СВЕЧЕНОСТ ПО ПОВОД ПРВИ МАЈ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

29.04.2009

Денес во Сојузот на синдикатите на Македонија се одржа свеченост по повод Меѓународниот празник на трудот. Претседателот Ванчо Муратовски зборуваше за економско – социјалната положба на работниците во Република Македонија...

 

Денес во 12 часот во Сојузот на синдикатите на Македонија се одржа свеченост по повод Први мај, Меѓународниот ден на трудот.

На свеченоста присуствуваа голем број синдикални активисти и претставници од повеќе организации и институции, меѓу кои Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, Димитар Стојановски, претседател на Организацијата на работодавачи, Марјан Ристевски, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Миле Бошковски, претседател на Конфедерацијата на работодавачи, потоа претставниците од Македонското здружение за заштита при работа, Сојузот на пензионери, Сојузот на организациите на жени, Сојузот на инвалиди на трудот, Фондацијата “Фридрих Еберт“ и други.

Претседателот Муратовски, откако на сите присутни, како на целата македонска јавност, им го честиташе Празникот на трудот, зборуваше за економско – социјалната положба на работниците и за одразот на светската финансиска криза. Го пренесуваме неговиот говор во целост:

“Во името на Сојузот на синдикатите на Македонија и мое лично име, на сите работници во Република Македонија и сите тука присутни, Ви го честитам Први мај, најголемиот меѓународен празник на трудот.

Денешната свечена седница во чест на 1 Мај ја посветуваме на економско-социјалната положба на работниците и светската економска криза.

Сведоци сме сите заедно дека макотрпната борба на работниците и синдикатите за остварување на основните човекови права добива се поголемо значење особено сега кога се наоѓаме под големо влијание на светската финансиска криза. При ваква состојба, капиталот мора да соработува со трудот, а власта, односно државата, мора да создава услови за тоа, се со единствена цел да продолжи економскиот и опшествениот развој во државата и пошироко.

Оваа година се навршуваат 123 години од големите Првомајски крвави демонстрации во Чикаго со три осмици - 8 часа работа, 8 часа одмор и 8 часа културен живот.

Сојузот на синдикатите на Македонија со своите дејствувања, како и со денешнава свечена седница на Советот на ССМ, покрај одбележувањето на 1 Мај, се вклучува во општите напори и активности што се прават во нашава држава за идентификување на влијанието на светската економска криза во нашето општество и да даде свој придонес во посочување на можните излезни решенија. Исто така, посебна поддршка ССМ сака и даде на државата, во напорите за приклучување на РМ кон ЕУ.

Дозволете ми накратко во името на подобрување на положбата на работниците, да се осврнам на некои параметри на економско-социјалната положба на работниците во државата, но и да ги посочиме мерките и активностите што треба да се направат за надминување на неповолната состојба.

Не е потребна којзнае колкава длабинска анализа на состојбата за да се констатира дека на економско социјален план нашата Република е во мошне незавидна положба. Не се обвистинија претпоставките дека како мала економија ќе бидеме заобиколени од страшното финансиско цунами што го погоди светот.

Макроекономските показатели се потврда на претходно кажаното:

  • рекорден трговски дефицит од речиси 3 милијарди долари
  • увоз покриен со само 58 отсто
  • намалување на индустриското производство
  • губење на работните места
  • намалување на обемот во трговијата за една третина и редица слични показатели.

 

Високата стапка на невработеност и натаму е рак рана за нашево општество. Одредениот пад на стапката на невработеност од 1,9 процентни поени незначително се одразува врз вкупната состојба. И натаму, со стапка на невработеност од 33 отсто сме на врвот од земјите во Европа. Во изминатиов период, а и сега се преземаат мерки и активности за ублажување на овој проблем. Донесена е Националната стратегија за вработување, а во рамките на неа и Националниот акционен план за вработување 2009-2010 година, но очигледно со невработеноста како општество уште долго ќе се соочуваме.

Покрај високиот број на невработени, загрижувачки се и податоците дека од нив 54 отсто се млади до 24 годишна возраст, а 65 отсто се со основно или без никакво образование. Фрапантен е и податокот дека над 106 илјади невработени или над 30 отсто на вработување чекаат и повеќе години.

Сразмерно на лошата положба во сферата на невработеноста слична е положбата и со вработеноста. Таа изнесува 38 отсто, со тенденција на минимален раст. Колку по прашањето на вработеноста сме далеку од Европа покажува податокот што во некои земји од ЕУ вработеноста изнесува и до 70 отсто.

Нето исплатената плата во РМ во 2008 година достигна ниво од 16.096 денари или 260 евра и е најниска во регионот. Во услови на најниска просечно нето плата, македонскиот граѓанин се соочува со европско просечни цени на одделни производи и услуги, како што се горивата, енергијата и редица други. Меѓу другите, ова се основните причини за драматичниот пораст на сиромаштијата која опфаќа над 30 отсто од вкупното население. За жал во овој домен почнавме да се соочуваме со појави несвојствени за нашето подалечно, па и поблиско минато, народни кујни, голем број бездомници, пораст на криминалот и наркоманијата, семејства што живеат исклучиво од социјална помош, со еден збор огромен број социјално исклучени луѓе.

Во доменот на платите неповолен е и соодносот на бројот на вработените со висината на платата. Така, релативно мал број вработени примаат високи плати како што е финансиското посредување со просек од над 33 илјади денари нето плата. Над 500-те илјади вработени или над 82 отсто од вкупниот број примаат плата помала од просечната. Инаку, како илустрација да кажам дека најниски просечни нето плати во 2008 година се исплатени во производството на кожа и предмети од кожа од 7.116 денари.

Годината што измина ја завршивме со инфлација од 8,3 отсто, намалена куповна моќ на населението, над 53 илјади семејства што примаат социјална помош, околу 280 илјади пензионери со просечна пензија од 9.865 денари.

На почетокот на оваа година продолжија негативните тенденции пренесени од минатата, а некои се заострија, како последица на светската рецесија. Тоа најмногу се гледа во намалувањето на обемот на производството и на услугите, откажување или намалување на нарачките, слабата заинтересираност на странскиот капитал за вложувања во нашево стопанство и ставање во мирување или преиспитување на веќе договорените инвестиции, и за нас, како синдикати, најлошата работа - губењето на работните места.

Според одредени проценки над 20.000 работници од нашата република ги имаат изгубено работните места или се упатени на привремен принуден одмор поради намалување на обемот на производството во фирмите каде што работат, заради откажување на нарачките, неповолните цени на светскиот пазар и сето тоа како последица од светската финансиска криза. Оваа бројка и според изјавите на самите работодавачи уште ќе се зголемува.

Во Република Македонија, од за нас како ССМ несфатливи причини, не е формирано посебно тело, на национално ниво, кое би ги следело неповолните ефекти врз нашата економија создадени од турбуленциите на светскиот пазар. За разлика од нас, во светот, будно се следат процесите и се преземаат мерки и активности во што се вклучени и синдикалните организации на светско ниво. Веќе е подготвена синдикална Декларација што е претставена на Самитот Г-20 во април оваа година во Лондон, која е подготвена од Меѓународната конфедерација на синдикатите. Декларацијата од страна на ССМ е доставена до Владата на РМ.

Општа оценка е дека светското стопанство се наоѓа среде сеопфатна тројна криза, која започна на пазарот на недвижности во САД, се прошири низ нерегуларниот финансиски систем во сенка и доведе, прво, до криза на кредитниот пазар, а потоа до криза и во вработувањето. Од почетокот на 2009 година идентификувани се 26 земји од Африка, Азија, Јужна и Средна Америка и од Источна Европа, како “изразито подложни“ на негативните влијанија на глобалната рецесија.

Најлошото можно сценарио што го предвиде МОТ, дека во светски рамки 50 милиони луѓе ќе останат без работа, веќе е оценето како премногу оптимистичко, бидејќи се очекува над 200 милиони работици да западнат во екстремна сиромаштија, при што бројот на сиромашните може да достигне 1,4 милијарди луѓе.

За поздравување се активностите што ги презема Владата последните денови, за изготвување на план за ублажување на кризата, како и средбите што ги остварува со бизнис заедницата и експертите. Во рамките на овие средби Владата на РМ треба да има средба и со синдикатите на национално ниво. И, денес од ова место, до Владата на РМ го упатуваме нашето барање за средба.

Во рамките на ова, сакам да истакнам дека никој нема право да ги смалува или укинува правата на работниците кои се тешко стекнати. Нема економски развој, продуктивност, нема слобода на човекот, рамноправност и еднаквост без почитување на правата на работниците и низ социјален дијалог нивен постојан развој и дополнување со нови содржини.

Претседателството на Советот на ССМ, имајќи ги предвид економските состојби во РМ, светската финансиска криза, состојбата на пазарот на трудот, секојдневното губење на работни места и други негативни појави, што претставува директен и разорен удар врз и така нискиот стандард на вработените и граѓаните, смета дека РМ се наоѓа во мошне сложена и неповолна економска и социјална положба која и натаму ќе се влошува.

За овие суштински и судбоносни прашања и проблеми ССМ расправа континуирано, особено сега кога економските состојби дополнително се заострени заради влијанието на светската економска криза. Неодамна, за економско-социјалната положба на работниците, Претседателството на Советот на ССМ одржа јавна седница во присуство и на другите национални синдикати и притоа усвои Заклучоци со кои се бара од надлежните органи и институции веднаш да преземат соодветни мерки и активности за справување со кризните состојби. Претседателството на Советот на ССМ со свои предлози до Владата на РМ реагираше и претходната година кога нагло почнаа да се зголемуваат цените на основните продукти и цената на струјата.

Дозволете ми накратко да ги презентирам Заклучоците, односно предлозите за ублажување и намалување на економската криза што многу влијае и на положбата на работниците. За таа цел, предлагаме:

  • подобрување на инвестиционата клима во државата и покренување инвестициони програми во инфраструктурата заради стимулирање на побарувачката.
  • да се запрат вложувањата во непродуктивни инвестиции
  • да се спречи зголемувањето на каматите и банките да пласираат поприфатливи кредити, како за работодавачите, така и за граѓаните
  • економско-социјалните прашања да бидат меѓу првите во агендата на Владата и во рамките на таа изработка на социјален план за работниците што ќе останат без работа поради светската финансиска криза
  • утврдување минимална плата како економска и социјална категорија со закон
  • Владата да усвои такви политики со кои ќе ги повика претпријатијата да не прогласуваат технолошки вишоци на првите знаци на проблемите и ќе им дава поддршка.
  • во целост да се почитуваат меѓународните стандарди за работничките права во контекст на прекин на работниот однос
  • да се обезбедат субвенции за работодавачите кои ќе воведат скратено работно време
  • имплементирање на Националниот акциоенен план за вработување 2008-2010 година
  • промовирање на инвестирањето во човечките ресурси и стекнување нови вештини на работниците од сите старосни групи
  • вработувањата во јавната администрација да се сведат на минимум
  • ограничување на бонусите и надоместоците на менанџерите и на членовите во управните или надзорните одбори
  • сите овие, како и други предлози неминовно ќе доведат и до потребата од ребаланс на буџетот за 2009 година.

 

Поаѓајќи од сите набведени предлози и мерки, потребно е одржување средба со Владата на РМ, ОРМ и синдикатите, со цел барањата да добијат соодветна реализација.

Рецесијата на глобално ниво, како и нашата економска криза бараат активен дијалог меѓу социјалните партнери за изнаоѓање соодветни мерки и чекори што ќе значат надминување на кризата и одење напред кон економски развој. ССМ е подготвен конструктивно да се вклучи во овие процеси и бараме да ни се даде место на преговарачката маса и да бидеме полноправен дел од новите структури на градење на нашето општество. Почитувањето на трудот е патот кон иднината, прогресот и демократијата во Република Македонија.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc