КОНТРОЛАТА НА ЛЕТАЊЕ ЌЕ ШТРАЈКУВА ВО ЧЕТВРТОК
13.04.2009
Синдикалните организации во Агенцијата за цивилно воздухопловство за четврток, на 16 април, стапуваат во штрајк. Причина се решенијата на Управата за јавни приходи, која бара поврат од 10 милиони евра на име ДДВ. Следуваат огромни штети ако странските компании го заобиколуваат македонскиот воздушен простор...
Три синдикални организации на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Контролата на летање, Воздупловно техничкиот персонал и Воздухопловниот персонал во системот контрола на летање, за четврток, 16 април, закажаа штрајк. Причина се решенијата на Управата за јавни приходи, со кои треба да се префрлат 10 милиони евра по основ на поврат на данок на додадена вредност.
Синдикалните организации писмено се обратија до премиерот Никола Груевски, со барање на итен состанок. Со пристигнатото решение од УЈП директно се влијае врз иднината на воздухопловството во Македонија, се вели во обраќањето.
Контролорите сметаат дека доколку се прелеат средства наменети за воздухопловството во Буџетот следуваат санкции од европските институции. Одлевањето на средствата од сметката на АЦВ значи намалување на безбедноста на системот на контрола на летање. Со тоа ќе се испрати директна порака до авиокомпаниите кои го прелетуваат воздушниот простор на Македонија да не заобиколат, што ќе доведе до уште помал прилив на средства наменети за АЦВ.
Во прашање се околу 12 милиони евра годишно. Надлежните мора да разберат дека тие пари не доаѓаат од буџетот, туку од EUROCONTROL, велат од синдикатот.
Со грешките кои ги прави УЈП кон Агенцијата за цивилно воздухопловство претстојат санкции од европските институции, напоменуваат контролорите. Ако УЈП тоа го стори ќе реагираат EUROCONTROL и IATA, кои ќе бараат поврат на истите средства од државата кон EUROCONTROL. Во обраќањето до премиерот контролорите известија дека веќе ги информирале EUROCONTROL, IATA, ATCEUC и Европската комисија, кои веднаш дале безрезервна поддршка и ветување за секаков вид помош.
Синдикалните организации на АЦВ членуваат во Синдикатот за сообраќај и врски, кој е конститутивен дел на Сојузот на синдикатите на Македонија. Тие известуваат дека штрајкот ќе отпочне во 11 часот и ќе трае шест часа. Секој нареден четврток повторно ќе се одржува штрајк, со тоа што времетраењето ќе се зголемува по четири часа, по два часа пред и после терминот за овој четврток.
Другите барања се доследна примена на Законот за воздухопловство во делот на раздвојување на АЦВ во Регулаторно тело и Давател на услуги во воздухопловната навигација. За оваа операција краен рок беше 31 март 2008 година. Понатаму се бара доследно почитување на Законот за заштита при работа, потпишување Колективен договор, примена на Законот за работни односи за ноќните смени и подобрување на условите за работа.