ОД ВЛАДАТА ЌЕ СЕ ПОБАРА РАЗБИРАЊЕ ЗА БРУТО ПЛАТИТЕ

Внимание, се отвора во нов прозорец. PDFПечатиЕ-пошта

5.02.2009

Сојузот на синдикатите на Македонија, Организацијата на работодавачи и Стопанската комора го поддржуваат системот на бруто плата. Од Владата ќе побараат разбирање на големите технички проблеми...

 

Сите три страни се согласни дека системот на бруто плата мора да биде воведен. Што се однесува до големите технички проблеми што деновиве се јавија ќе биде упатено барање до Владата да покаже разбирање, како за работодавачите така и за работниците. Самата Владата треба да одлучи дали законот нема да се применува стриктно, или да се оди на некој вид пролонгирање.

Ова е приближно заедничкото соопштение на трите страни, Сојузот на синдикатите на Македонија, Организацијата на работодавачи и Стопанската комора, кои денес во ССМ одржаа состанок за неколку теми. Тоа се Општиот колективен договор за стопанство и колективните договори на гранките, социјалниот дијалог, трипартизмот и Законот за мирно решавање на работните спорови, истакна Ванчо Муратовски, претседател на ССМ.

Новинарите очекувано најмногу се интересираа за последиците од воведувањето на бруто платата. Сојузот на синдикатите уште од почеток го поддржува новиот систем, но истовремено бараше, и сега бара, пролонгирање на роковите за примена. Целта е да не се создадат пречки во стопанските текови и работниците да не бидат оштетени, нагласи Муратовски.

На прашањето на новинарите за сознанијата од теренот претседателот на ССМ објасни дека постојат сознанија дека платите во некои средини се намалени, како и тоа дека има случаи на исфрлање на превозот и исхраната од платите.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески рече дека новиот систем мора да оди понатаму. Токму Стопанската комора е иницијатор за воведување на новиот пресметковен систем и сега не треба да има застој. Бруто платата е приближување кон стандардите на Европската Унија и не смееме поради техничките проблеми да застанеме. Затоа од ССМ и од ОРМ бараме да не поддржат, рече Азески.

Поблизок став до гледиштата на Синдикатот покажа Димитар Стојановски, претседател на Организацијата на работодавачи. И ние го поддржуваме новиот  систем.  Бидејќи придонесите во Македонија се повисоки од околните земји, па и од Европската унија, требаше да се разгранични нето од бруто платата, за да се види точно како стојат работите со оптоварувањата во Македонија.

Меѓутоа, проблемите што деновиве се јавуваат се огромни. Самиот министер за финансии призна дека само вчера 17 отсто од барањата се одбиени. Ние исто така сметаме дека треба да се даде еден преоден период, а моментно се оштетени се и работниците и работодавачите.

На прашањето што после 15 февруари, кога истекува рокот за уплата на платите, по што законот предвидува казни и конфискации, Стојановски објасни дека трите страни од Владата бараат разбирање за реалните проблеми.

Точните податоци колку работници не зеле плати и какви ќе бидат последиците ќе ги знаеме на 15 февруари, додаде Муратовски. Инаку трите преговарачки страни ќе се состанат отприлика после еден месец.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc