КОЈ СЕ РАДУВА ШТО ССМ НЕ ДОБИВА БУЏЕТСКИ ПАРИ

Attention: open in a new window. PDFPrintE-mail
There are no translations available.

28.01.2009

Во неделникот “Фокус“ новинарката Јадранка Костова најостро ја критикува Владата за распределбата на средства на невладиниот сектор. Ја фали само за едно - што ССМ не добива средства...

 

Во неделникот “Фокус“, број 708 од 23 јануари, новинарката Јадранка Костова објави опширен напис за распределбата на буџетски пари во 2008 година за поддршка на невладиниот сектор. Тема на написот се решенијата на Генералниот секретаријат на Владата од 25 декември. Меѓутоа, авторката на двапати го споменува Сојузот на синдикатите на Македонија, и тоа во негативен контекст.

Не сме изненадени, затоа што Костова е стар непријател на ССМ, која не пропушта прилика да и напакости на организацијата. Од кои причини најдобро знае самата. Така постапува и во последниот напис – ја осудува Владата за критериумите на распределба, за нетранспарентност, за политичка блискост со невладините организации, што секако е нејзино право, но затоа се согласува дека ССМ не треба да добива средства за оваа намена. Се враќа и поназад во времето, осудувајќи ја финансиската помош која беше дадена на ССМ како најголема организација во невладиниот и граѓанскиот сектор.

Костова добро знае дека “аргументите“ најдобро поминуваат ако се стават во политички контекст и така постапува. Вели, “ако бевме противници на ваквите појави во времето на СДСМ кога средствата наместо во здруженијата одеа во Сојузот на синдикатите...“ Потоа, “како што некогаш СДСМ беше најдарежлива кон ССМ на Муратовски...“ Мораме да напоменеме дека ССМ не е на Муратовски, туку му припаѓа на членството.

После подготовката (употребен е стариот метод “смисли потреба – понуди решение“) следува “клучната“ констатација: “Некои грешки од минатите СДСМ - овски влади, сега груевци ги корегирале како, на пример, забелешката од анализата од 2007 година што се однесува на ССМ, кој неколку години издашно добивал пари од бранковци. Стои констатацијата дека синдикатот воопшто не може да се третира како здружение на граѓани, ниту како фондација, и не е подобен за да добие финансиска помош од буџетот...“

Веруваме во демократското право секој да може јавно да го изрази сопственото мислење, но не можеме да прифатиме факти што тенденциозно се поставуваат. Немаме намера да полемизираме, туку да изнесеме неколку факти.

Погрешно е ССМ тенденциозно да се турка кон “бранковци“ и грујовци“ (изрази на авторката). Синдикатот по дефиниција е невладина, непартиска и интересна организација. Според природата на дејствување тој е опозиција на секоја влада, без оглед од која политичка боја е. Со секоја влада Синдикатот е и партнер и противник, и соговорник и опонент, и соработник и коректор – така е барем во развиените демократии, во чие друштво сака да влезе и Македонија.

Сметаме дека Синдикатот треба редовно да добива буџетски средства, кои строго ќе одат за конкретни проекти, како заштита при работа, едукација, јакнење на социјалниот дијалог. Во сите западноевропски земји вообичаена практика е синдикатите да добиваат државни средства за трошоци, посебно за оние кои имаат пошироко меѓународно значење.

Секоја умна влада инвестира во социјалниот дијалог, со цел да се одржува социјалниот мир и да не доаѓа до конфликти. ССМ одржува бројни врски во меѓународното синдикално движење и оттаму добро знае дека многу европски синдикати одржуваат безброј активности и проекти со парите што ги добиваат од нивните влади. Значи, според логиката на Костова, она што е нормално и вообичаено во Европа, не треба да се остварува во Македонија. Или, тоа што е добро за Европа не чини за Македонија. Нашите колеги кои доаѓаат од другите земји сведочат дека во добар дел, понекогаш и целосно, добиваат редовна помош од државата. Патем, катастрофална е оценката на Европската унија за состојбата со социјалниот дијалог во Македонија.

Со цел засилување на демократските и воопшто на сите позитивни процеси во Македонија треба да се зголемат државните средства за целиот невладин сектор. Социјалниот дијалог и другите синдикални функции се само еден дел од овој идеен комплекс и редовно треба да им се помага на сите организации со демократска и хуманистичка определба. Тука се добротворните друштва, организациите за грижа на децата и жените, на инвалидите и лицата со посебни потреби, на екологистите и поборниците за здрава исхрана – накусо, на сите организации кои работаат за општото добро на заедницата.

Изнесуваме дека еден единствен денар, од порано добиените средства, не е потрошен ненаменски, туку сите се употребени за конкретни проекти. Тоа се експертизи од странство за закони и прописи од трудовата сфера, обука на синдикални активисти, бројни меѓународни семинари. Иако не беа во прашање некои големи суми, за се постои прецизна документација.

Беспредметно е да се оценува дали Синдикатот е “подобен“ да добие финансиска помош од буџетот, во смисла дали да се брои во невладина организација или здружение на граѓани. Согласно Законот за здруженија на граѓани ССМ формално, суштински и по самата природа на делувањето спаѓа во граѓанскиот сектор. За пример, европретставникот Ерван Фуере нема дилеми со тоа и кога го повикува граѓанскиот сектор секогаш испраќа покана до ССМ. Впрочем, доволен е самиот факт дека ССМ е организација со најмногубројно членство, дека има јасна програма на работа и дека – е настрана од политичките процеси.

 

Одделение за комуникации и медиуми при ССМ

ILO Employment, Social Affairs and Equal Opportunities - EU FRIEDRICH EBERT STIFTUNG Организацијa на работодавачи на Македонија etuc