РАБОТНИЦИТЕ ДОБИЈА ГАРАНТИРАН ГОДИШЕН ОДМОР

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

19.05.2009

Иницијативата на Сојузот на синдикатите на Македонија е скоро во целост прифатена - Уставниот суд ги укина одредбите од Законот за работни односи, со кои вработените практично беа лишени од правото за користење годишен одмор...

 

 

Правото за користење годишен одмор е заштитено за над 500.000 вработени во Република Македонија, произлегува од Одлуката на Уставниот суд, донесена на 13 мај. Со тоа скоро во целост е прифатена Иницијативата на Сојзуот на синдикатите на Македонија, односно на постапката која ја поднесе до Уставниот суд, информираше на денешната конференција за печат Драге Јованоски, раководител на Секторот за правна заштита на ССМ.

Сојузот на синдикатите стана веднаш против измените и дополнувањата на Законот за работни односи, кои Владата, без никакви консултации и расправи, ги усвои летото 2008 година. Покрај другите укинати права практично беше укинато и правото на годишен одмор. Работодавачите добија можност сами да одредуваат кога и дали ќе дозволат годишен одмор, и тоа без никакви санкции. Времетраењето беше исто така ограничено на 20 дена, без да се прецизира дали се тоа работни или вкупно денови.

Бидејќи Владата и Министерството за труд и социјална политика одбиваа секаков разговор ССМ се обрати до европските институции во Брисел и во Женева, од каде доби одговор дека такви одредби нема во работното законодавство во светот. Нашиот тим од 22 правници, ангажиран за ова и за други прашања, најде дека одредбата, членот 145 од Законот за работни односи, кој сега е укинат, е против Уставот на Република Македонија. Годишните одмори беа причина за протестите што есента 2008 година ги организираше ССМ во седум градови во внатрешноста и во Скопје. Во меѓувреме ССМ поведе постапка пред Уставниот суд, која доби позитивен исход.

Што се добива со Одлуката на устав ниот суд? Генерално е решено правото на околу 500.000 вработени, се елиминира можноста од манипулации. Сега секој по закон може вистински да користи годишен одмор, додека работодавачите имаат законска обврска да издаваат решение за годишните одмори на вработените. Времетраењето на годишниот одмор е одредено на 20 до 26 работни денови, со тоа што одредени категории работници (постари работници, инвалиди, работници кои чуваат дете со телесен или душевен недостаток) имаат право на уште три работни дена.

Битен фактор се казните предвидени за работодавачите. За правно лице казната е 8.000 евра во денарска противвредност, 5.000 евра за физичко лице и 1.000 евра за директор, односно управител.

Имаме сознанија дека правото се злоупотребува врз 100.000 до 150.000 вработени, информираше Јованоски. Сојузот на синдикатите и работодавачите можат да бараат засилен инспекциски надзор од Инспекторатот за труд, додека ССМ преку своитре регионални совети и канцеларии исто така ќе бара засилена активност за контрола на обврските на работодавачите.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc