СИНДИКАЛНА ЕДУКАЦИЈА НА МЛАДИТЕ ВО ПРИЛЕП
16.04.2009
Средношколците немаат големи познавања за синдикалното движење. Тие најмногу се интересираат за улогата на синдикатот во животниот стандард и заштитата на работните места...
Како Синдикатот може да се избори за зголемување на животниот стандард, што е функцијата на колективните договори и кои права можат да се обезбедат со помош на синдикатот. Тоа се прашањата кои прилепските средношколци им ги поставуваа на предавачите на семинарот што се одржа во Прилеп, во средното училиште “Ѓорче Петров“.
Семинарот е дел од серијата работилници, чија цел е младите луѓе од повеќе градови од земјата да се запознаат со улогата на синдикалното движење. Средбите се одржуваат во организација на “Фондацијата Фридрих Еберт - канцеларија Скопје“, додека предавачи се синдикални едукатори од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Прилепските матуранти изнесоа дека немаат големи познавања за синдикатот. Главно се што знаат го добиваат од медиумите, иако знаат дека повозрасните припадници на нивните семејства се членови во Синдикатот. Понатаму се интересираа како Синдикатот треба да е организиран за да биде успешен, кога и како реагира за да го заштити работникот во случај на загрозување на работното место.
Тие се интересираа и за односот на Синдикатот со политичките партии, на што Тони Јовески, претседател на Регионалниот синдикален совет на ССМ во Прилеп, информира дека соработката е потребна, но не во функција на партиски цели, туку за работничките интереси. Јовески накусо ја објасни структурата на Сојузот на синдикатите на Македонија, обврските на членството и значењето на масовноста на организацијата.
Средношколците се интересираа за конкретни ситуации, посебно за приликите во текстилната индустрија: зошто кај вработрените постои страв и дали газдите им забрануваат на работниците да станат синдикални членови? Зошто платите во текстилната индустрија се толку ниски? Следни прашања кои гии поставија се дали и како законот ги штити членовите на Синдикатот, кои се правата на работникот во случај на повреда, во и надвор од работното место.
Инда Савиќ, раководител во ССМ, објасни дека е потребно подиректно запознавање и контактирање, во што спаѓа одржување семинари, работилници и други средби. Таа на младите им пренесе информации за основните функции и начините за водење социјален дијалог, потребата од едукација, не само на синдикалците, туку и на работодавачите. На прашањето зошто синдикатите во медиумите се споменуваат само кога има штрајкови, при што често се стекнува негативна слика за нив, Савиќ објасни дека е потребно постојано запознавање со сите активности што ги води Синдикатот. Понекогаш огромни придобивки што ги извојува Синдикатот минуваат незабележано во јавноста и оттаму луѓето малку знаат за целокупниот ангажман на ССМ
Семинарот со прилепските средношколци е еден од повеќето средби со младите. Во март и април вакви средби се одржаа во Македонски Брод и во Крушево, а следната средба ќе се одржи во Кичево.