МАКЕДОНСКАТА ТРУДОВА ЛЕГИСЛАТИВА И ЕВРОПСКИТЕ НОРМИ
28.04.2009
“Хармонизација на националната трудова легислатива на Македонија со европските стандарди и реформите на пензискиот систем“ е тема на работилницата што де одржува на 28 и 29 април во Скопје...
Усогласувањето на македонските закони од областа на трудот со европските стандарди е обемна материја, која бара доста време и труд. Република Македонија е кандидат за членка во Унијата и оттаму хармонизацијата на законите е еден од најважните услови за полноправно членство.
Ова е една од уводните напомени на работилницата “Хармонизација на националната трудова легислатива на Македонија со европските стандарди и реформите на пензискиот систем“. Работилницата е организирана од страна на Фондацијата “Фридрих Еберт“, ITUC, Паневропскиот синдикален совет (PERC) - Канцеларија за југоисточна Европа во Сараево и Европскиот регионален совет. Како активни учесници се поканети Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Унијата на независни и автономни синдикати (УНАСМ) и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).
“Процесот на приближување кон ЕУ и неговите предизвици“ е наслов на предавањето на Вибке Варнек, истражувач од “ЕТУИ“.
Правните застапници Драге Јовановски од ССМ, Дивна Змејковска од УНАСМ и Билјана Чкламовска од КСС ги изнесоа нивните ставови за измените на Законот за работни односи.
Попладнево Вибке Варнек ќе одржи предавање “Договорите за работа, видови и нивна заштита во земјите на ЕУ“, каде се опфатени повеќе аспекти, како договорите за определено и скратено време, заштита од престанок на договорот, регулација на синдикалното организирање според закон и репрезентативност.
Утре Мартин Хутсебаут, експерт на “ЕТУИ - РЕХС“, ќе зборува за системите на социјалната заштита во Европската Унија.
Во крајниот дел на работилницата ќе се анализира пензискиот систем. Милан Мановски од ССМ ќе даде објаснување за актуелните реформи во пензискиот систем во Македонија и последиците од реформите, додека излагањето на Мартин Хутсебаут носи наслов “Економските последици од популацијата што старее и реформите на пензискиот систем; влијание врз финансиската стабилност“.