ПЛАТИТЕ ДОЦНАТ, КАКВИ ЌЕ БИДАТ НЕ СЕ ЗНАЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

27.01.2009

Можно е голем број работодавачите во стопанството да не ги вградат досегашните надоместоци за превоз и исхрана. ССМ смета дека работниците не треба да бидат оштетени ни за еден денар...

 

До февруари останаа уште неколку дена, а никој во државата не знае што ќе стане со јануарските плати. Дека ќе доцнат е сигурно, но маса работници во стопанството не знаат во кој износ ќе добијат пари од поранешните категории надомест за превоз и храна – или, уште полошо, дали воопшто ќе ги добијат.

За вработените во јавниот сектор се останува по старо, тие ќе ги добиваат истите примања, затоа што досегашните надоместоци се вградуваат во платата. Неизвесни се платите на вработените во стопанството. Законот не обврзува исплата на овие примања, освен ако не се смета “препораката“ на министерот за финансии Трајко Славески работодавачите да ги вкалкулираат овие издатоци. Значи, може да се додадат, а може и целосно да се избришат.

Постои страв дека работодавачите во многу ситуации ќе го намалуваат делот што им го исплаќаат на работниците, објаснува Милан Мановски, секретар во Секторот за економски прашања на Сојузот на синдикатите на Македонија. Симулациите направени во службите на ССМ покажуваат дека досегашните средства што работодавачите им ги исплатувале на работниците, како плата и надомест за превоз и храна, се недоволни за новиот систем на пресметка.

Со други зборови, добар дел од работодавачите немаат финансиска моќ да ги вкалкулираат превозот и хранарината во бруто платата. Предлагачот на новиот систем на пресметка, Министерството за финансии, сугерира работодавачот, доколку има средства, да врши исплата на онаа сума што досега ја примале вработените. Меѓутоа, вкупната сума се зголемува, бидејќи придонесите за пензиско и здравствено осигурување се пресметуваат на поголема основица.

Некои од синдикатите во индустриските гранки исто така се уште се борат со непознаници, но истовремено стравуваат дека ќе има работодавачи кои ќе ја искористат ситуацијата. Посебно проблематична гранка е текстилната индустрија, каде егзистенција обезбедуваат над 50.000 лица. Тоа е нискоакумулативна дејност, во голем дел е ангажирана по Лон системот, односно доработка за странските пазари. Вработените се и најслабо платени работници во земјата, со плати кои се движат околу стотина евра или нешто повеќе, објаснува Анѓелко Ангелковски, претседател на Синдикатот за текстил, кожарска и чевларска индустрија.

Бидејќи бројот на работниците и на претпријатијата е голем, во оваа индустрија постои големо шаренило во однос на платите, начинот на исплатувањето, легалното и нерегуларното работење. Затоа може да не очекува вистинско шаренило во однос на воведувањето на бруто платата, проценува Анѓелковски. Во претпријатијата каде превозот и исхраната се регулирани, со мензи и организиран превоз, не се очекуваат поголеми промени. Што ќе биде кај останатите останува да се види.

Кај градежништвото исто така има големи непознаници. Извршниот одбор на Синдикатот на работниците од градежништвото, индустрија и проектирање (СГИП) завзеде став дека работниците не смеат да имаат помали примања од досегашните. Односно, јануарската плата да не биде ни денар помала од декемвриската. Претседателот на СГИП Павел Трендафилов не информира дека е испратен допис до претпријатијата од градежните дејности, како и до тамошните синдикални организации, да се стори се што е потребно работниците да не бидат оштетени.

Едно олеснување за работодавачите е што дополнителните средства обезбедени за придонесите за пензиско и здравствено осигурување ќе ги вратат во 2010 година. Следната година дополнително ќе се намалат стапките на задолжителните придонеси.

Ова е едно од решенијата, кое е сепак тешко да се оствари, затоа што целото стопанство се наоѓа во финансиска криза. Оттаму оправдани се стравувањата на ССМ дека кризата ќе се одрази врз платите. ССМ ќе предложи, со цел за ублажување на оваа состојба, зголемување на даночното ослободување, од сегашните 7.000 на 7.600 денари.

Во секој случај, треба да се почекаат исплатите за јануари и да се види што конкретно ќе се случува. ССМ ќе предложи и други мерки за да се оневозможи намалување на примањата на работниците, односно да се обезбеди и понатаму на работниците да им се исплатуваат плати во висина што ја примале во 2008 година.

Една од основните забелешки на ССМ по однос на овој концепт е тоа што тој како да се однесува само на вработените во јавниот сектор. Меѓутоа, нема законски решенија кои би ги обврзувале работодавачите од приватниот сектор кои досега ги исплатувале средствата за храна и превоз, истите да ги вградуваат во основицата. Тоа е оставено на нивната добра волја, објаснува Мановски.

На опасностите што ги носи новиот систем ССМ укажуваше уште во месец септември, кога одржа трибина за овој проблем, со учество на домашни и стручњаци од странство. ССМ не е против воведувањето на системот на бруто плати, но начинот што го одбра Владата не е вистинскиот, беше укажано на трибината. Законот е донесен без консултации со социјалните партнери и без пресметки за последиците. ССМ бараше подготвителен период од неколку месеци, со цел да се спречат негативните појави кои сигурно ќе се јават.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc