ОПАСНИТЕ ХЕМИКАЛИИ И ПОНАТАМУ НЕВАЖНА ТЕМА

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

16.06.2008

Кога се преточува амонијак работниците гледаат од кој правец дува за да ја наместат цистерната низ ветер. Слично е со заштитата од други хемикалии. Во Македонија ништо не се менува една година по донесувањето на Законот за безбедност и здравје...

 

На Блаце цистерни со отровни материи стоеја неколку дена и видовме како проблемот се решава - опасните хемикалии се фаќаа со голи раце. Десет лица се хоспитализирани и згора не дознавме за кои материи станува збор и колку се опасни.

Настанот потврдува дека заштитата на работните места во Република Македонија е закостена, запоставена тема. Со овој увод Борче Стојчевски, инженер по заштита при работа, ангажиран во Македонското здружение за заштита при работа, ги претстави состојбите со заштитата од хемикалии на синдикална работилница што се одржа минатата недела. Предавањата со наслов “Хемикалиите и влијанието врз безбедноста и здравјето на работното место“ ги следеа членови на Синдикатот за хемија и неметали, а беше организирана од Секторот за едукација и меѓународна соработка на ССМ и Фондацијата “Фридрих Еберт“.

Секој од учесниците имаше да додаде по некој пример. Кога преточуваме цистерна со амонијак гледаме од каде дува ветрот за да знаеме како да го поставиме цревото, за испарувањата да не ни удираат в лице, гласи едно сведочење. Во друга средина како заштитна опрема се даваат ПВЦ ракавици, кои ги штитат рацете, но не од сите материи. Ракавиците знаат да се топат при контакт со одредени хемикалии и после се јавуваат пликови на кожата. Или, транспортен работник преместува канистри со течност означена со “нагризувачко“, но открива дека една од нив не е добро затворена, па капачето го врти со рака.

Ако продолжи постојната практика Македонија ќе стане отпад за опасни материи, предупреди Стојчевски. Ние немаме големо производство на хемикалии, но тоа не значи дека сме поштедени од опасни материи. Во земјава влегуваат големи количества хемикалии од странство и тука треба да се применуваат стандардите за употреба. Најпрво треба да се преведени на македонски јазик, но барем половината имаат само декларација на англиски или друг јазик.  Секоја година се внесуваат нови противпожарни средства, наводно еколошки чисти, но не може секој да знае англиски. Всушност обврска на производителот е да направи превод на јазикот каде извезува, но овде никој не се потресува за комплетна декларација. Ако “Алкалоид“ како извозник во секоја земја со производите испраќа преводи на сите јазици, тогаш зошто државата за увезените хемикалии не бара преводи на македонски јазик.

Примери можат да се редат во бескрај, но како стоиме со заштитата?, праша предавачот Стојчевски. Се наоѓаме во една зачмаеност, една неодговорност, во која заштита се третира како споредна, малку важна тема. Минатата година е донесен Закон за безбедност и здравје при работа, но ништо не се менува во практиката.

Уште една илустрација – фрапантен податок е дека во Македонија службено нема професионални заболувања! Факт е дека имаме високо ниво на професионални заболувања, но тоа не може да се докаже. Најдобар начин е да се дијагностицираат опасностите и изложеноста на работниците, но заболувањата не се класифицираат како последица од загрозеното работно место. Оттаму и не може да се бара бенефициран стаж за ризичните професии.

Најдобар начин е правилно дијагностицирање на професионалните заболувања и превенција, отколку спорење дали човек се разболел од хемикалиите во претпријатието, затоа што пуши тутун, или што станот му е во близина на склад за инсектициди.

Законот за безбедност и здравје пропишува низа постапки, кои тешко се пробиваат. Постои Правилник за периодични лекарски прегледи. На секои две години треба да се прави проценка на ризичноста на работните места и дури тогаш ќе имаме вистинска слика за состојбите во работните средини. Требаше да се донесе Правилник за проценка на ризик на работното место, но таков документ се уште не е донесен.

Не се води сметка не само на персонално, туку и на национално ниво. Овде се уште може да влезат десет цистерни со хемиски отпад и да се изгубат некаде во земјава. Или да влезат како една, а да излезат како друга хемикалија. За да функционира законот треба да функционира системот. Во секој случај Македонија со евроинтеграцијата ќе има проблеми со стандардите за здравјето на работното место, предупреди Стојчевски.

Инда Савиќ од секторот за едукација на ССМ ја истакна потребата за осигурување на работниците од повреди и заболувања. ССМ беше вклучен во подготовката на законот и доста од нашите решенија се прифатени. Но кај осигурувањето некои пратеници во Собранието беа против, со образложение дека задолжително осигурување ќе било финансиско оптоварување за работодавачите! Во соседна Бугарија е сосем поинаку. Таму за еден изгубен прст работник има добиено премија со која го школувал синот во странство и изградил куќа, спореди Савиќ.

Снежана Петковска, исто така инженер по заштита при работа, зборуваше за опасностите за репродуктивното здравје. Тоа е најмалку обработувано подрачје, кое се третира како и другите сегменти од професионалните заболувања. Никој не води евиденција за репродуктивното здравје, но факт е дека во Република Македонија стерилитетот е во пораст, како и спонтаните абортуси.

Битни се и традиционалните предрасуди, според кои стерилитетот е одговорност само на жената. Меѓутоа, хемикалиите подеднакво го загрозуваат репродуктивното здравје кај двата пола. Кај жените како последица од хемиски агенси се менструалните нарушувања, проблеми со зачнувањето, развојот на фетусот (од хемикалии наречени мутагени), додека кај мажите последици се намалување на сексуалната желба (либидо), намалување на плодноста.

И во развиените земји е тешко да се утврди кои хемикалии имаат негативни ефекти врз репродукцијата. Најпрво затоа што постојано излегуваат нови (400 милиони хемиски материи се произведуваат во светот, секоја година по 1.200 нови), второ поради недоволното следење. Но потврдено е дека спонтани абортуси се почести кај вработените во индустријата за гума, за кожа, во металургијата, вродени дефекти се карактеристични за вработените во градежништвото, транспортот, текстилната индустрија.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc