СТЕЧАЈЦИТЕ ПРЕДЛАГААТ ГРУЕВСКИ ДА РАСПИШЕ ТЕНДЕР ЗА НИВ

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

19.02.2009

Незадоволни од вчерашната средба со премиерот Никола Груевски, стечајците најавуваат нови протести на 25 март. На 23 март ќе разговараат со претседателскиот кандидат Имер Селмани, додека најавуваат средби со шефовите на пратеничките групи...

 

Премиерот Никола Груевски еднаш треба да ја избие од глава идејата дека со ланскиот закон го решил проблемот на стечајните работници. Згрижени се нешто повеќе од илјада лица, додека другите останаа без ништо, изјави на денешната конференција за печат Драге Јовановски, овластен преговарач на Унијата на стечајни работници и работници технолошки вишок.

Денес стечајците реагираа на вчерашната средба со премиерот, од каде излегоа разочарани. Позитивно е што експресно не прими, но повторно се изјасни дека нема решение за нас. Излезе дека сите оние гушкања и честитања кога лани ги пакувавме шаторите од пред Собранието, се обична лага, рече Лилјана Георгиевска, претседател на  Унијата.

На премиерот му доставивме домашна задача, како да обезбеди по сто евра за непознат број стечајци. А ако не може да ја реши равенката, може да распише тендер и така да добие готово решение. Ние знаеме дека виновници за состојбата на стечајците се Бранко Црвенковски, Владо Бучковски и други, но, за жал, решавањето и останува на тековната влада, дополни Јовановски.

Упорноста на овие работници се согледува од одлуката повторно да излезат на протести идната среда, на 25 март. Тие исто така имаат нова замисла за обезбедување на три милиони евра месечно, колку што се потребни за секој од нив да добива по сто евра. Владата едноставно може да депонира 40 милиони евра во некоја банка и само со каматите, значи без да се оптовари буџетот, да исплаќа месечен надомест.

Испраќаме апел до градоначалниците да не го попречуваат доаѓањето на работниците од нивните градови. Вчера градоначалниците на Ресен, Тетово, Гостивар, Кичево, Битола и Струмица, донекаде и од Куманово, не обезбедија автобуси, информира Јовановски. Нивни сограѓани се борат за егзистенција и тие се должни да им обезбедат превоз. Доколку не, може да се случи да организираме пешачки маршеви од сите градови во внатрешноста, дополнија претставниците на стечајните работници. Не се знае точната бројка, но проценуваме дека не има барем 40.000, па како ќе изгледаат колоните може да се замисли.

Им порачувам на работниците од Штип да не го слушаат Стојан Стојанов (поранешниот водач на стечајците), рече работникот Павле Миленковски од Штип. Тој добива надомест, но по кој основ го заслужи најдобро знае тој и премиерот.

Ние сме измамени со ланскиот закон, дополни Бајрам Кемал, стечаец од ФАС “11 Октомври“. По 30, по 40 години сме одвојувале за оваа држава, сме ја граделе, а сега Владата не не удостојува со минимален месечен надомест. Во Европа не се оди со вакви социјални проблеми.

Ги повикуваме Конфедерацијата на слободни синдикати, Унијата на независни синдикати и другите синдикати да се изјаснат дали ги поддржуваат барањата на стечајните работници. Тие не се огласуваат за нивните проблеми и немаат кажано еден единствен збор за или против, истакна Драге Јовановски, кој покрај функцијата преговарач е раководител на Секторот за правна помош на Сојузот на синдикатите на Македонија.

На конференцијата за печат беше изнесено дека во понеделник, на 23 март, е закажана средба со претседателскиот кандидат Имер Селмани. Другите кандидати од албанскиот блок ескивираат, како и кандидатот на ВМРО - ДПМНЕ Ѓорѓе Иванов. Што се однесува до кандидатите од албанскиот блок, тие изгледа не се грижат за состојбата на граѓаните од албанска националност. Стечајците планираат средби со шефовите на пратеничките групи и со претседателот на Собранието.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc