МАКЕДОНСКИОТ ПРВИ МАЈ ДЕЛ ОД СВЕТСКИОТ ТРЕНД

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

01.05.2008

Празникот на трудот помина во весела, но на моменти трогателна атмосфера. Најважно е што македонските работници покажаа дека се достоен дел на светското работништво...

 

Додека децата од КУД “Мирче Ацев“ пееја народни песни, а стотици луѓе на тревата ручаа грав во пластични чинии, покрај познатата “Школка“ во стариот дел на Градскиот парк две познати лица водеа некоја очигледно жестока дискусија. Тоа беа Војче Китановски и Иван Карадак, кои умеат да не засмеат со само два збора, но овојпат немаа ни публика,  ни микрофон, зборуваа за себе, а сепак беа возбудени.

- Не сфаќам зошто кај нас во Македонија не се создаде свест за одговорност, за заедништво. Никој не мисли за народот. Па се знае како е во културен свет, половина за себе, половина за другите. Кај нас земаат сто отсто, а да можат ќе земат илјада отсто! Не оди така, како нација никаде нема да стигнеме! -  гестикулираше со раце Војче.

Ги прашуваме, кога веќе сме кај разликите со другите земји, зошто македонските политичари никогаш не се појавиле меѓу народот на Први мај.

- Па тие не одат ни на натпревари на националната репрезентација – презеде Карадак. - Ни победи не честитаат. Да има како, ни на гробишта нема да отидат. Е, ама таму еднаш ќе мораат. Ќе дочекаме, - замафта со глава познатиот хуморист.

Популарните забавувачи, на кои сатирата им е занает, а хуморот алатка, иако во свој стил зборуваа за македонската елита (во Македонија, сосем оправдано, не се прави разлика меѓу политичката и бизнис елита) всушност го изразија ставот на безмалку целата популација на оваа земја. Се е јасно како ден: бизнисмените и политичарите не мислат како живее обичниот народ. Еден се збогатува, а стотина осиромашуваат. Мал дел не знае колку пари има, огромниот едвај крпи за просто преживување. Така не може да трае во недоглед!

Мислата се чувствуваше при дефилето на неколкуте илјади синдикалци низ центарот на Скопје. Прекрасно време, град што се капи во сонце, празнична атмосфера, народна музика и - илјадници луѓе во достоинствена мисија и со благородни пораки. Низ говорите пред Собранието и Владата, после пред “Школката“, пораките можат да се сублимираат во една куса фраза: мислете на обичниот народ! Не бегајте од луѓето, дајте да направиме на сите да им биде добро!

На моменти се јавија трогателни сцени, кога постари луѓе со солзи во очите ги поздравуваа луѓето од колоната, кои носеа знамиња и транспаренти. Премногу стари за да се придружат, со крената тупаница, препознатлив гест на борбата за елементарна правда, покажаа дека во македонската култура е задржан здравиот однос кон трудот и работата: тој што работи е чесен и исправен човек. Работник, тоа е нешто гордо, достоинствено. Можеби едвај преживува, но заслужува поголема почит од “оние горе“. Да кажеме, од разните матикаши кои газат по трупови, само да го купат последниот модел на луксузниот џип.

На денешната прослава стана јасно и нешто друго – Македонија не е надвор од светските трендови. Расне свеста  за толку потребното заедништво, за заедничката борба за која се знае дека нема да ја води никој освен самите ние. Капиталот во целиот свет во последните години е во офанзива, без обѕир граба се за себе, додека на работниците им дава се пониски плати. Појавата е се помасовна и во една Германија, Франција, Британија, скоро во сите земји на благосостојбата. Политичката елита е или купена, или гледа да не се замери со капиталот. Всушност денес место вистински политичари владеат ситни чиновници. Тие за ситни пари му служат на капиталот и за да се додворат манифестираат потценувачки, дури и непријателски став кон трудот.

Затоа синдикатите во цел свет раснат, зајакнуваат и стануваат се попривлечни за стотици милиони лица. Работниците во Западна Европа, во двете Америки, во Азија и Африка, сфаќаат дека никој нема да им даде ништо ако самите не се изборат. Јасно е како ден дека допрва, на почетокот на 21. век, светот оди напред само технолошки, додека духовно се враќа во минатите времиња. Во осумдесеттите и деведесеттите години синдикатите станаа доста слаби, дури им предвидуваа заминување во историјата, но во последниве години доживуваат тивок, но сигурен препород. Само за последните неколку месеци милиони лица, предводени од синдикатите, демонстрираа во Франција, Германија, Грција, Словенија, и тоа воглавно под истото мото: “Поголеми плати!“

Истото мото е избрано за официјално на Празникот на трудот во 2008 година. Дури во Македонија соодветствува со состојбите, но радува што денешната прослава на празникот покажа дека луѓето во оваа земја се достојни да бидат дел од судирот меѓу трудот и капиталот, судир кој допрва ќе ескалира.

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc