СВЕЧЕНО ПРОСЛАВЕНИ СТО ГОДИНИ НА СИНДИКАЛНОТО ДВИЖЕЊЕ

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

25.12.2008

Работниците не сакаат да живеат од социјална помош, туку од својот труд, рече претседателот на ССМ Ванчо Муратовски. Да не дозволиме во денешното време на технолошки развој да се враќаме назад...

 

Во свечена атмосфера на 25 декември во Сојузот на синдикатите на Македонија беше одбележана стогодишнината од синдикалното движење во Македонија. ССМ, како наследник на синдикалната организираност во Македонија, беше домаќин на високи државни гости, меѓу кои претседателот на Собранието Трајко Велјановски, министерот за труд и социјална политика Џелал Бајрами, претседателот на Организацијата на работодавачите Димитар Стојановски и други.

Претседателот на ССМ Ванчо Муратовски во својот говор накусо се задржа на клучните периоди од едновековното дејствување на синдикатите на територијата на Република Македонија. Нивната борба и залагање за подобро утре на нашите работници и граѓани ја продолжи Сојузот на синдикатите на Македонија, истакна Муратовски. Пренесуваме извадоци од говорот на Муратовски.

“Македонија во втората половина на 19. и почетокот на 20. век не беше самостојна држава, туку со своите 65.343 километри квадратни површина и со 2.300.000 население беше поробена и во состав на Османската империја.

Работничката класа ја сочинуваше пролетеризираното селанство, калфите, еснафските работници, како и малубројните индустриски работници. Експлоатацијата и дискриминацијата доведе работниците кон крајот на 19. век и почетокот на 20. век да започнат да ги превземаат првите отворени економски работнички акции, кога биле истакнувани и барања за ослободување на Македонија. Таков бил штрајкот на железничката пруга Велес – Демир Капија, кога се успеало да се издејствува од работодавачите повисоки надници и скратување на предолгото работно време, потоа штрајковите на скопските рудари, на шивачките работници во Струмица, на текстилците во Воден, на чевларските работници во Скопје, Битола, Серес, Драма, на переработувачите на тутун, на дебарските работници и други.

Се до 1908 година македонските работници немаа право на политичко и синдикално организирање и легално дејствување. Штрајковите беа забранети, штрајкувачите прогонувани и казнувани.

Младотурската револуција во 1908 година за работничкото движење во Македонија претставуваше значајна историска пресвртница, бидејќи создаде далеку подобри услови за негов побрз развој. Во земјата се почувствува нов полет во индустрискиот развој. Се зголемија индустриските претпријатија, а со тоа и бројот на вработените. Тоа услови зголемување на наемното работништво, кое користејќи се за првпат со установените политички слободи и уставни права се легализира и веднаш пристапи кон своето економско и политичко организационо оформување.

Со избувнувањето на Првата светска империјалистичка војна натамошната работа на синдикалните организации повторно била прекината. Работниците биле мобилизирани и испраќани на фронт.

Во меѓувоениот периот од 1919 – 1941 година работничкото движење добива нов развоен тек. Обновувањето и ширењето на синдикалното движење се вршеше под непосредно раководство на социјалистите. На создавањето на синдикалните организации им претходеше основањето на партиските организации, односно обединувањето на работничките движења на југословенските народи во единствена политичка партија и класен Синдикат.

Во овој период е забележано масовно организирање штрајкови и истакнување барања поврзани со работното време, надниците, колективните договори, безработицата и самоволието на работодавачите.

Поради исклучително изострената политичка ситуација и страв од нови протестни акции на работниците и поради опасноста тие да прераснат во отворен судир кралска Југославија во 1920 година ја донела Обзнаната, со која е забрането работничкото и синдикалното движење. Укинати се колективните договори, надниците се намалиле за 33 отсто, а работното време продолжено на десет и повеќе часа.

Во 1925 година на подрачјето ан Македонија главно се вршеше процес на организирање и дејствување на подружници на двете синдикални организации: независните работнички синдикати – револуционерни, под влијание ан КПЈ и УРСОВИ – те синдикати, или сојуз на независни синдикати, кој беше реформски, со јасно определена патформа. За кусо време скоро цела Македонија била покриена со мрежа на синдикални организации, и тоа најмногу на металците и железничарите, келнерите, шивачите и дрводелците.

Од 1929 – 1933 година се јавува големата светска стопанска криза, која ја зафати ионака неразвиената индустрија на Македонија и предизвика тешки последици по нејзиниот натамошен развој и по положбата на работниците.

Воведувањето на кралската диктатура за сите народи на Југославија значеше нов атак на дејствувањето на независните синдикати. Режимот најпрво се нафрли врз нив – беше забранета нивната дејност, бил запленет имотот и забранети нивните печатени гласила.

По капитулацијата на кралска Југославија територијата на Македонија беше поделена, македонскиот народ доживеа уште едно распарчување, а македонското стопанство, работниците и граѓаните претрпеа огромни штети. Беше воведен систем на стопанско ограбување и екплоатација на работните луѓе, меѓу кои купонски систем и спахиски систем, се зголемуваше бројот на воените богаташи. Се експлоатираа рудниците, индустриските суровини, се извезуваа илјадници тони руда, камен, јаглен, без царини или други такси и давачки.

Работништвото во Македонија се одѕва на повикот на КПЈ за стапување во партизанските одреди во 1941 година. Најголемиот број припадници на партизанските одреди од Македонија беа работници – металци, монополски и општи работници, електричари, шивачи, дрводелци, трговски помошници. Со паролата “Македонија на Македонците“ се спротивставуваа на новата поделба на окупацијата, како и на факлсификувањето на историјата на македонскиот народ.

Во Скопје во декември 1944 година била одржана Првата конференција на претставниците на работничката каса, а во јануари 1945 година бил одржан општ работнички митинг. Бил избран Акционен синдикален одбор, со задача во сите македонски градови да формираат месни акциони одбори, кои требало да ги организираат работниците и намештениците во свои струкови сојузи.

Во годините после Втората светска војна Синдикатот самоиницијативно се вклучи во обновата на земјата. Со донесувањето и спроведувањето на законот за аграрна реформа и колонизација и законот за национализација беа укинати феудалните остатоци во земјоделското стопанство. За првпат во историјата на македонскиот народ земјата им беше доделена на оние кои ја обработуваа, на селаните.

Во 19590 година е донесен Законот за предавање на стопанските претпријатија и вишите стопански здруженија на управување со работните колективи. Формирани се првите работнички совети во НР Македонија. Тоа значеше пресвртница за работничката класа, бидејќи започна да се воспоставува и да се изградува самоуправниот систем.

Од 1957 до 1985 година се одржуваа конгреси на самоуправувачите, средби на самоуправувачите “Црвен барјак“ и средби на клубовите на самоуправувачите на Југославија. Ова беше време на одвивање на силни процеси во развивањето на работничкото самоуправување.

Осумдесеттите години беа период на работничко незадоволство. Барањата за подобрување на работните права се изразуваа со прекини на работа. Прекините претежно се одвиваа во кругот на фабриките, односно во самите производни погони.

Во девеседеттите години, со продолжување на процесот на приватизација, транзицијата на општествените односи и развојот на политичкиот плурализам започна и трансформацијата на Сојузот на синдикатите на Македонија. Во 1990 година се одржа 13. Конгрес на ССМ, на кој беше потврдена потребата од изградба на Синдикат кој ќе одговори на новонастанатите услови на стопанисување.

Во 1996 година, на иницијатива на ССМ, Владата на РМ, ССМ и Стопанската комора на Македонија склучија Спогодба за формирање на Економско – социјален совет.

Во 2002 година штрајковите и протестите на претпријатијата загубари беа најмасовни, најорганизирани и најрадикални во РМ.

ССМ исто така беше активно вклучен при носењето и измените на законите од работно – правната сфера.

Денес ССМ е пред големи предизвици. Живееме во време на пазарна економија, кога приватната сопственост, слободата на пазарот и конкуренцијата се основа на нашата економија. Но не смееме да дозволиме интересот на капиталот за големи профити да не одведе до криза, до големи социјални разлики и до поделба на општеството на богати и сиромашни.

Сликата на економската состојба е за жал таква што имаме 600.000 граѓани кои живеат во сиромаштија, невработеност од 34 отсто и 70.000 семејства корисници на социјална помош.

Работниците не сакаат да живеат од социјална помош, туку од својот труд. Сојузот на синдикатите се залага за демократија, за владеење на правото, за почитување на пропишаните демократски процедури при носењето на законите, за јавност и транспарентност кај законодавната власт.

Работниочките права се тешко стекнати, затоа да не дозволиме во ова време на галопирачки индустриски и технолошки развој да се враќаме назад. Почитувањето на трудот е патот кон иднината, прогресот и демократијата во република Македонија.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc