ПОСЛЕДИЦА ОД КРИЗАТА - ВО ЕВРОПА РАСТЕ ЧЛЕНСТВОТО НА СИНДИКАТИТЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

14.04.2009

Со избивањето на глобалната криза во Германија, Италија, Франција и Шпанија расте бројот на членови на синдикатите. Луѓето ни се придружуваат затоа што се плашат за нивната и за судбината на нивните деца, изјавуваат синдикалните лидери...

 

Членството на синдикатите се зголемува во повеќе западноевропски земји, но најкарактеристични се Германија, Италија, Франција и Шпанија. Тоа е директна последица од светската финансиска криза. Имено, се повеќе луѓе веруваат дека синдикатите се способни да се изборат за решенија на проблемите на вработените, и тоа без разлика дали преку дијалог или со судири со владите.

Додека многу влади и бизнисмени се тресат од глобалната криза, на синдикатите им расте популарноста и значењето. Во Германија најголемиот синдикат “IG Metal“ соопшти дека за два месеца добил 100.000 нови членови така што сега членството брои вкупно 2,3 милиони. Клаус Абел, од берлинскиот огранок на синдикатот, гледа јасен знак дека полека се враќаат времињата кога синдикатот беше моќен и незаменлив партнер во социјалните преговори за платите и условите за работа. “Луѓето кои ни се придружуваат велат дека тоа го прават затоа што се загрижени за опшиот неповолен развој на економските околности и затоа што стравуваат за својата и за судбината на нивните деца“, изјави Абел за “Берлинер цајтунг“.

Во Франција вработените имаат се повеќе доверба во синдикатите, кои имаат се порадикален пристап кон решавањето на проблемите со платите и со губењето на работните места. Така малиот синдикат “SUD“ (кратенка од солидарни, обединети, демократски) за кусо време, почнувајќи од декември, го дуплира своето членство од 100.000 лица. Портпаролот Аник Купе вели дека тоа е логична последица на кризата, во која традиционалните синдикати, како “CGT“ (Генерална конфедерација на трудот) не се снајдоа најдобро. “Луѓето доаѓаат кај нас затоа што сфаќаат дека оваа криза го потврди она што ние со години го зборуваме за капитализмот“, изјави Купе за дневникот “Прогре“ од Лiон.

За разлика од Франција, во Италија најголем број нови приврзаници добива најголемиот синдикат “CGIL“. Познавачите велат дека тоа не е чудно, затоа што во овој синдикат отсекогаш главниот збор го имаат комунистите и блиските политички партии кои се борат за правата на вработените.

Во Шпанија најголемиот синдикат Comisiones Obreras (што значи “работнички комисии“), инаку братски синдикат на францускиот “CGT“ и италијанскиот “CGIL“, има проблеми од друг вид - се повеќе членови не примаат плата и не плаќаат членарина. “Немаме проблеми со бројот на членови, напротив. Нивниот број постојано расте затоа што луѓето во нас гледаат единствено тело способно ефикасно да се спротивстави на либералниот капитализам и да придонесе за решавање на проблемите, изјави за “Паис“ генералниот секретар Игнацио Фернандес Тошо.

Доста интересна е ситуацијата во Германија, каде некои работодавачи најдоа сојузници токму во синдикатите. Нивниот заеднички противник е владата, од која бараат брзо и ефикасно да ги спасува фабриките и работните места. Таков е случајот со Марија Елизабета Шефлер, сопственичка на автомобилската индустрија “Опел“. Шефлер учествуваше на протестниот митинг, заедно со синдикатите, од каде е упатен апел на Ангела Меркел да му помогне на “Опел“.

Посебно е интересно што токму Шефлер порано упорно ги одбиваше барањата на нејзините 220.000 вработени за поголемо влијание врз управувањето со фабриката. Сега токму таа склучи спогодба со синдикатот “IG Metal“. Експертот на Институтот за економски истражувања “ВСИ“ од Берлин, Хајнер Дрибуш, смета дека тоа е само тактички потег и дека нема да стане тренд. “Компаниите како Опел одеднаш ги открија добрите страни од партнерството со синдикатите, но се сомневам дека ќе останат на иста линија после излегувањето од кризата“, гласи неговото мислење. Ситуацијата е уште поинтересна со поддршката на синдикатите од страна на двете владеачки партии, демохристијанската ЦДУ и социјалдемократската СПД.

Во секој случај глобалната криза ги поместува вкоренетите погледи кон синдикатите. Откако пред повеќе од една деценија се воспостави новиот, неолиберален светски поредок, синдикатите почнаа да слабеат. Капиталот не ги уважуваше затоа што не им беа потребни како социјални партнери - “ако не правите како што нас ни одговара ќе ги преместиме фабриките во источна Европа или во Азија, каде работната рака е нешто повеќе од џабе“. Овие аргументи беа толку силни што синдикатите се согласуваа на се, па и на намалување на платите. Но со избивањето на кризата, која настана токму поради неолибералниот капитализам, синдикатите повторно се најдоа во центарот на вниманието, како организации кои можат да влијаат врз владите и работодавачите.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc