УТРЕ ТРИБИНА ЗА МОБИНГОТ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

15.06.2009

Трибината ја организираат на Сојузот на синдикатите на Македонија и Фондацијата “Фридрих Еберт“. Пројавен е голем интерес од синдикатите, невладините организации и меѓународни мисии...

 

 

“Мобинг - психички притисок на работното место“ е насловот на трибината што утре ќе се одржи во хотелот “Континентал“ во Скопје, со почеток во 11 часот. Трибината ја организираат Сојузот на синдикатите на Македонија и Фондацијата “Фридрих Еберт“. Ќе учествуваат претставници на синдикатите здружени во ССМ, на државни и владини институции и организации, на невладиниот сектор, на меѓународни мисии, како и на експерти од оваа област. Во склоп на собирот ќе биде промовиран прирачникот што го издадоа ССМ и Фондацијата “Фридрих Еберт“.

Иако е нов облик на кршење на човековите права мобингот се шири со толку силно темпо што се почесто се зборува како за галопирачка болест на цивилизацијата. Во светот, посебно во Европа, се основани посебни истражувачки центри, чии податоци се навистина загрижувачки. Наведуваме само некои од нив:

  • Според Европската агенција за безбедност и здравје при работа поради стрес на работното место секоја година 48.000 Европејци извршуваат самоубиство, додека поливина милион барем еднаш се обиделе да си го одземат животот;
  • Во Јапонија годишно околу 30.000 лица се самоубиваат поради преоптовареност на работа;
  • Истражувањата во САД покажуваат дека еден од четворица работници е подложен на мобинг;
  • Од европските земји најмногу изложени на мобинг се финските работници (15 отсто), потоа Велика Британија и Холандија со 14 отсто, Шведска со 12 отсто. На дното на листата се Италија и Португалија со само четири отсто малтретирани работници.
  • Се проценува дека 12 милиони Европејци, или осум отсто од сите вработени, трпат некој вид мобинг. Во Германија годишно 1.000 лица се самоубиваат поради стрес на работа, додека во Шведска 20 отсто од сите самоубиства се причинети од мобингот.
  • Моралното малтретирање е законски казниво во неколку земји. Најдобри закони против мобингот имаат Шведска, Норвешка, Франција и Швајцарија. И во другите европски земји се оди на донесување посебен закон.
  • Во секоја земја пристапот е различен, додека заедничко за сите е зголемената актуелност на оваа појава. Карактеристично за Италија и Франција се големиот број организации кои се занимаваат со мобингот. Во Германија, Холандија и Швајцарија проблемот на мобингот системски се истражува повеќе години. Во Шпанија со проблемот претежно се занимаваат синдикатите. Фондација за истражување на траумите на работното место постои во Јужноафриканската република. Активностите во Канада се насочени на осигурување на здравјето на луѓето на работните места.

Терминот мобинг станува универзален, додека во поедини земји се користат други називи – “морално вознемирување“ и “харасмант“ во Франција, “насилство“ и “агресија“ во Велика Британија и САД. Се употребуваат и термините “злоупотреба на работата“, “виктимизација на работа“ и “психички терор“. Интернационалниот термин мобинг се употребува и во Македонија.

Иако во Македонија во последно време се почесто се зборува за мобингот, ние спаѓаме во редот земји каде оваа појава не е доволно актуелизирана во јавноста. За земјите во транзиција е карактеристично што феноменот на мобингот се припишува на локалниот менталитет и некултурата на поединци, а воглавно се именува како малтретирање и злоставување. Меѓутоа, и овде мобингот зема се поголем замав и не може да се игнорира. Трибината е еден од знаците дека работите полека се поместуваат нанапред. Со мобингот претежно се занимава Сојузот на синдикатите на Македонија, од каде потекна идејата за основање на Македонско мобинг здружение. Претседател на здружението е Гордица Бошковска, правен застапник во ССМ, додека полека се отвораат подружници во неколку градови во внатрешноста.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc