СТЕЧАЈЦИТЕ ПОВТОРНО НАЈАВУВААТ ШАТОРИ ПРЕД СОБРАНИЕТО

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

23.01.2009

Претставници на Унијата на стечајните работници денес беа вратени од претходно договорениот состанок во Министерството за економија. Тие најавуваат радикализација на протестите ако игнорирањето продолжи...

 

Ако продолжат да не игнорираат ќе одиме на насилни протести, најавија денес претставници на Унијата на стечајните работници на Македонија. Тие се јавија во Сојузот на синдикатите на Македонија, барајќи поддршка откако не биле примени на претходно договорен состанок во Министерството за економија.

Во девет часот бил договорен состанок со државниот секретар во министерството Катерина Костеска, но добиле објаснување дека државниот секретар е на пат во странство. Стечајците не биле примени ни од заменик министерот, кој не бил дојден на работа, додека министерот не сакал да ги прими.

Заклучуваме дека немаат храброст да се соочат со нас, камоли да ни го решат проблемот, изјави Лилјана Георгиевска, претставник на кумановскиот огранок на стечајците. На 29 јануари е договорен состанок со премиерот, неколку министерства и други владини функционери. Ако повторно нема резултати стечајните работници најавуваат радикализација на протестите. Не знаеме дали повторно ќе поставиме шатори пред Собранието или ќе одиме со други мерки, но сигурно е дека нема да седиме мирни, најавија стечајните работници.

Стечајните работници се револтирани и кон поранешниот претседател на здружението Стојан Стојанов. Без да се консултира мнозинството минатата година се потпиша закон, но резултатот е обезбеден надомест на едвај 500 работници. Тие добија надомест од 4.970 денари, до наоѓање нова работа или пензионирање.

Се кажува дека е решен проблемот на една илјада работници, но бројките се следни: во Куманово надомест добија 11 лица, Во Охрид шест, во Битола шест, во Кочани и Виница ниту еден, изјави Милош Дабевски, претставник на стечајците од Скопје.

Разлики има и во евиденцијата. Минатата година според законот опфатени се околу 6.000 стечајни работници, додека самите стечајци велат дека ако се бројат лицата со минимум 15 години стаж и 55 години старост се стигнува до бројка од најмалку 11.000 работници во цела Македонија.

Ние од Владата бараме и да се преиспита начинот на трансформација на општествениот капитал, додаде Милош Дабевски. Добро знаеме на кој начин се трансформираа претпријатијата и ако се утврди дека постоел криминал ќе бараме понатамошни интервенции.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc