиони евра и од почетокот на годинава претпријатието е исто така работи профитабилно. Недозволиво е да се користи светската криза само за да се зголеми профитот, велат синдикалците. Крајно време е странските инвеститори да почнат да ги почитуваат македонските закони и граѓаните на оваа земја. За споредба, истите луѓе се сопственици на  цементарницата во Косјериќ, Србија, но таму не најдоа технолошки вишок.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc