ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ КАНДИДАТИ НА РАЗГОВОРИ КАЈ СТЕЧАЈЦИТЕ

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

16.02.2008

Унијата на стечајни работници ги повикува сите претседателски кандидати да го соопштат нивниот став за нивните проблеми. Претседателот Ванчо Муратовски изјави дека за ССМ стечајците се работници како сите други и затоа им се дава апсолутна поддршка...

 

Денес во Сојузот на синдикатите на Македонија се одржаа средби на претставници на Унијата на стечајни работници со двајца претседателски кандидати, Љубе Бошковски и Нано Ружин. Испратени се покани до сите кандидати за претседател на државата, со цел стечајците да се запознаат со нивните ставови за проблемот на околу 37.000 лица во државата.

За Сојузот на синдикатите на Македонија нема разлика меѓу стечајците, работниците прогласени за технолошки вишок со другите кои активно работат, изјави претседателот на ССМ Ванчо Муратовски. Затоа им даваме апсолутна поддршка, додека целта на овие средби е претседателските кандидати да ги соопштат нивните гледања и ставови за оваа армија од луѓе. Синдикатот е со став дека мора да се најде решение - тоа е парична помош до ново вработување или до пензионирање. За жал, по законот што беше донесен минатата година згрижени се околу 1.300 лица, додека другите останаа без никаква помош. За тоа се потребни нешто повеќе од три милиони евра месечно, или околу 40 милиони годишно и тој износ може да се обезбеди од буџетот.

Драге Јовановски, раководител на Секторот за правна заштита при ССМ, е овластен преговарач на Унијата на стечајните работници и во тоа својство ги координира средбите со кандидатите. Оваа влада се изјасни дека не е надлежна да ги решава проблемите на работниците во приватните претпријатија. Сите претпријатијата сепак беа во општествена сопственост и не е толку важен правниот статус кога тие останале без работа. Затоа ако Владата и понатаму ги избегнува овие работници и ако не е способна да даде исправно решение стечајните работници ќе побараат нивна оставка.

Драге Јовановски потсети дека задутре, на 18 февруари, во 12 часот е закажан протест пред Владата, на кој ќе присуствуваат работници од целата земја.

Спорно е и прашањето на бројот на оваа категорија работници. Официјално се работи за 37.000 лица, меѓутоа некои од присутните работници укажаа на состојба која може многу да значи во претстојните избори. Тие укажуваат дека во 2004 година се регистрирани нешто над 49.000 работници со над 25 години стаж. Приближно толку се стечајците и прогласените за технолошки вишок со помалку од 25 години стаж. Значи, можат да се избројат околу 100.000 лица, кои со нивните семејства сочинуваат најмалку 300.000 граѓани. Од нив право на глас имаат 200.000 и тоа е голем фактор за изборите.

На прашањето на новинарите за одлуката на кој кандидат стечајците ќе му дадат доверба Јовановски одговори дека е се уште рано за одлуката и дека најпрво треба да се сослушаат самите кандидати.
Се поставува и прашањето за улогата на претседателот на државата за социјалните и економските проблеми. Ние сметаме дека претседателот според Уставот е надлежен да се грижи и да интервенира за сите социјални и економски состојби во земјата, објасни Јовановски.

Стечајците во повеќе наврати ја изразија нивната огорченост од досегашните обиди за средба со премиерот Никола Груевски. Се сретнавме само еднаш, на 15 минути, но стигнавме да му кажеме дека три милиони евра не се голема сума. Ни одговори дека буџетот е наменет за народот, на што рековме дека и ние сме дел од народот, сведочат стечајците.
За утре во 12 часот е закажана средба со претседателскиот кандидат Љубомир Фрчковски.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc