ТРАДИЦИОНАЛНА НОВОГОДИШНА СРЕДБА СО НОВИНАРИТЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

29.12.2008

Конечно функционирање на социјалниот дијалог во Македонија и колективните договори се двете најважни цели за 2009 година. ССМ секогаш ќе биде владин коректив за социјалните прашања...

 

Двете најважни цели за следната година се конечно профункционирање на социјалниот дијалог во државата. Кај колективните договори ќе настојуваме да се потпише општ колективен договор за јавниот сектор, како и на ниво на гранки и на работодавачи, изјави на денешната средба со новинарите претседателот на ССМ Ванчо Муратовски.

Новогодишната средба со претставниците на медиумите е традиционална  и затоа обично се сумираат активностите на ССМ за годината што изминува, како и целите за наредната.  Муратовски објасни дека двата најголеми собири беа првомајската прослава и протестите против измените на Законот за работни односи. После протестите Синдикатот го даде законот на Уставниот суд и за првите месец – два од следната година се очекуваат резултати.

Во 2008 година е продолжена важноста на Општиот колективен договор за стопанство, но наша цел е да потпишеме општ колективен договор за јавниот сектор. Но ние сакаме да се потпише вистински колективен договор, а не празни листови, што ги потпиша со друг таканаречен синдикат. Инаку годинава се потпишани вкупно 11 грански колективни договори и 440 на ниво на работодавач, информираше Муратовски.

Јакнењето на улогата на Економско- социјалниот совет исто така е наша цел. ССМ дава свој придонес, но за жал повторно Владата е таа што ја сопира работата на ова значајно тело.

Бруто платата генерално ја поддржуваме, но сме против тајната кампања на Владата да го воведе концептот без консултација со социјалните партнери. Мислиме дека првите неколку месеци платите ќе доцнат, затоа што никој не знае како ќе се пресметуваат платите.

Просечната плата е фиктивна категорија во Република Македонија, затоа што најголемиот дел од населението нема толкави приходи. Девет отсто од работниците не примаат плата, невработени се 343.384 лица, 50.000 семејства примаат социјална помош, додека 600.000 лица се под прагот на сиромаштијата. ССМ уште од почетокот на годината предлагаше мерки против опаѓањето на стандардот. Иницираше формирање Комитет за заштита на стандардот, но тој се состана само два пати, исто поради незаинтересираност на Владата.

На прашањето на новинарите за точноста на бројките Муратовски одговори дека ССМ има своја евиденција, која ја води структурата и телата на ССМ во целата држава. Веројатно нашите податоци се поточни. Впрочем Агенцијата за вработување и Заводот за статистика даваат различни податоци, што е непримерно за две државни институции.

Правната заштита е посебно значаен дел од вкупните активности на ССМ. За деветте месеци 15.878 работници се обратиле до Правната служба на ССМ. Во 85 отсто споровите се позитивно решени, а за другите постапките се уште се во тек. Нашите правници се доста вешти во бранењето на правата од работните односи, назначи Муратовски.

Една од кампањите што ќе ги продолжиме се условите за пензионирање. И понатаму ќе настојуваме да важат повеќе услови за здобивање пензија.

Кај заштитата при работа сме единствениот синдикат кој нешто прави. Издадовме пет прирачници и одржавме повеќе семинари.

Посебно внимание посветивме на едукацијата на синдикалните членови. Со помош на Фондацијата “Фридрих Еберт“ опфативме над илјада наши членови во активностите за обука и едукација.

Исто така активни беа Секцијата на жени и Секцијата на млади при ССМ, дополни Муратовски.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc