НОВИНАРИТЕ ПОРАЧАА: ДОСТА Е, ПРЕТЕРАВТЕ!
4.05.2009
Вкупната сума на изречените казни против новинарите е 250.000 евра, се слушна денес на протестот на македонските новинари. Одбележувајќи го Светскиот ден на слободата на говорот тие собраа храброст да кажат: ние сме понижувани, потценувани, малтретрирани, девалвирани, тероризирани...
Барем десет сочни квалификации се слушнаа денес на протестот на новинарите, што се одржа точно напладне на плоштадот “Македонија“ во Скопје. Ние сме девалвирани, понижувани, малтретирани, злоупотребувани, врз нас се врши терор и агресија, изјави Роберт Поповски од организаторот на протестот, Здружението на новинарите. Инаку протестот се одржа по повод Трети мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, под мото “За достоинствена професија, за достоинството на новинарите“.
За цело време на транзиција денешниот протест е еден од ретките јавни истапи на новинарскиот сталеж во Македонија. По две децнии молчење и трпење, или она што народски се нарекува “збирање во себе“, изгледа дека во фелата полека зреат условите за организираност на повисоко ниво од постојното.
Изгледа чудно што оние кои информираат немаат храброст да побараат права за себе, оние на кои говорот и пишувањето им е професија не потрошиле ни грам мастило на јавноста да се пожалат за сопствените проблеми, кои не се ни мали ни беззначајни. Журналистичкиот сталеж не е настрана од општествената состојби и ги трпи сите неволји. Ниски плати, прекувремена работа, неплатени придонеси, нерешен статус, работење на црно - има во медиумите се, можеби и во поголема мера од стопанството. Во овие кругови се раскажува една самоиронична фраза: Колку месеци можеш да не даваш плати на текстилни работници? Три месеци, после штрајкуваат и мора да им се даде плата. Колку време можеш да не ги плаќаш новинарите? Бесконечно!
И Роберт Поповски зборуваше во истиот правец. Нема да дозволиме нашата професија да служи за потсмев, да се врши терор и агресија врз новинарите, да бидеме доживувани како извршители на медиумските, политички, бизнис и какви не апетити на таканаречените моќници, да бидеме девалвирани, злоупотребувани, малтертирани, понижувани. Пораката е: Доста е, претеравте!
Во изминативе две години во судовите против новинарите се водат повеќе од 160 постапки за клевети, додека вкупните парични казни изречени против новинарите изнесуваат 250.000 евра. Вака не суделе ни преките партиски судови во минатото. Ве охрабруваме и ви ја нудиме вашата поддршка да се одважите и да одолеете на сите притисоци, се обрати Поповски до судството.
Господо политичари, доста е со вашето доживување на новинарите како алатки за градење на вашите кариери. Се навикнавте да имате под контрола новинари, па и цели редакции, на кои им диктирате што треба да објават. Ние не сме ваши мегафони. Има доволно совесни новинари што држат до сопственото достоинство.
Слични пораки беа уптатени кон бизнисмените и сопствениците на медиумите. Поразувачки е фактот што македонските новинари, со просечната плата од едвај 250 евра, се најслабо платени на балканот, а за Европа да не говориме.
Со поинаков тон Поповски се обрати кон аудиториумот. Гледачите, слушателите, читателите се единствените што континуирано и безрезервно ни ја даваат поддршка. Сите анкети покажуваат дека во Македонија публиката најмногу им верува на новинарите и медиумите.
Плашливоста се одразува и врз самата синдикална организираност. Во многу медиуми вработените не смеат да изговорат ни “с“ за синдикално организирање и затоа практично не е возможно синдикално заживување на оваа професија. Во рамките на ССМ постои ГИФИХ (Синдикат на графичка, информативна, филмска, издавачка дејност), каде членуваат вработени од само три медиуми. Кај другите се знае дека нема шанса да се изборат кај газдата за формирање на синдикална организација - што дополнително објаснува во какви услови работат македонските новинари.
Никој точно не знае ни колку луѓе заработуваат од новинарската професија. Здружението на новинарите брои околу 1.500 членови, но таму не членуваат сите новинари. Понатаму, точна бројка не може да се добие поради тоа што многумина се непријавени, со или без договор на дело. Во медиумите, пак, покрај новинарите работат и технички служби. Всушност самите новинари се малцинство во весниците, телевизиите, радијата, во поново време и на Интернет порталите. Сите овие луѓе формираат една цела индустрија, која според некои проценки брои меѓу шест до седум илјади лица.