ПОДДРШКА ОД ССМ ЗА НОМИНАЦИЈА НА ЖИВКО А. ПОПОВСКИ ЗА НОБЕЛОВА НАГРАДА ЗА МИР

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

th_21.01.2009_slika_cveke_popovski21.01.2009

Сојузот на синдикатите на Македонија ја поддржува иницијативата на Македонскиот центар за култура и развој сликарот и хуманист Живко А. Поповски да биде кандидиран за Нобелова награда за мир....

 

Македонскиот сликар и голем хуманист Живко А. Поповски од страна на Македонскиот центар за култура и развој е предложен за кандидат за Нобеловата награда за мир. Сојузот на синдикатите на Македонија безрезервно ја поддржува иницијативата, посебно поради тоа што Поповски во еден период од неговиот работен век беше активно ангажиран во редовите на ССМ.

Претседателот на ССМ Ванчо Муратовски испрати посебна писмена поддршка до Македонскиот центар за култура и развој. Нелко Нелковски, претседател на МЦКР, ни изјави дека досега се пристигнати над 300 официјални писма за поддршка на номинацијата кои, како предлагач, ги испраќа до Нобеловиот комитет во Осло. ССМ посебно ја испрати поддршката директно до Нобеловиот комитет за мир во главниот град на Норвешка.

На јавноста и е познат долгогодишниот ангажман на сликарот Живко А. Поповски. Досега има организирано над 300 добротворни изложби во Македонија и во странство, насловени како “Цвеќе на мирот“ и “На светот му се потребни мир, храна и солидарност“.

Ја пренесуваме содржината на писмената поддршка на претседателот на ССМ Ванчо Муратовски.

“Како претседател на најбројната организација во Република Македонија, Сојузот на синдикатите на Македонија, ви ја пренесувам желбата на целокупното наше членство да даде јавна поддршка на номинацијата за Нобеловата награда за мир на големиот македонски хуманист Живко А. Поповски.

Веста за номинацијата искрено ги израдува нашите членови, над двесте илјади лица, од сите работни профили: работници, службеници, медицинари, вработените во државната администрација, секако и од сите националности што живеат во Македонија: Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Хрвати, Власи и други.

Имаме и причина повеќе за ова наше обраќање што големиот хуманист Живко А. Поповски беше активен и во нашите синдикални редови, во еден период дури и како раководен кадар. Неговиот ангажман во македонскиот Синдикат, организација која како секој синдикат по дефиниција се бори за социјална правда, го дополнува неговиот животен концепт за братство, мир, еднаквост и благосостојба меѓу луѓето.

Не се нафаќа секој човек да го посвети животот на социјалната правда, иако, во тоа сум сигурен, повеќето луѓе на планетава имаат идентични погледи. Иако зборувам за огромното мнозинство на човештвото, малкумина се спремни да го посветат целиот свој живот на најхуманата цел.

Живко А. Поповски не потсети дека не треба многу за да го промениме светот во подобро место за сите луѓе. Парче хамер хартија, неколку мали шишиња акрилни бои, обична сликарска шпакла и создадено е уште едно уметничко дело. Поповски сиот прибор секаде го носи со себе, во обична чанта, и слика насекаде, на работна маса, на клупа во паркот, при разговор со познатите и непознатите. Но она што посебно го респектираме кај него е фактот дека, иако не е богат човек, тој не го наплатува својот труд и не бара ништо за возврат, дури ни за сликарските материјали. Најголема награда е макар мал придонес да се промени нашата свест. Најважен е актот на подарување на сликите и затоа се чувствуваме возвишено кога секоја негова слика ќе даде свој придонес, па нека е колку една точка во книга од илјада страници, во општата свест за поправеден свет и братство на сите луѓе.

Всушност Поповски ни порачува дека не треба многу одрекување за да се помогне таму каде е најпотребно. Приходите од сите изложби, односно сите подарени 30.000 слики, се наменети за децата во Третиот свет, за помош при земјотреси и други елементарни непогоди, за сите вонредни состојби кои не предизвикуваат наново и наново да го поставиме истото прашање: зошто не им помагаме на несреќните луѓе?

Горди сме, како синдикалци и како граѓани на Република Македонија, што македонската култура изнедри уште една, тивка и повлечена, но затоа не помалку значајна личност. Сметаме дека хуманистот Поповски се брои во значајните личности од македонската историја, чии пораки се универзални и кои ги чувствуваме како патоказ и должност. Меѓу најзначајните личности се револуционерот Гоце Делчев, кој на почетокот на 20. век, во време на бурните превирања на Отоманското царство, рече: “Јас го разбирам светот како поле на културен натпревар меѓу народите“, поетот Кочо Рацин, кој во Втората светска војна порача: “Куќа цел свет братски ми е“, додека мисијата на Мајка Тереза, родена во Скопје, е добро позната на сите луѓе на светот.

Би биле пресреќни ако кон плејадата личности кои потекнуваат од овој мал дел од Европа, плејада која не е ограничена на трите цитирани личности, се приклучи и сликарот Живко А. Поповски.“

21.01.2009_slika_cveke_popovski
Слика со цвеќе, типичен мотив на делата на Поповски

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc