УПОЗ И МЕСО ЗА ПРОТЕСТОТ
10.11.2008
Не не загрижуваат политички етикети. За нас е најважно што работниците, кои се членови на ВМРО или СДСМ, ги бараат истите социјални права, изнесоа претседателите на синдикатите од управата и од образованието...
Последиците од изменетиот Закон за работни односи ќе ги почувствуваат сите работници, како во приватниот така и во јавниот сектор. Меѓутоа, повеќе ќе бидат погодени вработените во државната администрација, каде се припрема целосна партизација на јавните служби.
Ова на денешната конференција за печат го истакна Ванчо Муратовски, претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудството и здруженијата на граѓани (УПОЗ).
На прашањето на новинарите за ставот на Социјалдемократскиот сојуз во однос на протестот што ќе се одржи на 14 ноември во Скопје, Муратовски одговори дека ССМ не го загрижува опасноста од лепење политички етикети. Секогаш опозицијата гледа да извлече корист од други настани и тоа е сега случај со СДСМ. Во минатиот период и ВМРО го правеше истото. На ССМ му е најважно што неговите членови ги бараат истите социјални права, иако се членови на ВМРО и на СДСМ.
Во однос на средбата на раководството на ССМ и на Владата од минатата недела Муратовски пренесе дека Владата призна дека во изминатите две ипол години водела погрешна политика на изолација на ССМ. Во иднина сите закони ќе се водат со социјален дијалог и со разговори на социјалните партнери.
Лошо е што ставот на Владата по Законот за работни односи остана непроменет. Тие тврдат дека законот бил европски, што не е точно, рече Муратовски. Само еден член, прогласувањето технолошки вишок, е доволен за целосна чистка на администрацијата. Меѓутоа, што ако идната власт постапи на ист начин? На секои четири години ќе има нови избркани работници, нови луѓе без егзистенција, нови социјални случаи. Тогаш УПОЗ ќе треба да ги брани луѓето кои се избркани, но секако еднаш треба да се престане со партиските вработувања, туку вработувањата да одат по стручност.
Не е точно дека Владата не направи ништо за работниците, коментираше Сузана Стефановиќ, претседател на Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО). Ги наголеми годините за пензионирање, не ги почитува одлуките на Уставниот суд, ги зголеми платите за 10 отсто, но за трипати на струјата, парното, огревот. Со еден збор, не направи посиромашни.
Неколку дена пред протестот синдикатите здружени во ССМ ќе одржуваат заеднички конференции за печат, на кои ќе ги пренесат последиците од Законот за работни односи на одделни гранки и дејности. За утре во 10 часот е најавена конференција за печат на четири синдикати: Синдикат на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР), Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија (СТКЧ) и Синдикатот на работниците од трговијата (СРТ).