СИНДИКАТИТЕ СЕ ДОГОВОРИЈА ЗА ЗАЕДНИЧКИОТ КОНСУЛТАТИВЕН КОМИТЕТ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

17.03.2009

Проблемот на учество на синдикатите во Заедничкиот консултативен комитет е решен со проширување на двајца набљудувачи. Членови остануваат Ванчо Муратовски и Слободан Антовски, додека набљудувачи ќе бидат Марјан Ристевски од КСОМ и еден набљудувач од КССМ. ЗКК е орган од меѓународно значење за Република Македонија...

 

Членови на заедничкиот косултативен комитет (ЗКК) од страна на македонските синдикати се Ванчо Муратовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија, и Слободан Антовски, претседател на Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија (УНАСМ). Групата се проширува со двајца набљудувачи, и тоа Марјан Ристевски, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) и лице кое допонително ќе го делегира Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КССМ).

Ова е договорот што вчера се постигна на вчерашниот состанок за доста важното прашање околу формирањето на ЗКК. Имено, од минатата година трае проблемот кои синдикати ќе делегираат членови во ЗКК. И покрај видните напори, од страна на ССМ и од другите конфедерации, да се седне на заедничка маса, да се разговара и да се постигне решение, Конфедерацијата на слободни синдикати се оглуши на сите покани. На еден заеднички состанок ССМ и УНАСМ се согласија двајца членови на ЗКК од македонските синдикати да бидат Ванчо Муратовски и Слободан Антовски.

КССМ не даде објаснување зошто одбиваше да се состане со другите синдикати, но затоа после изборот оттаму се јавија гласни реакции и оспорување. Реакции беа испратени до меѓународните синдикални организации, со негодување дека КССМ не е член на Заедничкиот консултативен комитет.

Како медијатор се јави Македонскиот центар за меѓународна соработка, кој организира неколку средби на македонските синдикати. Така вчерашниот договор може да се смета како решен проблем околу учеството на синдикатите во комитетот.

Заедничкиот консултативен комитет е всушност тело од меѓународно значење за Република Македонија. ЗКК е директно поврзан со Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), кој е орган на Европската Унија. ЕЕСК е задолжен за развивање на социјалниот дијалог, со посебни задолженија за земјите кандидатки. Земјата кандидат, статус што го има Македонија, треба да формира сопствено тело (токму ЗКК), кое ќе комуницира со европскиот комитет во Брисел. ЗКК во основа е заедничко работно тело на Република Македонија и на ЕЕСК.

Во ЗКК членуваат шест претставници, по двајца од  од асоцијациите на работодавачи, од синдикатите и од граѓанскиот сектор, односно невладините организации. Во досегашната практика во другите земји ЗКК одржува два состанока годишно, еден во Брисел и друг во земјата кандидат. Делокругот на прашања на ЗКК се социјалниот и граѓанскиот дијалог, прашања на кои Брисел им дава приоритетна важност. ЗКК е прилично значајна алка во евроинтеграцијата, па така и македонската Влада усвои посебен заклучок за поддршка на ова тело. Инаку Владата е должна да обезбеди логистичка поддршка за работењето на ЗКК, посебно Министерството за труд и социјална политика треба да ги сервисира потребите на новото тело.

Инаку Европскиот економско - социјален комитет е советодавно тело на Европската Унија, воспоставено со Договорот од Рим во 1957 година. Неговата главна улога е да дава мислења, околу 150 годишно, на Парламентот и на Советот на ЕУ и на Европската комисија.

Мандатот на претставниците на синдикатите во ЗКК трае две години. Четирите претставници имаат право на учество и на збор, додека право на глас имаат членовите.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc