СТЕЧАЈЦИТЕ БЛАГОДАРНИ ЗА ПОДДРШКАТА

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

20.05.2009

Здружението на стечајни и технолошки вишок работници “УНИТ“ од Куманово изрази благодарност за поддршката од Сојузот на синдикатите на Македонија. Ставот на Синдикатот гласи: тие се работници како и сите други и заслужуваат секаква помош...

 

 

Здружението на стечајни и технолошки вишок работници “УНИТ“ од Куманово, кое има седишта во повеќе градови во земјата, изрази задоволство за поддршката што им ја овозможува Сојузот на синдикатите на Македонија. Во писмото, адресирано до претседателот Ванчо Муратовски, меѓу другото се вели:

“Нашето здружение УНИТ Ви изразува длабок почит и неизмерна благодарност за сета поддршка која ни беше потребна во овие тешки моменти. Здружението “УНИТ“ воедно е и седиште на Координативното тело “УНИЈА“, чие претседателство е во Куманово.

Сакам да Ви се заблагодарам во име на сите претседатели на здруженијата од Републиката, за користењето телефон, поштенски фах, за бесплатна правна помош и простории во ССМ. Сето тоа ни беше повеќе од потребно за да можеме да функционираме.

Ќе бидеме себични ако не го споменеме Слободан Радевски, претседател на Регионалниот синдикален совет во Куманово, кој со својот тим многу помагаше и уште помага. Верувајте дека лесно се работи со ваков тим.

Поради извонредната соработка и помош ни беше должност да ве известиме за трошоците кои ги правевме и да ја изразиме нашата благодарност.

Сакаме да ја продолжиме соработката и се надеваме дека и понатаму ќе ни помагате.“

Ставот на ССМ за стечајните работници е непроменет од почетокот и гласи: тоа се работници како и сите други и затоа ги поддржуваме сите нивни барања. Оттаму ССМ овозможува безрезервна поддршка, техничка и секој вид друга помош за барањата на овие луѓе. Факт е дека освен ССМ ниедна институција во земјата не се понуди да им помогне на околу 40.000 стечајни и работници прогласени за технолошки вишок. Нивен овластен преговарач е Драге Јованоски, раководител на Секторот за правна заштита на ССМ, кој учествува и всушност ги води преговорите на стечајците со Владата.

Однесувањето на Владата длабоко ги погаѓа овие луѓе. Тие логоруваа долго време во шатори пред Собранието, барајќи државата да им овозможи најминимална егзистенција, барем додека не го остварат правото на пензија. Од есента, скоро цела зима, на снег и ветер, тие секоја среда демонстрираа пред зградата на Владата и секогаш беше неизвесно дали премиерот ќе најде време да ги прими. Успеаја да се се сретнат само двапати со премиерот Никола Груевски, кој едноставно им соопшти дека Владата не може да го реши нивниот проблем, а во една прилика сосем студено одговори дека нема намера да се занимава со “избркани работници од приватни претпријатија“.

Фрапирани од одговорите, стечајците повторуваат дека тие не се чувствуваат како работници во приватниот сектор. Тоа се луѓе на возраст од близу 60 години, со стаж од 30, дури и повеќе години во поранешните големи претпријатија во општествена сопственост. Не менува ништо ако претпријатието било затворено како приватизирано. Ние со години сме одвојувале од нашите плати за оваа земја, сме ја граделе и не заслужуваме да бидеме оставени на улица. Ние знаеме како се одвиваше приватизацијата и не ја обвинуваме сегашната Влада, но сепак таа е одговорна за сите граѓани, велат тие.

Токму таква е судбината на стечајните работници - за Владата тие се само една непријатна појава која некако треба да се замолчи. Владата се обиде да го направи тоа со донесување посебен закон, кој брзо се покажа дека е - измама. Со надеж и веселост шаторите беа тргнати од пред Собранието, но што се случи? Надомест добија околу 600 лица, другите останаа вчудоневидени.

Се проценува дека во Република Македонија има од 37.000 до 40.000 работници од овие категории. Нивните барања не се големи - по сто евра месечно до пензионирање. Целата сума е околу три милиони евра месечно, што не е големо оптоварување за буџетот, настрана што сумата секој месец ќе се намалува со одењето на цели групи во пензија.

Стечајците велат дека се изморени од демонстрирање и разочарани од односот на Владата. Видлив се разочараноста и очајот, но тие сепак немаат намера да се откажуваат од барањата, ниту пак имаат друг избор.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc