МЛАДИТЕ И НЕВРАБОТЕНОСТА - КАКО ДА СЕ НАЈДЕ СВОЕТО МЕСТО
22.04.2009
Вклучувањето на младите во нормалните текови на животот е широко поле за долготрајно дејствување. Најпрво треба да се лоцираат актерите кои учествуваат во вработувањето - државата, работодавачите, Синдикатот, невладиниот сектор...
Кога се зборува за социјално вклучување на младите генерации во општеството често пати не се знае на што точно се мисли. Полето за дејство е доста широко, треба да се опфатат повеќе актери, аспекти, да се обработуваат многу податоци. Првата задача е да се одредат клучните актери во вработувањето на младите.
Ова е уводната изјава на Кристина Велкова од “Балканската фондација за деца и млади“, на денешната сесија што се одржа во Домот на АРМ во Скопје. Средбата е меѓу првите активности на проектот “Отворен дијалог за социјално вклучување на невработените млади и правата од работниот однос во Македонија“. Проектот ќе трае две години, заеднички го изведуваат Балканската фондација за деца и млади, Сојузот на синдикатите на Македонија и Универзитетот во Љубљана, додека е финансиски помогнат од Директоријатот за вработување, социјални работи и еднакви можности на Европската комисија.
Одржливоста на една земја зависи од вклученоста на младите во сите текови, во прв ред од нивната вработеност. Со стапка на невработеност од 35 отсто, која кај младите во еден период достигна 57,7 отсто, Македонија се судира со огромни проблеми на овој план, рече Кристина Велкова. Треба да се одговори на пет клучни прашања:
- Дали општествената вклученост почнува со образованието?
- Колку бизнис заедницата го прифаќа младиот кадар?
- Која е причината за одливот на мозоци?
- Што се случува во периодот од завршувањето на образованието до првото вработување?
- Колку значи дополнителната и практичната работа?
Учесниците на дебатата воглавно се задржуваа на овие прашања. Јудита Петерлан од Универзитетот во Љубљана ги објасни приликите во Словенија и во Европската Унија. Постојат промени во пазарот на трудот, каде понудата на млада работна сила се намалува. Во еден дел тоа е последица на намаленото учество на младите во вкупното население, во друг на продолженото образование. Во Словенија 27 отсто од малдите се со високо образование, со што оваа земја е над европскиот просек.
Следна карактеристика е проширувањето на хонорарните и дополнителните работи на средношколците и на студентите. Над еден отсто од словенечкиот ГНП се остварува токму преку дополнителните работи на младите, информира Петерлан.
Кога се зборува за Европската Унија во сите земји се воведени различни стимулативни мерки за зголемување на вработеноста на младите. Во Полска и Холандија се воведени даночни олеснувања за вработување на младите, во Австрија работодавачите добиваат субвенции, во Франција се организира дополнителна обука. Стимулациите се од најразличен вид и сите даваат резултати.
Лиси Караниколова, професор на “Европскиот факултет“ во Скопје, е на мислење дека образовниот процес во Македонија ги следи потребите на пазарот на работна сила. “ФОН“ најпрво почна со два факултети, подоцна се воведени други, според интересот на студентите. Меѓутоа, постои разлика меѓу поранешните и сегашните мотиви, истакна Караниколова. Порано примарни беа личните мотиви и желби, додека сега професијата се избира според утрешните можности за вработување.
Која е улогата на синдикатите во заштитата на младите? За ова прашање објаснување дадоа Инда Савиќ, Гордица Бошковска и Љубица Дековска од Сојузот на синдикатите на Македонија. Младите малку знаат за Синдикатот, како и за видовите помош кои ги овозможува. Во однос на практикантска работа младите прифаќаат секакви ангажмани, со единстевна цел да дојдат до зарабоотка или да им помогнат на своите семејства. Ситуацијата ја користат работодавачите, кои можат да се однесуваат спрема вработените како што им одговара. Воопшто младите се една од најпогодените категории населението во однос на вработувањето. Со одлуката на Владата за замрзнување на вработувањата во државната администрација, која се обзнани вчера, повторно најголемиот удар го трпат младите, објасни Савиќ. Инаку утре доста значаен аспект ќе биде заштитата и безбедноста на работното место.
Правната помош е само еден аспект од синдиклалната заштита за која младите малку знаат. Но кога еднаш ќе се влезе на работа, правната заштита може да стане многу битна. Најважно е што правната помош што за овозможува Сојузот на синдикатите е бесплатна и што ја водат обучени правници, информираше Гордица Бошковска, правен застапник на ССМ во Куманово.
Прашање е колку во Македонија институциите се сериозни за прашањата на младите, истакна Љубица Дековска. Донесен е Национален акционен план за вработување, кој во основа е само попис на желби, без никакви конктретни мерки. Нема анализа за причините за невработеноста на младите, додека работодавачите се плашеа да одговорат на анкетата кои профили во иднина ќе им требаат. Затоа и се одлучи да се изработува нов, сеопфатен Акционен план за вработување.
Дали образовниот процес во Македонија го следи пазарот на трудот е дискутабилно прашање. Обично се мисли дека образованието го следи потребите на пазарот, но не е така, рече Лазар Јовевски од Правниот факултет “Јустинијан Први“ во Скопје. Во многу случаи млади со завршен факултет прифаќаат работа од сосем друга област, понекогаш наново се запишуваат на нов факултет.
Кај невработеноста на младите се клучни две работи - отворање на нови работни места и промена на образовниот систем. Добар пример е информатиката, која се изучува во високото образование. Но младите се доста флексибилни, послободни и не се многу расположени да работат за ниска плата. Така се случува дефицитарен кадар, како информатичарите, да си замине од земјава. Значи, и дефицитарниот кадар бега кога може. За споредба, во Германија и Грција и други европски земји се прават посебни програми во кои се следат потребите на пазарот.
На сесијата беше забележлив интересот на слушателите, кои повеќето беа од студентската младина. Ова е една од првите средби и може да се очекуваат понатамошни интересни размислувања за оваа општествена состојба.