СПОРЕД ПРАВНАТА СЛУЖБА НА ССМ ВРАБОТУВАЊАТА ОПАЃААТ

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

16.03.2009

Владата постојано најавува нови инвестиции и брои зголемување на вработувањето. Правната служба на ССМ предупредува на спротивни состојби, што се согледува од намалувањето на бројот на постапките за засновање на работен однос...

 

Бројот на предметите што ги води Сојзуот на синдикатите се движи околу 30.000 годишно, што покажува дека непочитувањето на правата на работниците е на континуирано високо ниво, изјави на денешната конференција за печат Драге Јовановски, раководител на Правниот сектор на ССМ.

Правната заштита се води во ССМ, потоа во 14 регионални совети и 21 канцеларија, додека ангажирани се 22 правници. (Сите податоци се изнесени на истиов сајт, во прилогот “Во 2008 година правна помош побарале 17.144 работници“ од 11 март). ССМ е практично единствениот репрезентативен синдикат, кој дава организирана правна помош на членовите, што не е случај со другите синдикати.

Владата постојано најавува странски инвестиции и брои зголемување на вработувањата, но, од друга страна, во правната служба на Синдикатот имаме поинакви показатели. Во 2006 година се водени 138 постапки за засновање работен однос, во 2007 година 101, додека минатата година имавме 78 постапки. Оттука може да се заклучи дека вработувањата опаѓаат и дека Владата оперира со фиктивни бројки.

Јовановски ја објасни состојбата со правата од работниот однос од аспект на однесувањето на Владата и на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС). Владата и КСС веројатно водат таен социјален дијалог и оттаму минатата година настана одземање на многу основни права. Со измените на Законот за работни односи најгрубо се одземени 16 права, меѓу кои е продолжување на вработувањето на определено време на пет години, укинување на работничка книшка, на хранарината и превозот. Работодавачите добија поголема моќ и сега можат да прогласат технолошки вишок и веднаш на истото место да доведат друго лице, место поранешниот рок од една година, потоа за секое вработување можат да дадат отказ од деловни причини. Годишниот одмор е намален на 20 дена, и покрај тоа што директивите на Европската Унија препорачуваат одмор од 28 дена.

За дел од ова одземање на работничките права вината ја носи Конфедерацијата на слободни синдикати, со која Владата потпиша општ колективен договор. КСС досега не излезе со став за одземањето на правата на вработените. ССМ, пак, постојано реагираше, нудеше решенија, организираше јавни протести, додека паралелно оспори шест права пред Уставниот суд. Постапката е во тек и за сите активности ги информира меѓународните институции, информираше Јовановски.

Последица од однесувањето на КСС е што вработените во образованието секој месец се оштетени за по 35 евра. Тие добиваат надомест за храна и превоз од 2.100 денари, додека, за споредба, вработените во здравството добиваат надомест од 5.100 денари. Во образованието исто така се намалени коефициентите на сложеност, така што наставник кој имал коефициент 2,3 сега има 1,89 или коефициентите на сите се намалени за околу 30 отсто.

Став на ССМ е основање на посебни работни судови, во кои би се воделе предметите од работниот однос. Во Република Македонија се водат 1,2 милиони судски предмети, од кои 150.000 се работни спорови. Во специјализираните судови, со поротници од Синдикатот и од работодавачите, овие предмети ќе се водат многу побрзо и поефикасно.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc