СТАВРЕСКИ ГИ ВРАТИ СТЕЧАЈЦИТЕ ОД ПРИНЦИПИЕЛНИ ПРИЧИНИ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

1.04.2009

Вицепремиерот Зоран Ставрески на денешната средба со стечајните работници се изјасни дека Владата не може да го реши нивниот проблем “од принципиелни причини“. Никој не сфати што воопшто мисли. Работниците најавуваат шатори пред Собранието, бараат интервенции од странските амбасадори...

 

Не попуштаме, тука ќе бидеме и следната среда, а може да одлучиме повторно да поставиме шатори пред Собранието. Нашиот проблем мора да го решат и нема друго, одлучно изјавија стечајните работници после денешната средба во Владата, каде ги прими вицепремиерот Зоран Ставрески.

Тие излегоа малку збунети од изјавата на вицепремиерот, кој рече дека Владата не може да помогне од принципиелни причини. Никој не разбра за какви принципи зборува, што воопшто мисли и дали има некаква поента.

Ако мисли дека Владата не треба да ги решава случаите на акционерските друштва, како што и самиот премиер Груевски еднаш се изјасни, тогаш греши. Сите овие луѓе работеа во претпријатијата со општествена сопственост и помалку е важно дали кога останале на улица биле трансформирани во акционерски друштва, рече Лилјана Георгиевска, преседател на кумановската организација на стечајците УНИТ.

Ставрески предложи да се оди на решавање случај по случај, односно претпријатие по претпријатие. Не знам дали мисли сериозно, или смета на раздробување и замолчување на работниците. Во секој случај, ние ќе ги повикаме странските амбасадори, почнувајќи од Ерван Фуере, ќе ги запознаеме со проблемот и ќе бараме тие да извршат притисок врз Владата да го смени ставот, изјави Драге Јовановски, преговарач на стечајните работници.

Стечајните и работниците прогласени за технолошки вишок од почетокот на февруари секоја среда протестираат пред Владата, со барање да им се даде месечен надомест од сто евра, до пензионирање или ново вработување. Се проценува дека има околу 40.000 стечајци и работници прогласени за технолошки вишок, за што се потребни по околу три милиони евра месечно. Владата досега одбива да потпише спогодба со нив и да им понуди било какво решение.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc