СО НОВИОТ ЗАКОН НЕ ЧЕКА ОПШТА КРИЗА

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

4.11.2008

Неограничена власт на работодавачите ќе значи нови илјадници невработени и избивање голема економска, социјална, и политичка криза. За неколку месеци се донесени 170 закони, за секој просечно се потрошени по 37 секунди...

 

На денешната трибина за измените во Законот за работни односи, што ја организира ССМ, беше изнесена интересна споредба. Сегашната финансиска криза во светот е последица на неолиберализмот, односно на моделот на слободниот капитализам. Со концептот пазар како единствен регулатор на економските процеси се јави хаос во целиот свет. Во Америка милиони луѓе се преселија од удобните куќи во шатори, поставени на плочници и паркиралишта. Изгледа дека финансиската криза е многу повеќе од “обична“ рецесија, па владите на повеќето развиени земји мораат да уфрлаат милијарди во банките, во обид да се спаси тоа што може да се спаси.

Такви се последиците на неолиберализмот. Да ја пренесеме истата ситуација на една друга област, во работните односи, и тоа во една мала држава. Во Македонија се донесе закон, со кој работодавачите имаат полна слобода на однесување кон вработените. Можат да избркаат кого сакаат, да ги тераат да работат ноќе, да не им даваат годишен одмор. Последиците ќе бидат нови илјадници невработени и избивање на сериозна криза, и тоа не само социјална, туку и економска, политичка и морална криза.

Тоа се прогнозите на магистер Лазар Јовевски, асистент на Правниот факултет на Универзитетот “Кирил и Методиј“. Всушност никој од присутните дискутанти не се огласи со позитивен став кон Законот за работни односи, вклучувајќи ги и претставниците на работодавачите. Иако законот е донесен во корист на работодавачите и на штета на работниците, претставниците на Организацијата на работодавачи и на Конфедерацијата на работодавачи се согласија дека новините во законот “можеби“ ќе донесат негативни последици. По елементарната логика работодавачот го брани правото да дава отказ без “досегашните компликации“. Судските спорови во обем од 90 отсто завршуваат со враќање на работниците, но некако и нив не им се допаѓа големата нестабилност на целото општество, што сигурно ќе се јави.

Најтешките потреси ќе настанат во државната администрација, изјави претседателот на ССМ Ванчо Муратовски. Изгледа дека идејата е да се отстранат “туѓите“ и да се вработат “нашите“. Но власта заборава дека мандатот трае четири години и дека ќе дојдат некои други кои повторно луѓето ќе ги делат на “наши“ и “туѓи“. Тогаш Синдикатот ќе мора повторно да ги брани луѓето кои паднале во немилост на новите власти.

Треба да се прашаме дали во европските земји постојат вакви норми во работните односи, рече Муратовски. Што треба да се стори Владата да се освести дека греши? Стариот Закон за работни односи беше оценет, и тоа од странски фактори, како најдобар во регионот. Но при донесувањето учествуваше ССМ, работодавачите, повеќе страни и затоа се донесе квалитетен закон.

Со оценката се согласи Стевче Јакимовски, поранешен министер за труд, кој рече дека при подготовката на законот се одржани 25 трибини, советувања, беа уважувани мислењата на повеќе страни.

На трибината инаку беа поканети сите поголеми политички партии, од кои дојдоа само претставници на СДСМ и НСДП. Очигледно дека владеачките партии ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ не сакаат да дискутираат на ова прашање, беше кажано на трибината. Решенијата од законот се во спротивност на директивите на Европската Унија, истакна Драге Јовановски од правниот сектор на ССМ. Испратени се повеќе ЕУ директиви, но тие се кријат од јавноста. Не се знае ни дали се преведени, но во секој случај директивите никаде не можат да се најдат.

Без никаква дискусија Собранието за неколку месеци усвои 170 закони. За секој закон во просек се потрошени 37 секунди, изнесе пратеничката на НСДП Соња Миланковска. Тоа е се од трипартизмот, демократијата, дијалогот на социјалните партнери.

Работните односи имаат клучно влијание врз другите односи во едно општество, дополни Лазар Јовевски. Со новиот закон се губи смисолот и од економски аспект. Неконтролираната власт на работодавачите ќе донесе штети и во самата кондиција на претпријатијата.

Изменетиот закон ќе не врати 150, 200 години наназад, во време на првобитната акумулација на капиталот, предупредија учесниците на трибината. Европа постојано оди напред, па ни таму работните односи не се исти како пред 30 години, додека во Македонија се оди со големи чекори назад.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc