СОЦИЈАЛНИТЕ ПАРТНЕРИ ВО МАКЕДОНИЈА ИМААТ ИСТОРИСКА ОДГОВОРНОСТ ЗА ФИНАНСИСКАТА КРИЗА

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

25.03.2009

ССМ, УНАСМ и КССМ начелно се сложуваат дека треба да се формира посебно тело на национално ниво за ублажување на последиците од финансиската криза. Досега околу 20.000 лица во Македонија ги имаат изгубено нивните работни места...

 

Светската финансиска криза се одразува во Република Македонија и затоа треба да се следат и да се применат искуствата од другите земји. Меѓународната конфедерација на синдикатите за самитот на групата “Г - 20“, што ќе се одржи во април во Лондон, подготвува синдикална декларација за финансиската криза. Македонските синдикати ја поддржуваат декларацијата и истовремено изразуваат спремност за водење дијалог на национално ниво.

Ова е начелно заклучено на денешната седница на Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија, на која, поради значајноста на темите, беа поканети другите синдикални организации, како и претставници на медиумите. Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија (УНАСМ) ја претставуваше Дивна Змејковска, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КССМ) Билјана Чкламовска, додека изостана претставник на Конфедерацијата на синдикални организации (КСОМ).

Накусо, трите синдикални централи се сложуваат дека светската финансиска криза сериозно се чувствува во земјата, и покрај најавите дека малата македонска економија ќе биде одмината. Претставниците на УНАСМ и КССМ начелно ја прифаќаат идејата за формирање на тело на национално ниво за справување со кризата, за што синдикатите треба да ги усогласат ставовите во текот на оваа недела.

Според одредени проценки околу 20.000 лица во Македонија ги загубиле нивните работни места или се упатени на принудни одмори, изјави претседателот на ССМ Ванчо Муратовски. За нас, како синдикати, тоа е најлошата работа. Од несфатливи причини не е формирано посебно тело на национално ниво, кое би ги следело неповолните состојби врз нашата економија.

Мерките што ги предложи Владата се добри, но се долгорочни и не даваат ефекти, рече Анѓелко Анѓелковски, претседател на Синдикатот за текстил, кожа и чевли. Кризата е тука и затоа се потребни итни и краткорочни мерки. Текстлната индустрија има се помалку работа, помалку нарачки и според наши проценки изгубени или загрозени се околу една третина од работните места во текстилната индустрија.

Владата треба да знае дека работниците во текстилот се претежно луѓе со ниско образование и дека не можат да најдат друга работа. Платите во преработувачката индустрија се движат околу половината од просечната плата во државата. Овие луѓе не треба да се препуштат на пазарот, туку Владата треба да најде итни мерки за да и помогне на оваа гранка, смета Анѓелковски. Владата не смее да не се интересира за судбината во приватниот сектор. Секаде во светот се зборува за конкретни мерки и тие треба да бидат применети во Македонија. Уште една работа треба да биде јасна - работодавачите не се расположени да отпуштаат работници, затоа што во текстилот без минимум сто вработени нема никаква добивка.

Живко Митревски, претседател на Синдикатот на работниците од шумарството, дрвната индустрија и енергетика, смета дека трите социјални партнери, Владата, синдикатите и работодавачите, имаат историска одговорност околу финансиската криза. Трите страни веднаш треба да седнат и да најдат конкретни мерки. Една од нив е намалување на работното време, решение што се применува во некои западни земји. Со намалувањето на работните часови товарот на кризата се распоредува порамномерно. Други мерки би бил основање на посебни фондови за интервенции, за преквалификација и други специјални фондови.

Металургијата, металопреработувачите и текстилната индустрија се три најпогодени гранки од финансиската криза, рече Маре Анчева, секретар на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство. Ние реагиравме од почеток, но не бевме сериозно сфатени. Последиците се чувствуваат се посериозно и прашање е дали и скусувањето на работното време наскоро ќе даде некои ефекти. Не може да се прифати ставот на Владата дека не треба да интервенира во приватниот сектор. Ние од синдикална страна треба самите да предложиме конкретни мерки за кризата.

Светан Мирчески, претседател на Синдикатот за сообраќај и врски, информираше дека Владата е несериозна во справувањето со последиците од кризата. “Македонски железници“ беа намалени за 650 лица, но сега се примени нови 300, и тоа луѓе кои немаат врска со работење во железница. Многу превозни претпријатија престанаа да постојат, други се во сериозна криза.

Вработените во банкарскиот сектор не се погодени од кризата, но кај овој сектор се потребни неколку новини, рече Гоце Селовски, претседател на Синдикатот на финансиски дејности. Битни се две работи - да се воведат поприфатливи кредити и претпристапни кредити. Во 2008 година задолженоста на граѓаните изнесуваше 1,2 милијарди евра, што годинава може да се одрази врз социјалните состојби. Може да се случи граѓаните да не можат да ги плаќаат кредитите, како ни сметките и другите трошоци. Законот за извршување исто така треба да се измени, во правец блокирањето на сметката да не смее да биде повисоко од една третина од приходот.

Генералниот секретар на синдикатот УПОЗ Пеце Груевски го наведе примерот од Хрватска, земја во која социјалниот дијалог е развиен и каде Владата и јавниот сектор водат интензивен дијалог.

На седницата се расправаше и за бруто платата, за што Билјана Чкламовска од истакна дека КССМ ја поддржува новиот систем. Ставот на КССМ е надоместокот за превоз да не биде вклучен во бруто платата. Исто така има нееднаквост меѓу работниците во поглед на надоместоците.

На средбата претседателот на ССМ Ванчо Муратовски излезе со воведни излагања за двете состојби, социоекономската состојба и бруто платата, од кои ги пренесуваме главните делови.

“ССМ се вклучува во општите напори и активности што се прават во земјата за идентификување на најзагрозените сектори што се погодени од економската криза, и да даде свој придонес во можни излезни решенија.

Не е потребна којзнае колкава длабока анализа за да се констатира дека состојбата на нашата Република на економско - социјален план е мошне незавидна. Не се остварија претпоставките дека како мала економија ќе бидеме заобиколени од страшното финансиско цунами што го погоди светот. Макроекономските показатели се потврда: рекорден трговски дефицит од речиси три милијарди долари, увоз покриен со само 58 отсто, намалување на индустриското производство, губење на работните места, намалување на обемот на трговијата за една третина.

Високата невработеност е натаму е рак рана за нашето општество. Одредениот пад на стапката на невработеност од 1,9 поени незначително се одразува врз вкупната состојба. И понатаму со стапка од 33 отсто сме на врвот во европските земји. Се преземаат мерки за ублажување на овој проблем, донесена е Национална стратегија за вработување, но очигледно е дека уште долго ќе се соочуваме со невработеноста.

Загрижувачки се податоците дека 54 отсто од невработените се млади до 24 годишна возраст, а 65 се со основно или без никакво образование, додека над 106.000 лица на вработување чекаат осум и повеќе години.

Слична е положбата во вработеноста, која изнесува 38 отсто, за разлика од стапката во Европа од 70 отсто.

Нето исплатената плата во 2008 година беше 16.096 денар и е најниска во регионот. Со поскапувањето на низа артикли порасна сиромаштијата, која опфаќа 30 отсто од населението. Се соочуваме со појави несвојствени за нашето минато, како народни кујни, голем број бездомници, пораст на криминалот и наркоманијата, семејства што живеат од социјална помош.

Релативно мал број вработени примаат виосоки плати, како што е финансиското посредување, со просек од 33.000 денари. Насд 500.000 вработени, 82 отсто од вкупниот број вработени, примаат плата помала од просечната. Годината ја завршивме со инфлација од 8,3 отсто, намалена куповна моќ, со над 50.000 семејства на социјална помош, 280.000 пензионери со просечна пензија од 9.541 денар.

Во Република Македонија од несфатливи причини не е формирани посебно тело на национално ниво, кое би го следело неповолните ефекти врз нашата економија, создадени од турбуленциите на светскиот пазар. За разлика од нас, во светот будно се следат процесите, се превземаат мерки, во што се вклучени синдикатите. Веќе е подготвена синдикална декларација што ќе биде претставена на самитот на “Г - 20“ во Лондон, во месец април. Општа оценка е дека светското стопанство се наоѓа сред сеопфатна трајна криза, која започна на пазарот на недвижности во САД, се прошири на нерегулираниот финансиски систем и така доведе до криза на кредитниот пазар, а потоа и до криза во вработувањето. Најлошото можно сценарио што го предвиде МОТ, дека во светски рамки 50 милиони луѓе ќе останат без работа, веќе е оценето како оптимистичко, бидејќи се очекува над 200 милиони работници да западнат во екстремна сиромаштија, при што бројот на сиромашни ќе достигне 1,4 милијарди луѓе.

Предлагам да прифатиме некои предлози од Глобалната синдикална декларација:

  • Владата на РМ да покрене инвестициони програми во инфраструктурата, со кои би се стимулирал порастот на побарувачката на краткорочен план,
  • Владата да усвои политики со кои ќе ги повика претпријатијата да не прогласуваат технолошки вишоци,
  • во целост да се применуваат меѓународните стандарди за работничките права во контекст на прекин на работниот однос,
  • Владата да не дозволи банкарите и министерот за финансии да се состануваат зад затворени врати.“

 

ПРИМЕНАТА НА СИСТЕМОТ БРУТО ПЛАТА

“Не смееше да се дозволи проектот бруто - плата да има толку проблеми поради техничка неспремност на софтверот. ССМ бара периодот од шест месеци да се прогласи за преоден период, со цел санкциите, односно казнените одредби од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување да не се применуваат во тој период.

За ССМ беа важни три работи: надоместокот за храна и превоз да влезе во бруто платата, да нема намалување на платата на работникот и да се обезбеди законска обврска за вклучување на надоместоците во бруто платата и во јавниот и во приватниот сектор.

Денес состојбата е следна: се зголеми масата за плата и покрај намалувањето на придонесите, нема заштеди кај работодавачите, нема повисоки плати, надоместоците не се вклучуваат во платата или се вклучуваат во помал износ, вклучување само на надоместок за превоз, неисплатување на заостанатите плати, постоење на сива економија и работење на црно, со над 150.000 работници.

Се покажа дека во државата нема вистинска евиденција за бројот на вработените. Според статистиката вработени се 620.000 лица, според Фондот за ПИОМ 465.000 и според Министерството за финансии 406.000 лица.“

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc