СОЦИЈАЛДЕМОКРАТИТЕ ГУБАТ ПОРАДИ САМОБЕНДИСАНОСТА

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

16.01.2009

Ванчо Муратовски: клучниот недостаток на македонските социјадемократи е што се оддалечија од народот и од работниците. Врвот на СДСМ веднаш потврди со - препознатливите цинични и арогантни изрази...

 

Македонските социјалдемократи се најдобри кога се во опозиција. Ги слушаме денес и ни се чини како од сите од устите да им капе мед и млеко. Меѓутоа, сосем се поинакви кога се на власт. Тогаш тонат во ароганција, самобендисаност, не трпат критика и целосно се оддалечуваат од народот, а тоа е главната причина што не се на власт.

Кога се одржуваат меѓународни конференции, на кои присуствуваат познати јавни личности, секогаш излегува едно правило: постои званичен, официјален дел и оној заднински, неформален, кој ги одразува вистинските карактери на учесниците и природата на организациите од кои доаѓаат. Иако претседателот на македонскиот Синдикат се трудеше неговата, навистина остра критика на социјалдемократите, која ја цитираме во првите редови, да ја претстави во вообичаениот протоколарен ред, врвот на Социјалдемократскиот сојуз со неколку постапки создаде непријатна атмосфера. На забелешката на Муратовски дека СДСМ не трпи критики, па нека се и најдобронамерни, дека ги сфаќа како лична навреда, првите луѓе на СДСМ реагираа многу чудно, не е претерано да се каже надвор од основните цивилизациски норми. Некои, како Радмила Шеќеринска, од којзнае кои причини одеднаш се сетија дека имаат некоја итна работа во холот, а други ги наместија за нив препознатливите изрази  што треба, белким, да значат цинично и арогантно смеење. За волја на вистината, некои од врвот на СДСМ, меѓу кои беа Зоран Заев и други учесници, учтиво го сослушаа говорникот и го задржаа елементарното човечко достоинство.

Всушност се потврди тезата дека македонските социјалдемократи се самите виновни за нивната, моментно можеби најслаба позиција на македонската политичка сцена. Приликата која ја опишуваме е денешната конференција што ја организира Фондацијата “Фридрих Еберт“. Насловена како “Социјалдемократијата во Шведска и Македонија - историја, принципи, перспективи“, денес се одржа во хотелот “Александар палас“. Меѓу другите учесници беа Ана Јохансон, претседател на Социјалдемократската партија во Гетеборг, Шведска, Штефан Денерт, директор на Фондацијата “Фридрих Еберт“ - Канцеларија во Скопје, Тихомир Илиевски, поранешен амбасадор во Шведска, Зоран Заев, претседател на СДСМ, Ванчо Узунов, професор на Правниот факултет, Ѓунер Исмаил од “Форум“ и други учесници.

Замислена како културна, цивилизирана средба на лица кои претставуваат значајни институции и политички партии од двете земји, расправата знаеше да излезе од нормала и да западне во афективни изблици. Во крајна линија требаше да се дискутира за светските, европските и македонските констелации на современата социјалдемократија, но сепак во прв план непланирано излегоа фрустрациите на овдешната политичка сцена.

Имаше што многу да се слушне на конференцијата, но на нашиот портал пренесуваме само некои делови од излагањето на претседателот Ванчо Муратовски.

“Не можам да се согласам со некои изнесени тврдења дека синдикатите во светот го губат членството. Македонскиот синдикат во месец декември одбележа сто години постоење, што е подолго време од сите други институции во оваа земја, вклучувајќи ја и самата државност. И во другите земји се забележува тренд на јакнење на синдикатите. Но овде станува збор за социјалдемократијата и нивната улога во македонските општествени прилики.

Споменав дека Социјалдемократскиот сојуз е најголемиот виновник што е практично надвор од политичката сцена во Македонија. Токму во нивно време, додека беа на власт, поставија цел да го расцепкаат синдикалното движење во Македонија. Одеднаш протежираа три други синдикати, па така излегоа УНАСМ, КСС, КСОМ, којзне кои ефемерни квазисиндикати, кои се синдикати само по името и по ништо друго. Фактите го кажуваат своето: кога во Македонија ќе се спомене синдикат се мисли на Сојузот на синдикатите на Македонија. Да го разединиме синдикалното движење, да немаме социјални опоненти и да владееме како што сакаме ние!

Македонската социјалдемократија стана елитистичка, арогантна, недопирлива, самобендисана групација и тука е одговорот за нивната сегашна позиција. Навистина, и сегашната десничарска власт ја прави истата грешка и полека се затвора во елитизам. Полека ги превземаат манирите на социјалдемократите и затоа не им прогнозирам ништо добро во иднина. Но треба да се има на ум едно - политичката сила која има разговор со работништвото и со народот трае најдолго. Оние кои забораваат дека не ги гласаат оние дваесет  до педесет луѓе во елитата, туку дека ги добиле гласовите на два милиони граѓани, не траат долго.

ССМ во 2002, изборна година, ги собра сите полтиички партии, од кои бараше програми за економски и социјален напредок. Најблиска ни изгледаше економската програма на СДСМ и затоа ја поддржавме - да не заборавиме, само на економскиот, не на политичкиот дел. Во таа година рејтингот на ССМ беше многу висок и сметаме дека имаме добар удел од заслугата што на гласање излезе 76 отсто од гласачкото тело во оваа држава. Инаку вообичаениот процент на одзив во Македонија е околу 50 отсто.

Што стана после? Откако се сместија во фотелји политичарите не избегнуваа, нивните министри одбегнуваа разговор, тешко беше да се оствари елементарен контакт. Не само кон нас, туку кон сите конструктивни субјекти во македонската држава.

Кога се зборува за односот на синдикатите кон политичките партии во светот формирани се неколку концепти. Се формираа три вида доктрини. Првата е стриктна изолација од политичките збиднувања. Состојбата е својствена за Источна Европа, каде синдикатите не учествуваат во јавниот, политичкиот, економскиот и социјалниот живот. Лично не верувам дека овој пристап е исправен и дека има некаква иднина.

Втората е врзување со одредени политички партии. Најкарактеристична е Грција, каде синдикатите се врзани за партијата ПАСОК. Слични состојби има во Британија, донекаде во Италија и Шпанија.

Третата опција е германскиот модел, чиј концепт, треба да се знае, го превзеде македонскиот Синдикат. Но и тука имаме два подмодела на организирање. Првиот е карактеристичен за Германија и Шведска, каде синдикатите за време на изборите даваат свои кандидати на изборите. Тие се на листата на политичките партии, но никој нема против што откако ќе ги изберат ги застапуваат интересите на синдикатот.

Вториот модел е јавна поддршака на политичка партија, чија програма е најблиска до програмата на синдикатите. Таа практика е карактеристична за Франција, донекаде во Италија и Швајцарија. Се смета дека со поддршката Синдикатот подоцна ќе добие социјален партнер со кој ќе може да разговара за интересите на работниците.

ССМ, во координација со хрватските синдикати, се обиде да го внесе токму овој модел, но на Балканот приликите се сосем поинакви. Познато е дека во балканските земји сите работи довибаат понаква димензија, иако првичните намери се најчесни.

Заклучок е дека власта која соработува со Синдикатот трае најдолго, нагласи Муратовски. И сегашната власт во Македонија, од редовите на десницата, ги превзема манирите на социјалдемократијата, но тоа може да биде нивна пропаст. Овде владее страв кај граѓаните и од таа причина луѓето се откажуваат од членувањето во синдикатот. Не затоа што не сакаат - напротив, луѓето се потполно свесни за примарната улога на Синдикатот - туку од страв да не го загубат нивното работно место.

Во секој случај, за секоја власт, без оглед дали ја претставува левицата или десницата, е подобро да се соработува со народот и со работништвото.“

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc