ПРОБЛЕМИТЕ СО БРУТО ПЛАТАТА ПОГОЛЕМИ ОД ОЧЕКУВАНИТЕ

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

4.02.2009

Некои работодавачи ги “скокаат“ двете последни плати и стартуваат со јануарската, што е една од многуте лоши последици. ССМ, Организацијата на работодавачи и Стопанската комора утре ќе разговараат и за бруто платите......

 

Утре Сојузот на синдикатите на Македонија ќе се состане со Организацијата на работодавачи и со Стопанската комора, а дел од разговорите ќе се однесуваат на бруто платата.  Исто така ги поканивме двете министерства, за финансии и за труд и социјална политика, на 11 февруари да се состанеме и да видиме што да се прави понатаму со бруто платите. Се надеваме дека ќе ја прифатат поканата, иако досега немаме одговор, истакна на денешната конференција за печат Лилјана Јанкуловска, раководител на Секторот за економски и социјални прашања на ССМ.

Целта на средбите е да се види што со проблемите кои настанаа со бруто платата. На прашањето на новинарите дали ССМ не реагира доцна, Јанкуловска одговори дека ССМ од самиот почеток, од најавите и донесувањето на законот, ги поставуваше своите ставови и барања и тие се се уште исти и актуелни.

На прво место се бараше подготвителен период, од три или шест месеци, со цел да не дојде до застои. Инаку ССМ не е априори против воведувањето на новиот систем, затоа што по истиот систем се работи во повеќето европски земји.

Проблемите што ги очекувавме се видливи овие денови. Сведоци сме на огромни турканици во Управата за јавни приходи, каде врие од сметководители и странки. Во Република Македонија има повеќе од 60.000 правни лица, кои до 15 февруари треба да ги исплатат платите, а луѓето секој ден се враќаат со незавршена работа, истакна Јанкуловска.

Следната забелешка е на висината на надоместоците за превоз и исхрана. Имаме сознанија дека некои работодавачи не ја вклучуваат хранарината и превозот во основната плата, или пак ја пресметуваат во помал износ. ССМ смета дека е погрешно со закон да се ограничува нивото на хранарината на најмногу 20 отсто. Ние бараме почитување на законите, но и на колективните договори, во кои претежно е регулирано хранарината да изнесува 25 отсто од просечната плата на национално ниво. Проблемот особено се чувствува во јавниот сектор, каде дури и во дејностите со утврдени 25 отсто хранарина со колективен договор сега се исплатуваат 20 отсто.

Недозволиво е јавниот и приватниот сектор да бидат различно третирани. Не ја прифаќаме изјавата на министерот за финасии дека “не може да се натераат работодавачите да им исплатуваат превоз и храна на работниците“, нагласи Јанкуловска. Не ни постои посебен орган кој ќе следи дали во платата се вклучени превоз и исхрана.

Што со одразот на светската економска криза е прашање кое бара посебна анализа. Одреден број работодавачи ги испраќаат работниците на принуден одмор и не можат да им исплатуваат плати. Треба да се запрашаме дали за нив е потребен одреден преоден период.

Казните за работниците исто така се нелогични. Според законот работникот е должен да го пријави работодавачот ако не му се уплатени придонесите. Ако тоа не го стори, се казнува од 500 до 1.000 евра. Никој не знае како еден работник може да плати толкава сума. Основна цел на законот сепак е воведување на новиот систем на плати и приближување кон европското законодавство.

Имаме сознанија дека некои работодавачи ги немаат исплатено платите за октомври. Тие сега ги скокаат неколкуте плати и стартуваат со јануарската. ССМ не може да прифати таква постапка.

ССМ не се согласува со износот од 7.500 денари за даночно ослободување. Износот треба да биде најмалку 7.600 денари, а реално изнесува 8.200 денари.

Податоците од гранските синдикати во ССМ сведочат дека работодавачите со кои синдикатите разговарале воглавно се согласиле да ги вклучат хранарината и превозот во платите. Воопшто ние немаме проблеми со работодавачите кои се сериозни и кои сакаат да разговараат со Синдикатот. Други работодавачи размислуваат да воведат организиран превоз и исхрана, сметајќи дека на тој начин ќе заштедат, што може да биде прифатливо.

Новинарите се интересираа дали има точни податоци за последиците. Милан Мановски, секретар на Секторот за економски и социјални прашања, одговори дека првите званични податоци од Државниот завод за статистика ќе бидат достапни дури во март. На пример, последните се однесуваат за месец октомври 2008 година. Инаку ССМ смета дека Управата за јавни приходи треба да излезе со збирна информација за сите недостатоци од воведувањето на новиот систем на плати.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc