ССМ НА ВЛАДАТА И ПРЕДЛАГА ИТНИ ИНТЕРВЕНЦИИ ЗА ФИНАНСИСКАТА КРИЗА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

26.03.2009

Иако светската финансиска криза се посериозно се чувствува во македонската економија не се формираат механизми за справување со последиците. ССМ на Владата и предлага итни мерки...

 

Во западните земји се применуваат бројни мерки за ублажување на последиците од финансиската криза, додека во Македонија не се воспоставени скоро никакви заштитини механизми. Сојузот на синдикатите на Македонија неколку месеци наназад инсистира на итни мерки, предложува конкретни решенија, но Владата не покажува никаков интерес.

Вчера се одржа седница на Претседателството на ССМ, на која се апелира на итно превземање мерки за заштита на граѓаните од кризата. Беа поканети и присуствуваа претставници од другите синдикати, Унијата на незваисни и автономни синдикати (УНАСМ) и Конфедерацијата на слободни синдикати (КССМ), кои начелно ја поддржаа агендата на ССМ за финансиската криза.

Оттаму претседателот на ССМ Ванчо Муратовски испрати официјално писмо до премиерот Никола Груевски, кое во продолжение го пренесуваме.

“Претседателството на Советот на ССМ, имајќи ги предвид економските состојби во Република Македонија, светската финансиска криза, состојбата со пазарот на трудот, секојдневното губење работни места, постојаното зголемување на цените на основните прехранбени производи и комуналиите, што претставува директен и разорен удар врз и така нискиот стандард на вработените и на граѓаните, смета дека Република Македонија се наоѓа во мошне сложена и неповолна економска и социјална положба, која и натаму ќе се влошува.

Расправајќи по овие суштински и судбоносни прашања и проблеми Претседателството усвои заклучоци со кои од надлежните органи и институции бара веднаш да се преземат соодветни мерки и активности за справување со кризните состојба, а особено:

  • економските прашања и проблеми Владата да ги стави на прво место во агендата на активност и дејствување, секојдневно да ја следи состојбата и да предлага мерки за секој проблем поединечно;
  • преземање дополнителни мерки за подобрување на инвестиционата клима во државата, привлекување странски и домашни инвеститори, отворање нови работни места, со што ќе се ублажи проблемот со невработеноста;
  • со интервентни и ефикасни мерки да се ублажат последиците од зголемувањето на цените на одделни основни прехранбени артикли и комунални услуги и да се одложи најавеното зголемување на цената на струјата;
  • да се влијае кај банките да пласираат поприфатливи кредити, како за работодавачите така и за граѓаните;
  • изработка на социјален план за работниците што ќе останат без работа поради светската финансиска криза;
  • утврдување минимална плата како економска и социјална категорија утврдена со закон;
  • доследно спроведување на обврската на работодавачите утврдена со закон и со колективен договор, за редовна исплата на платите на нивните вработени и зголемување на платите, согласно трендот на инфлацијата и продуктивноста;
  • спроведување на Националниот акционен план за вработување 2008 - 2010, особено во делот на изготвувањето програми за вработување на млади образовани лица, но и едукативни курсеви за преквалификација и доквалификација на лицата кои чекаат долго за вработување, а се без, или со нецелосно образование, за нивно побрзо вработување;
  • вработувањата во јавната администрација да се сведат на минимум;
  • да се изврши ребаланс на Буџетот за 2009 година и да се намалат средствата предвидени за кампањи, купување мебел, автомобили, одложување на набавки што се нефункционални и тие да се насочат за развојни проекти во стопанството;
  • ограничување на бонусите што ги добиваат менаџерите и намалување на висината на надоместоците што се добиваат по основ на член на управен или надзорен одбор, во разни комисии во Владата, јавни претпријатија, надоместоци за советниците во локалната власт, како и да се ограничи учеството на едно лице во повеќе органи и слично;
  • да не се користи формата на вработување преку агенциите за привремено вработување, со што се искривува вистинската бројка на вработени во јавната администрација;
  • да се воспостави систем на реална евиденција за бројот на вработени и невработени во Република Македонија.

Покрај горе наведените Претседателството на ССМ, согласно Глобалната синдикална декларација што ќе биде презентирана на Лондонскиот самит на групата Г - 20 во Лондон, во април годинава, ги предлага и следните мерки и активности:

  • Владата да покрене инвестициони програми во инфраструктурата, со кои би се стимулирал порастот на побарувачката на краткорочен план и би се поттикнал порастот на продуктивноста во целата реална економија на среднорочен план. Треба да се воведат мерки на подигнување на куповната моќ на потрошувачите со ниски примања, вклучувајќи ги и семејствата со еден вработен;
  • Владата да усвои такви политики со кои ќе ги повика претпријатијата да не прогласуваат технолошки вишоци на првите знаци на проблеми и да им дава поддршка на претпријатијата со привремени кредитни тешкотии;
  • во целост да се почитуваат меѓународните стандарди на работничките права во контекст на прекин на работниот однос;
  • промовирање на инвестирањето во човечки ресурси и овозможување подобри прилики и овозможување на стекнување нови вештини на работниците од сите старосни групи;
  • Владата не смее да дозволи банкарите и министерот за финансии да се состануваат зад затворени врати. Синдикатите се подготвени конструктивно да се вклучат во овие процеси и бараме да ни се даде место на преговарачката маса и да бидеме полноправен дел од новите структури на управувањето.

Во врска со примената на системот бруто плата Претседателството на Советот на ССМ предлага:

  • поради неусогласеноста на целиот систем на пресметка на бруто плата од самиот почеток, периодот од шест месеци од почетокот на примената на системот да се прогласи за преоден период, со цел санкциите, односно казнените одредби, од Законот за задолжително социјално осигурување, да не се применуваат за тој период, како за работниците, така и за работодавачите;
  • со измени и дополнувања на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување да се предвиди вклучувањето на надоместоците за храна и превоз во бруто платата да биде задолжително за сите работодавачи;
  • во целост да се почитува Законот за облигациони односи во делот на ограничување на извршувањето од платата на работникот по основ на побарувањата на доверителите, како и соиодветна измена по тој основ во законот за извршување. При спроведувањето на јавната или заверената исправа банките да водат сметка за ограничувањата на наплата по основ на плата, согласно законот.

Поаѓајќи од сите наведени заклучоци потребно е одржување средба со Владата на Република Македонија, организациите на работодавачи и синдикатите, со цел барањата од заклучоците да добијат соодветна реализација.

Рецесијата на глобално ниво, како и нашата економска криза, бараат активен дијалог меѓу социјалните партери за изнаоѓање соодветни мерки и чекори, што ќе значат надминување на кризата и одење напред кон економски развој.“

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc