ССМ БАРА ИНТЕРВЕНЦИИ ЗА НАМАЛЕНИТЕ РАБОТНИЧКИ ПРАВА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

28.07.2008

Писма со известување за менувањето на Законот за работни односи се испратени до повеќе домашни и странски институции...

 

Сојузот на синдикатите на Македонија испрати писмо до повеќе домашни и меѓународни институции и личности по повод менувањето и дополнувањето на Законот за работни односи. Обраќањата се адресирани до специјалниот претставник и амбасадор на Канцеларијата на Европската Унија во Македонија Ерван Фуере, до претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски (со посебно барање да не го потпише указот за законот), до претседателот на Собранието Трајко  Вељаноски, до Ерик Мејер, пратеник во Европскиот парламент, инаку задолжен за информирање за односите меѓу Унијата и Република Македонија. Информацијата е испратена и до Геј Рејдер, генерален секретар на Меѓународната конфедерација на слободните синдикати, до Џон Монкс, генерален секретар на Европската конфедерација на синдикати и до Светла Шеќерџиева, функционер во Меѓународната организација на трудот. Го објавуваме поголемиот дел од писмото, потпишано до претседателот на ССМ Ванчо Муратовски.

“Сојузот на синдикатите на Македонија како социјален партнер и член на Економско – социјалниот совет е фрапиран од новата постапка на Владата на Република Македонија при донесувањето на новите измени и дополнувања за Законот за работни односи, што Собранието го усвои на 24.07.2008 година. Законот е донесен во итна постапка, без знаење на социјалните партнери, без расправа на Економско – социјалниот совет, без расправа на Комисијата за труд и социјална политика во Собранието на РМ и без ниедна дискусија и забелешка. При ова Ве информираме дека овие измени и дополнувања се сосема нови и не се однесуваат на одредбите на Законот, на кои ССМ претходно реагираше и за кои бевте информирани. Од пишаните медиуми дознаваме дека Владата на РМ овие измени ги направила по барање на Светската банка и ја консултирала само Конфедерацијата на слободни синдикати која, како што Ви е познато, не е членка на Економско – социјалниот совет. Се поставува прашањето на валидноста на последните измени и дополнувања на Законот за работни односи усвоени на 24 јули од страна на Собранието на РМ.

Со новите измени и дополнувања на ЗРО покрај другото се намалуваат и одредени права на работниците, што е во спротивност со Меѓународните конвенции и директивите на ЕУ. За целосно согледување и запознавање во прилог Ви ги доставуваме реакцијата и забелешките на ССМ по тој закон.

Оправдано очекуваме, со оглед на важноста на измените и дополнувањата на Законот за работни односи кои ги намалуваат правата на работниците, дека ќе се заложите за унапредување на нашите напори за почитување на социјалниот дијалог, за донесување на закони низ демократска постапка, како и за имплементирање на меѓународните конвенции, директиви и декларациите на ЕУ во Законот за работни односи, што воедно ќе значи и почитување на социјалните партнери и утврдување и почитување на правата на работниците.“

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc